Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во изминатиот период, многумина истакнати светски политичари, дипломати, историчари и аналитичари излегоа со недвосмислена и силна осуда на бугарската политика и уцените кон Македонија. Тие се загрижени и бараат и од ЕУ да реагира

СЕ БУДАТ ЛИ ЕВРОПА И СВЕТОТ ЗА НЕПРАВДИТЕ КОН МАКЕДОНИЈА

Истакнати политичари, дипломати, историчари и јавни личности од светот и од регионот, изминатиот период ѝ даваат недвосмислена и јасна поддршка на Македонија и истовремено искажуваат силна осуда на политиката на Бугарија и нејзините барања и уцени кон нашата земја.
Притоа многу истакнати интелектуалци и поединци, без да користат дипломатски речник, предупредуваат и на лицемерното однесување на европските институции, кои замолчуваат пред бугарската пропаганда за негирање на македонската држава и историја. Токму во изминатиот период, многумина поранешни дипломати се изјасниле за „непринципиелните“ позиции во Брисел, кои се однесуваат на ставањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.  Притоа многу истакнати интелектуалци и поединци, без да користат дипломатски речник, предупредуваат и на лицемерното однесување на европските институции, кои замолчуваат пред бугарската пропаганда за негирање на македонската држава и историја. Токму во изминатиот период, многумина поранешни дипломати се изјасниле за „непринципиелните“ позиции во Брисел, кои се однесуваат на ставањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Поранешната германска амбасадорка во Скопје и во Софија, Гудрун Штајнакер, во разговор за „Дojче веле“, го повтори нејзиниот став дека „Бугарија треба без никакви условувања да се согласи да започнат преговорите за членство на Македонија во ЕУ“.
– Во моментов зборуваме само за почеток на преговори, а не за влез на Северна Македонија во ЕУ. Добро ни е познато дека таквите преговори можат да траат со години. Во оваа смисла немам многу разбирање за блокадата што ја наметна Бугарија – вели Штајнакер во разговорот за ДВ.
Германската дипломатка вели дека спорот меѓу Македонија и Бугарија не е уникатен во Европа и дава и други примери за слични конфликти што се решиле мирно низ разговори. Таа ги посочува примерите со Словачка и Унгарија и со Норвешка, која имаше несогласувања со Шведска на одредени теми.
– Европската Унија премногу комотно гледа на спорот меѓу Скопје и Софија и не прави доволно за да ја натера Бугарија да се повлече од блокадата на почетокот на преговорите на Македонија – предупреди поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере.
Осврнувајќи се на бугарското вето, поранешниот евроамбасадор во Македонија нагласува дека обидите на Бугарија да ги внесе историјата и идентитетот во процесот на проширување на ЕУ претставуваат дополнителен удар врз политиката на Унијата за проширување и ја поткопуваат нејзината позиција не само во регионот туку и во светот.

– Европската Унија има свои вредности, но, за жал, не ги почитува во некои конкретни области, а една од тие области што директно ги засега Македонија и регионот е политиката на проширување, која воопшто не функционира – смета Фуере.
Според него, ветото на Бугарија за евроинтеграцискиот процес на земјава е срамен чин на бугарската влада, но тоа е и срамен чин за ЕУ затоа што не успеа да спречи една своја земја-членка „да ја киднапира политиката на проширување“ и да ја промовира својата националистичка агенда на начин што е во спротивност со сите вредности на ЕУ, смета Фуере.
Целосна поддршка за Македонија дава и поранешниот германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој во колумна за весникот „Велт“ ѝ порача на Софија дека „не може да го држи во заложништво проширувањето, поради сопствените билатерални барања“. Тој порача дека итно се потребни позитивни сигнали за Западен Балкан и додава „на коцка е ништо помалку од веродостојноста на ЕУ.“ Со слични ставови Рот излезе и по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија, кога гласно ѝ порача на Бугарија да го признае македонското малцинство.
– Како што Северна Македонија признава бугарско малцинство, конечно Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија. Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја – напиша Рот на Твитер.
Рот беше министер за Европа во Владата на Ангела Меркел и важи за голем поддржувач на Македонија и нејзината евроинтеграција. Во меѓувреме и многу други политичари од земјите во регионот, а пред сѐ од Словенија, Србија и од Хрватска, излегоа со поддршка на македонските позиции во спорот со Бугарија. Меѓу нив беше и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој за време на одржувањето на регионалниот самит за Западен Балкан, во Брдо кај Крањ, изјави дека нашата држава и македонскиот народ „досега платила превисока цена“.

– Македонија игра по правилата и ги исполнила сите демократски услови. Тоа е повеќенационална заедница и е пример за добра соработка. Македонија им се потчини и на грчките барања со прифаќањето на придавката Северна. Сега, барањата од Бугарија до нив значи влегување во нивниот интимен простор. Тоа не смее да се прави во 21 век. Тоа апсолутно не е основа за идниот соживот во Европската Унија – изјави Милановиќ.
Од дипломатските претставници на САД пристигнува континуирана поддршка на Македонија во билатералниот спор со Бугарија, а критиките на американските политичари се насочени кон Европската Унија, која избегнува да го осуди однесувањето на Софија.
– Унијата не прави ништо, како и Германија за време на нејзиното претседавање, со што ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел – вели Едвард Џозеф, предавач на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, во интервју за Радио Слободна Европа.
Американскиот заменик на помошник-секретарот за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западе Балкан, Габриел Ескобар, се залага за што побрзо да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје и да се деблокира евроинтеграцијата на Македонија.
– Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на С. Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што нѐ засега сите нас – вели Ескобар.
Тој, во текот на распитот за ангажманот на САД за Западен Балкан пред Претставничкиот дом, го повика амбасадорот на САД во Софија да посвети внимание на прекршување на човековите права во Бугарија, со што даде отворена поддршка за остварување на правата на македонското малцинство во Бугарија.


Историчарите со заедничка декларација: Да ја одбраниме историјата

Покрај на надворешнополитички план, Македонија добива силна поддршка и од странските историчари, кои ги оспоруваат барањата на Бугарија што се однесуваат на едностраното толкувањето на настаните од минатото. Австрискиот професор Улф Брунбауер од Универзитетот во Регенсбург, еден од историчарите во Европа, кој ја следи работата на билатералната историска комисија, изјави дека „она што го сака бугарската влада е многу нејасно и чудно и всушност нема никаква врска со разговорите за пристапување во ЕУ“.
– Во последните неколку години, Република Северна Македонија мораше да направи многу болен компромис со своето име за да може Грција да го отклучи нејзиниот пат кон НАТО и Европската Унија. И сега се појавуваат овие барања од Бугарија, кои се навистина многу чудни. Ниту една точка во овој (бугарскиот) меморандум не е критериум за членство во ЕУ – изјави тој, во разговор за Бугарското национално радио (БНР).
Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, сметаат историчарите и професорите од регионот, кои ја потпишаа декларацијата „Да ја одбраниме историјата“. Со овој документ историчарите од регионот се обединија против злоупотребата на историјата со која Владата на Република Бугарија ги блокираше преговорите меѓу Брисел и Скопје и ја попречи интеграцијата на Македонија.