Фото: Игор Бансколиев

Проблемот со континуираниот раст на цените, но и недостигот од одредени прехранбени продукти добиваат загрижувачки размери.
Очекувањата се дека најсилно погодени од недостигот од пченица, пченка и од другите стратегиски земјоделски производи ќе бидат помалите и посиромашни држави, меѓу кои спаѓа и Македонија. Загрозени се и светските резерви на храна. Она што нашата држава може да го преземе како долгорочна мерка е зголемување на домашното производство и зголемување на површините засадени со некои од овие култури, особено со пченица

ПОРАДИ ВОЕНИОТ КОНФЛИКТ ВО УКРАИНА

Растат цените на пченицата и на другите житни култури на светските берзи. Но раст има и на цените на ѓубривата што се користат во земјоделството и на другите трошоци во производството на земјоделските култури, како нафтата и гасот. Инволвираните стравуваат од дополнителни поскапувања поради војната во Украина. Светските медиуми укажуваат на значењето на Украина и на Русија во производството на храна, од каде што се обезбедуваат големи количества житни култури и растително масло, поради што се стравува дека на удар ќе бидат сиромашните земји што увезуваат храна од овие земји. Војната во Украина и санкциите против Русија им нанесуваат штета на голем број држави, од Египет до Германија, кои во голема мера се потпираат на пченица и природен гас од овие земји.
Домашните експерти велат дека засега Македонија нема да почувствува недостиг од храна, особено пченица, иако вкупните потреби ги задоволуваме со увоз. Стравувањата се дека дополнително продлабочување и пролонгирање на воениот конфликт ќе се одразат врз сите, со раст на цените и со намалени количества.
– Фактот дека двете земји заедно, Украина и Русија, опфаќаат 29 отсто од трговијата со пченица укажува на нивното големо значење во задоволување на вкупните потреби на светот од оваа култура. Колкави и какви ќе бидат штетите или проблемите во светот со снабдувањето со храна зависи колку ќе трае и кога ќе заврши кризата. Колку побрзо заврши, толку полесно ќе поминеме сите. Во спротивно, ако трае долг период, тогаш последиците ќе се почувствуваат насекаде. Двете земји се дел од црноморскиот басен и тие имаат силно влијание врз понудата и цената на пченицата на светските берзи – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Македонија најголем дел од увозот на брашно го обезбедува од Србија

Професорот објаснува дека ние не увезуваме пченица од овие две земји, поради што не очекува да бидеме силно погодени и веднаш, но во иднина ќе има влијание и кај нас.
– Бидејќи станува збор за берзански производи чии цени поради кризата ќе растат, очекувано е на сите берзи да има раст на цените, а оттаму и кај нас. Изминатиов период веќе имаше раст на цените на пченицата и на други значајни продукти, но како понатаму ќе се одвиваат работите зависи од состојбите во Украина. Кај нас најголемо влијание има Новосадската берза, од каде што и се увезува најголем дел пченица и брашно. Македонија со години увезува пченица и брашно за задоволување на потребите. Увезените количества се зголемуваа со намалувањето на површините на земјоделско земјиште засадено со овие култури. Засега мислам дека нема да имаме проблем, бидејќи Србија извезува пченица и брашно и нема намера да го стопира извозот како што го направи тоа краток период по избувнувањето на пандемијата, кога реши да ги заштити домашните потрошувачи. Ако повторно се одлучи да го стопира извозот, може да имаме проблем, но со оглед на изјавите деновиве не би требало да се случи такво нешто. Дополнително, во целата ситуација ќе има влијание и годинешната жетва, а во согласност со информациите што се објавени досега не се очекуваат проблеми, па да се надеваме дека нема да се појават и ќе има солидни количества произведена пченица – објаснува Димитриевски.
Тој наедно посочува дека доколку продолжат конфликтите, тогаш ќе се зголеми побарувачката на пченица од Србија и под притисок на пазарните правила цените ќе раснат.
– Ако побарувачката расте, а производството останува исто или се намалува, тогаш цените растат, така што за очекување е да има притисок или зголемена побарувачка од повеќе страни од кај нашиот сосед. Низ годините ние ги намалуваме количествата на овие култури. Сончоглед многу малку се одгледува, шеќерната репка воопшто ја нема, јачменот исто така многу малку го има, пченката и пченицата подобро, но и нивните површини се намалени.

Мора да се зголеми домашното производство

Она што државата може да го преземе, но тоа се долгорочни мерки, не може да се очекува веднаш ефект, е преку политиките да дејствува на зголемување на површините засадени со некои од овие култури, а особено зголемување на површините со пченица. Дополнително треба да се има предвид дека може да се појави проблем и со производството на месо, бидејќи има раст на цените на јачменот, расте храната за стоката, но растат и трошоците за енергија, а очекувано е и дека ќе продолжат да се зголемуваат. Ако не можат да пораснат цените на месото, а растат трошоците за неговото производство може да се случи намалување на производството, а тоа ќе ги зголеми потребите од увоз на свежо месо, а со тоа ќе се зголемат нашите трошоци како држава. Засега Македонија ги произведува и ги задоволува домашните потреби од свежо месо, а се увезува месо за преработки, но доколку продолжи трендот на поскапување на влезните трошоци во производството на месо, тогаш може да се соочиме со дополнителен проблем – вели професорот и истакнува дека колку подолго траат борбите во Украина, толку поголем ќе биде ударот врз снабдувањето со храна во светот. Очекувањата се дека најсилно погодени од недостигот од пченица, пченка и од другите земјоделски производи ќе бидат посиромашните држави, кои ќе бидат под поголем притисок да најдат замена за количествата што ги набавувале од овие две земји.
Производителите на пченица во земјава укажуваат дека и досегашното поскапување на цените на ѓубривата и репроматеријалите за производство на пченица биле високи, поради што голем дел земјоделци не биле во можност да ги набават, а дополнителни поскапувања ќе влијаат и врз идното производство на оваа култура во земјава.
– Ѓубривата, меѓу кои и азотните, поскапеа значајно, поради што некои земјоделци воопшто не набавија. Азотот е важен за заштита на пченицата, па доколку не се користи, може и да се одрази врз следната жетва. Ако не се прихранува пченицата, приносите може да се намалат. Дополнително овие денови има раст на цените на нафтата, тоа се дополнителни трошоци, поради што се доведува во ризик пролетната сеидба – вели Бубе Трајковски, сопственик на трговското друштво „Клечовце“, производител на пченица.

Дополнителното поскапување на ѓубривата ќе биде удар за земјоделството

Тој посочува дека зелената нафта е добредојдена и поволна за земјоделците, но додава оти се потребни поголеми количества, а берзанските цени на нафтата се во нагорна линија поради што стравува од дополнително зголемени трошоци.
– Состојбата со ѓубривата може дополнително да се влоши бидејќи многу малку фабрики во Европа произведуваат ѓубрива за земјоделството. Најголем дел од суровините за производство на ѓубрива повторно се од Русија, бидејќи за производство на азотот е потребен гас, а Русија важи за најголем производител на ѓубрива. Производителите што се во соседните земји се поскапи, ако проблемот не се надмине, ќе имаме уште поголеми трошоци за ѓубрива и тоа ќе биде силен удар. Јас би апелирал, во иднина да се работи на зголемување на површините засадени со пченица, да се зголемува домашното земјоделско производство, да се зголемуваат засадените површини, бидејќи само така може да ги покриеме домашните потреби – вели Трајковски.
Светските медиуми јавуваат дека фјучерсите на пченицата се зголемија за околу 5,35 отсто во вторникот (2 март 2022 година), што ги поскапи цените за производителите на храна, кои најверојатно ќе ги пренесат тие трошоци на потрошувачите. Пред руската инвазија, Украина беше на пат да оствари рекорден извоз на пченица годинава.
Според Одделот за земјоделска и потрошувачка економија на Универзитетот во Илиноис, Украина и Русија сочинуваат околу 29 отсто од целиот извоз на пченица. Руската воена операција ја наруши работата на украинските пристаништа, задушувајќи го извозниот пазар.
– Има секакви логистички ограничувања. На пример, украинските пристаништа се затворени за комерцијален сообраќај – изјави Џим Хенеган од „Гро интелиџенс“ за Си-ен-ен.
Глобалните цени на храната се зголемија за дури 28 отсто во 2021 година, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), при што пандемијата, прекините на синџирот на снабдување и екстремните временски услови придонесуваат за трошоците. Се зголемуваат цените на другите земјоделски производи, како што се пченката, сојата и млечните производи, а да не зборуваме за растителното масло.


Светските резерви со храна во опасност?

Светските резерви на храна би можеле да бидат загрозени како домино-ефект од руската инвазија на Украина, посочуваат хуманитарните организации, кои нервозно ги набљудуваат блискоисточните и азиските нации, кои се потпираат на земјоделскиот извоз од завојуваните страни, пишува германската агенција ДПА.
И Украина и Русија се клучни снабдувачи на земјоделски стоки, но жетвите сега се загрозени во Украина, а заглавени во Русија поради санкциите. Повеќе од половина од прехранбените производи што ги користи Светската програма за храна на ОН (ВФП) во кризните региони потекнуваат од Украина.
– Веќе во светот има 276 милиони луѓе што страдаат од акутен глад во 81 земја. Светот едноставно не може да си дозволи нов конфликт. Војната не ја засега само Украина, каде што предизвикува неизмерна трагедија, туку ефектите ќе се почувствуваат многу подалеку од нејзините граници – рече Мартин Фрик, директор на берлинската канцеларија на ВФП.
Египет со своето население од 100 милиони, што ја прави најнаселена земја во арапскиот свет, најголемиот дел од пченицата го увезува или од Русија или од Украина. Истото важи и за Тунис. Сиромашните луѓе во двете земји многу се потпираат на лебот како извор на исхрана. Тој е субвенциониран и затоа е релативно широко достапен. Но експертите во Тунис сега предупредуваат за зголемување на цените поради војната и земјата бара други извори на пченица, како Аргентина или Романија. Но останува нејасно дали тие извори ќе можат да ја задоволат побарувачката.