Нина Ријаковскаја (40) која израсна во Волгоград, Русија, а сега живее во Киев со нејзиниот сопруг Украинец, во разговор за „Њујорк Тајмс“ зборуваше за ефектите на војната врз мешовитите семејства со роднински врски во двете држави. Американскиот весник ги пренесе размислувањата на повеќемина луѓе, од кои дел живеат и надвор од Украина и Русија, но водат потекло од овие завојувани земји.
– Ова ме прави да се чувствувам како да сме засекогаш далечни – кажа Ријаковскаја која моментно се наоѓа во куќа во близина на украинскиот главен град заедно со нејзиниот седумгодишен син, каде што најдоа засолниште по почетокот на воените дејствија.
Многумина Украинци и Руси имаат роднини од двете страни на границата, со што војната предизвика дополнителна загриженост кај мешовитите семејства.
– Имам роднини на двете страни, се плашам дека ќе се убијат меѓусебно – вели универзитетскиот професор од САД, Ден Хабард, чија мајка е Русинка, а прабаба Украинка.
Денес дел од неговата фамилија живее близу Москва, а други роднини се надвор од Харков во Украина каде што моментно се водат борби.
Мајката на дваесет и петгодишната Зоја од Санкт Петербург е Русинка, а нејзиниот татко е Украинец. Таа детството го поминала во Москва, но со нејзината баба зборела украински.
– Конфликтот е како кога вашата мајка и татко се караат. Не можете да изберете еден од нив бидејќи ги сакате и двајцата – истакна Зоја.
Алона Черкаски од Лондон, чија мајка е Русинка, а татко Украинец, израсна во Москва, а летата ги поминуваше во Одеса, Украина.
– Ова го чувствувам како личен напад – порача таа.
Во анкета од 2011 година, 49 отсто од Украинците кажаа дека имаат роднини во Русија, а 2,6 милиони украински државјани живеат во Русија според студија од 2015 година.