Денешниов текст е дел од моето експозе изнесено на Годишното собрание на МАНУ што се одржа на 23 февруари 2022 година. Интегралниот текст, во кој се изнесени мои лични ставови за четири теми: работата на МАНУ за 2021 година, предизвиците со кои денес се соочува Македонија, преглед на светскиот геополитички поредок и предизвиците на човештвото, може да се најде на веб-страницата на МАНУ.
Предизвиците на Македонија – Прв предизвик: македонска опстојба
Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи, за што пишував и говорев често минатата година, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Оттука, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија.
Во врска со македонската опстојба, би сакал да нагласам дека, според моето мислење, бугарскиот договор, Преспанската спогодба и промената на Уставот, заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот од едноставна причина: секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст. Посебно би сакал да истакнам дека до 2018 година, Македонија беше признаена како „Република Македонија“ од над 130 земји од 193 членки на ОН, или речиси од 80 проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги десетте најнаселени земји во светот, трите суперсили: Кина, Русија и САД, четири од петте постојани членки на Советот за безбедност, шест од осумте членки на Г8 и седумнаесет од дваесет и седумте членки на ЕУ. Преспанската спогодба не само што ги избриша горенаведените факти туку покажа дека САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок. Меѓутоа, членувањето во меѓународни сојузи, особено на малите и послаби земји, подразбира зачувување на кредибилитетот и достоинството. За жал, македонските политичари многупати досега се однесувале токму на спротивен начин, недостоинствено, понижувачки и сервилно. Оттука, според моето мислење, токму заради македонското опстојување, а имајќи го предвид мултиполарниот поредок во светот, за што ќе пишувам подолу, геостратегискиот светоглед на Македонија треба да вклучува негување принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили.
Втор предизвик: ЕУ-интегративните процеси
Веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи јасни сигнали за Македонија (но и за другите балкански држави) дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неостварен сон. Постојат примери што покажуваат дека сериозни нерешени проблеми од типот на замрзнати воени конфликти, официјални територијални претензии и негирања на националниот суверенитет постоеле и постојат, а ЕУ не им поставувала никаков услов за нивно претходно решавање на државите што ги внеле овие проблеми во ЕУ. Притоа, тука, би сакал посебно да го истакнам бавното темпо на ЕУ-интегративните процеси во однос на шесте земји од Балканот што сѐ уште не се дел од ЕУ. Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша на 25 април 2005 година. Така, временскиот период за влез на балканските држави во ЕУ e растеглива категорија: пет години од почеток на преговори до потпишување на пристапниот договор и 10 години за привремено затворање на три од 35 поглавја. Меѓутоа, има уште една причина, поврзана со маргинализацијата на значењето и на последиците од фашизмот како идеологија, движење и политика, што предизвикува оправдан сомнеж за потребите Македонија да стане членка на ЕУ. Ако ЕУ, преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“, што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зарем тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава? Поради тоа, се поставува прашањето: која е пораката што ЕУ ѝ ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ-семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш?
Трет предизвик: иднината на Македонија
Дури и ако се согласиме со неаргументираниот и ненаучниот став дека македонскиот народ и македонскиот јазик не се автохтони категории и немаат милениумска опстојба во границите на денешна суверена Македонија, но и во сите наши соседни држави, и потоа, поради нашата согласност, добиеме датум за почеток на пристапните преговори, тоа ќе значи Пирова победа – ќе загубиме сѐ што е за нас свето и најмило – нашиот идентитет, култура и јазик, а, согледувајќи ја реално политиката на ЕУ спрема балканските држави во однос на проширувањето, многу е поверојатно дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ, отколку дека тоа ќе се случи во далечна иднина. Така, клучното прашање е: каква иднина треба да градиме? Иако и за ова сум говорел и сум пишувал многупати минатата година, би сакал, денес, повторно накусо да ги набележам основните реформски чекори.
Основна премиса за градење просперитетна Македонија е промена на изборниот модел, што подразбира една изборна единица и промена на моделот на формирање на извршната власт. Ако Македонија е граѓанска држава, треба засекогаш да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме со граѓанска консензуална демократија. Во консензуалната или пропорционалната демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Македонските влади, главно, но посебно во изминатата деценија, се резултат од пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетентни, корумпирани и нефункционални, што резултира со подредена улогата на парламентот, институциите и правосудниот систем. Наместо доследна примена на начелото за поделба на власта и создавање цврста институционална рамка за владеење на правото, во изминатите три децении бевме сведоци на сѐ поголемо јакнење на позицијата на извршната власт, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и за неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономните сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт, и на централно и на локално ниво, е неопходно, па затоа е потребно, според моето мислење, да се намали бројот на ешалоните на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе, извршната власт, и на централно и на локално ниво, од раководењето на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата.
Светскиот геополитички поредок
Светскиот геополитички поредок денес е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односи на трите суперсили Кина, Русија и САД. Интересна е меѓусебната перцепција на големите сили, па така за САД, главниот заеднички интерес на Кина и на Русија „е всушност, идеолошки – тие се обидуваат да го поткопаат демократскиот и либералниот Запад“, додека, пак, за Кина и Русија, „САД е лицемерен агресор што има намера да го редуцира нивното значење за да ја одржи хегемонијата“.
За да го разбереме светскиот поредок денес, пред сè, треба да се потсетиме дека современиот колонијализам започна за време на ерата на откритијата во 15 век, поточно со португалското освојување, во 1415 годинана, на Сеута – крајбрежен град во Северна Африка. Потоа, во период од неколку века, Португалија, Шпанија, Англија, Холандија, Франција и Германија ги градеа своите империи за да, до 1914 година, голем број од народите во светот во одреден момент бидат колонии на Европејците. Само за илустрација, на врвот од својата моќ, Британската Империја се простираше на 24 проценти од вкупната површина на Земјата и владееше со 23 проценти од тогашната светска популација. По Втората светска војна, колонијализмот се трансформира во друга форма, па така, САД имаат малку вистински колонии, но американскиот империјализам се манифестира, главно, преку нивното распространето воено присуство во светот: околу 200 илјади лица се распоредени во околу 800 воени бази, во над 150 држави (од 193 членки на ОН).
„На крајот, спротивностите се едно и исто“ (Хераклит од Ефес, „За природата“). Изјавата на Хераклит денес одекнува посилно од кога било. Поделбите, жестоките и непомирливи кавги меѓу политичарите, доминацијата на економската елита, недостигот од долгорочно планирање, штетните стратегии за привлекување гласови и рамнодушноста кон потребите на граѓаните, освен во изборни времиња, се вродени во сите демократски држави, што доведе до тоа различните демократски идеологии да се доближат, левичарите и десничарите да проповедаат слични работи.
Тоа, меѓутоа, важи и за политичките системи. Постојат толку политички системи колку и држави и нивното групирање во две класи: демократија и автократија или, ако сакате, добри и лоши, е направено исклучиво од геостратегиски интерес и заради одржување на американската хегемонија и американскиот светоглед. Меѓутоа, термините демократски систем и авторитарен систем, лишени од информацијата за која конкретна држава се однесуваат, претставуваат само апстрактни модели и ништо повеќе. Поврзано со ова, за илустрација, ќе цитирам тројца мислители. Џенко, професор на Лондонската школа за економија и политички науки, својот труд со наслов „Кинески политички идеологии“ го завршува со зборовите: „Кинескиот иден развој, што веќе не е целосно социјалистички, но сè уште не е сосема капиталистички, ниту целосно демократски, ниту чисто авторитарен, во која било насока да продолжи, без сомнение, ќе доведе до уште посложена и поотворена дебата за значењето на Кина – не само за сопствениот народ туку и за светот од кој сега, по речиси два века реформи, е неизбришлив дел“. Многу мислители, филозофи и професори не само што со зголемен скептицизам гледаат на развојот на либералната демократија туку, според нив, таа покажува сличности со комунизмот. Така, Легутко, професор по филозофија на Јагелонскиот универзитет во Краков, во книгата со наслов „Демонот во демократијата“ ќе напише: „Се подразбира дека сè – и во комунизмот и во либералната демократија – треба да биде модерно (т.е. против традицијата): размислувањето, семејството, училиштето, книжевноста и филозофијата… Во мојата земја (Полска) токму во моментот кога падна комунизмот и се појави либерално-демократскиот поредок, меморијата повторно стана еден од главните непријатели. Апостолите на новиот поредок не изгубија време да ја осудат како штетен товар што го попречува стремежот кон модерноста“. Во врска со кинескиот модел, д-р Игор Радев ќе напише: „Кина, всушност, нема ‘претседател’, туку шефот на државата го носи називот ‘претседавач’. Претседавач со што? – со колективно тело што носи одлуки. Во зависност од тежината и далекосежноста на одлуката, за неа се решава во еден или во повеќе колективни кругови, од најтесниот во состав од седум члена, преку таков од 25, па од 204, сè до најширокиот круг од 2.980, оној на Сенационалното собрание на народните претставници. Ако земеме предвид дека зборот ‘авторитаризам’ доаѓа од грчкото αὐτός – ‘самиот тој’, тогаш политиката на САД пројавува повеќе елементи на авторитарност. Сетете се дека американскиот претседател има дискреционо право, без да се консултира со никого и надвор од какво било колективно тело, да носи одлуки за истапување од меѓународни организации и договори, наметнување царини и тарифи, а најпосле и да почне војни и инвазии без да гласаат ниту Сенатот ниту Конгресот, просто со ‘извршни наредби’… Во контекст на кинескиот политички систем, вакво нешто е незамисливо“
Како понатаму?
Човештвото, не само Македонија, се наоѓа на раскрсница. Како понатаму? Што се однесува до Македонија, верувам дека политичките елити ќе соберат сили да ја реконструираат вербата на нацијата, и покрај различностите, како колектив обединет со заеднички цели за подобра иднина. Тоа би значело, од една страна, враќање на моралниот углед на избраните претставници, но, од друга страна, и враќање на почитта кон гласачите, нешто што одамна исчезна. Поврзано со геополитичките предизвици, тие најдобро ќе се адресираат ако големите сили, наместо тесни светогледи, вклучат достоинствено меѓусебно разбирање, како што тоа го прави ЕУ во однос на Кина (цитат од документ на Европската комисија): „Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, партнер за преговарање со кој ЕУ треба да ги усогласи интересите, соперник во потрагата по технолошко лидерство и ривал што промовира алтернативен модел на владеење“. Што се однесува на човештвото, денес сме сведоци на почетоците на нова четврта индустриска револуција – термин што означува спој на технологии што ги замаглуваат границите меѓу физичкиот свет, дигиталниот свет и биолошкиот свет. За жал, новите технолошки и инженерски решенија имаат негативна улога во тоа како се распределуваат можностите, богатството и знаењето, па затоа, тие решенија треба да бидат системи во кои има рамнотежа меѓу математиката, природните, медицинските и техничките науки, од една страна, и уметноста, општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна. Во спротивно, човештвото нема да се движи во вистински правец.
Во заклучокот на книгата чиј наслов е дел од првиот стих на „Интернационалата“, па така се преведува различно: „Проколнати на земјава“, „Презрени и гладни“, или „Робови на земјата“, филозофот и борецот за деколонизација Франц Фанон ќе запише: „Пред два века, поранешна европска колонија реши да ја достигне Европа. Успеа толку добро што Соединетите Американски Држави станаа чудовиште во кое дамките, болеста и нечовечноста на Европа прераснаа во ужасни димензии“.
Книгата претставува обид теоретски да се сфатат општествените класи и револуциите во африкански контекст. Колонијализмот, што во меѓувреме претрпи промени и се одржа во друга форма и до денешни дни, се потпира на угнетување и на насилство во политиката, економијата, културата, дури и во секојдневниот живот. Македонија веќе подолго време е современа колонија, целосно уништена од колонизаторите и однатре и однадвор, па затоа, време е за промени потребни во сите пори на нашето општество.
Македонската опстојба е нераскинливо врзана со науката и уметноста. Ако „науката претставува вистински водич на цивилизацијата, животот и успехот во светот“ (Мустафа Кемал Ататурк), тогаш, заради иднината на Македонија и заради благосостојбата на нејзините жители, ги повикувам политичарите засекогаш да престанат со нивното арогантно, ненаучно и нарцисоидно чекорење во иднината, верувајќи дека конечно ќе најдеме сили наместо партиските и личните интереси, науката да прерасне во „вистинскиот водич“ на нашата иднина. Македонскиот народ, кој, од објективни причини, во минатото не можел да дејствува како слободен политички субјект, во уметноста и духовноста ги пронајде подрачјата за своја опстојба и афирмација. Историјата на македонската култура, македонското творештво и македонскиот духовен живот од 9 век до денешни дни изобилува со ѕвездени мигови, мигови „кои трајно светлат и ја осветлуваат темната ноќ на минатото“. Верувам и посакувам, од една страна, МАНУ да продолжи, потпирајќи се на науката, да биде водилка во изнаоѓање достоинствена и просперитетна иднина за Македонија и, од друга страна, потпирајќи се на уметноста, да направи сè македонската милениумска културна традиција гордо да продолжи да опстојува на европското и на светското културно соѕвездие.