Додека извршната власт ги ужива своите 100 дена, веќе неколку месеци не функционира собраниската алатка пратенички прашања, во период кога земјата се соочува со големи предизвици на домашен и меѓународен план. Од друга страна, триесетгодишното искуство со практикување повеќепартиска демократија и сите механизми што притоа формално беа воспоставени, според сѐ подоминантното мислење, не резултираа со посакуваните ефекти во функционирањето на системот и не донесоа напредок во политичката комуникација што би бил во интерес на граѓаните
Во периодот на интензивните обиди за надминување на спорот со Бугарија, сѐ уште високиот процент на смртност од ковид-19 во земјава, сеприсутните тензии и безбедносни предизвици поради проблемите околу Украина, енергетската криза, сѐ поизразената криза во македонската дипломатија, правосудството… и многубројните прашања што од сите овие состојби и процеси произлегуваат, веќе подолг период отсуствува парламентарната контрола врз извршната власт, барем во форма на пратенички прашања. По минатогодишното нередовно одржување на собраниските седници за пратенички прашања, кои, според Деловникот, требаше да се реализираат секој последен четврток во месецот, и добар дел од оваа година пратениците нема да бидат во можност да побараат одговори од Владата. Имено, по изгласувањето на новиот владин состав, некаде на половината на јануари, тие, според објаснувањето од кабинетот на парламентарниот спикер Талат Џафери, до крајот на април ќе бидат поштедени од пратеничките прашања или, како што вообичаено тоа се нарекува, ќе ги уживаат своите сто дена.
Во меѓувреме, во јавноста почна да доминира впечатокот дека овој механизам за парламентарна контрола воопшто веќе не ни функционира, откако во изминатите години мислењата за неговата целисходност и ефикасност беа поделени, а оцените се движеа во распонот од парламентарен циркус и квазипарламентарна контрола до не толку ефикасна, но сепак една од помоќните алатки со кои Собранието, доколку сака, во одредена мера, може да ја контролира Владата. Токму поради тоа, во „Предлогот за итни демократски реформи“, кој група граѓански организации и експерти го подготвија пред неколку години, меѓу другото, се бараше седниците за пратенички прашања, наместо еднаш, да се одржуваат двапати месечно и да се продолжи времето на нивното траење. Но, без оглед на придавката „итни“ во насловот, тие сѐ уште не се реализирани.
– Пратеничките прашања се многу битен дел од парламентарната контрола врз извршната власт и тоа што некои постојано се обидуваат да ги саботираат или да ги маргинализираат е многу голем проблем не само за тие што во моментот се опозиција во Собранието туку и за граѓаните. Треба ли да се потсетува дека претставниците на извршната власт не се должни да ги дадат одговорите само пред опозицијата туку и пред целата јавност. А упорното одбегнување или одложување на одговорите најнегативно се одразува токму врз власта, бидејќи така излегува дека нешто се крие, а ако се крие, тогаш значи дека не се работи добро или воопшто не се работи туку се оди само на онаа „купи ден, помини“. Со тоа, всушност, се губи и поентата на владеењето – објаснува политичкиот аналитичар и професор од Правниот факултет Владимир Божиновски.
А за потсетување, според последната објавена оценка на квалитетот на дебатата во Собранието, која се однесува на периодот од јули до декември 2021 година, и изнесува 5,4, што означува пад на квалитетот на дискусијата споредено со периодот јануари – јуни 2021, за коj оценката за квалитетот на дебатата беше 5,6, контролната улога на Собранието во периодот јули – декември 2021 година остана во втор план.
– Во овој период се одржа само една седница на пратенички прашања, со што се ограничуваше можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт, додека надзорна седница не се одржа ниту една – се констатира во извештајот на институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.
Изговорите за неодржувањето на седниците беа локалните избори, пожарот во тетовската болница, автобуската несреќа во Бугарија, оставката на тогашниот премиер Зоран Заев…
Опозицијата, според чија евиденција за 17 месеци се одржале само седум седници за пратенички прашања, повеќепати реагираше поради блокадата.
Најжестоки реакции имаше во декември, откога, иако Собранието ја констатира оставката на Заев, Владата остана на должност до изборот на нова влада, но собранискиот спикер Џафери, сепак, одбиваше да ја закаже седницата.
– Владата е во оставка, течат уставните рокови за избор на нова Влада – рече тогаш Џафери.
Но за опозицијата, тоа не беше прифатливо објаснување.
Освен што седниците за пратенички прашања нередовно се одржуваат, тие и временски се ограничени до 18 часот попладне, а дури и под претпоставка дека започнуваат во вообичаениот термин, претпладне во 11 часот, тоа, според многумина, е премалку време за сите што сакаат да постават и да добијат одговори на своите прашања.
Триесетгодишното искуство со практикување повеќепартиска демократија и сите механизми што притоа формално беа воспоставени, за жал, според сѐ подоминантното мислење, не резултираа со посакуваните ефекти во функционирањето на системот и не донесоа напредок во политичката комуникација. Д.М.М.