Интензивна дипломатска активност за да се спречи ескалација на кризата на украинската граница
Светските медиуми со доза олеснување вчера ја пренесоа веста дека францускиот претседател Емануел Макрон, сепак, успеал да ги убеди Џо Бајден и Владимир Путин да се сретнат и да разговараат за украинската криза, нудејќи можен пат за излез од една од најопасните европски кризи во последните децении. Конкретни датуми за средбата нема, но секако нема да се одржи пред четврток кога ќе разговараат американскиот државен секретар Блинкен и рускиот прв дипломат Лавров. Кабинетот на Макрон и Белата куќа соопштија дека суштината на планот ќе биде разработена од страна на американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на нивната средба планирана за 24 февруари.
Берзата веднаш реагираше на најавата за самит
Финансиските пазари скокнаа на повисоко ниво откако се појави трошката надеж за дипломатско решение, дури и кога сателитските снимки се чини дека покажуваат руски распоредувања поблиску до границата со Украина и додека звуците на борби се слушаа на истокот, каде што украинските владини сили се борат против проруски ориентираните граѓани, пишуваат медиумите.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон објави во соопштението дека тој им предложил на двајцата лидери самит за „безбедноста и стратегиската стабилност во Европа“. Во соопштението, Белата куќа рече дека Бајден го прифатил состанокот „во принцип“, но само „доколку не се случи инвазија“. „Секогаш сме подготвени за дипломатија“, рече портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки. „Ние сме исто така подготвени да наметнеме брзи и тешки последици, ако Русија одлучи да избере војна“.
Кремљ набргу потоа соопшти дека сепак е прерано да се организира самит меѓу Путин и Бајден, откако Париз најави можност за средба за смирување на тензиите околу Украина.
„Прерано е да се зборува за какви било конкретни планови за организирање каков било вид самити“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој додаде дека не се направени „конкретни планови“ за средба.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, запрашан за средбата Путин – Бајден свикана од страна на Емануел Макрон, изјави дека го поздравува овој самит и дека секој напор за деескалација е добредојден. Украина добила уверување од САД дека на оваа средба „ниедна одлука нема да се донесе зад грбот на Украина“.
Состаноци на сите можни нивоа и разговори поддржува и Европската Унија. Сѐ, само да се избегне војната. Според она што го пренесуваат медиумите, на истокот од Украина не престануваат пукотниците. Некои од оние што можеа веќе избегаа од домовите, но цивилите што остануваат продолжуваат со воената обука. Сепак, најтешко е во пограничните села. Војната тука одамна е почната. Предминатата ноќ жителите на доњецкото село Новогнативка се симнаа во скривниците, слушајќи го гранатирањето, по што 16 куќи се уништени, а вчера немаше струја, ниту гас. За овие луѓе бегството од домот е губење на сѐ што создале. Ги молат сите да се договорат и да престанат пукотниците.
Захарова го прекори НАТО
Во меѓувреме, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, го прекори НАТО затоа што претходно наведените намери не се во согласност со политиката што ја води Алијансата. За да ги поткрепи своите зборови, Захарова упати на германските медиуми „Ард“ и „Шпигел“, во кој на 2 февруари 1990 година тогашниот германски вицеканцелар Ханс Дитрих Геншер и американскиот државен секретар Џејмс Бекер велат дека НАТО нема намера да ја прошири одбранбената зона на Исток, истакнувајќи дека „тоа не важи само за Источна Германија, туку воопшто“.
„Геншер и Бејкер не знаеја дека 32 години подоцна, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг (државен секретар во Норвешкото Министерство за животна средина во таа 1990 година), лесно и попатно ќе ги побие нивните зборови: ’Не. НАТО носи одлуки заедно со 30 земји-членки, никаде нема одлука дека земјите од НАТО се согласиле да се откажат од она што е напишано во основниот договор на НАТО, во договорот од Вашингтон‘. Па каква организација е тоа ако нејзините членови и претставници секоја година меѓусебно се негираат, зборувајќи за суштински прашања и продолжуваат да даваат изјави што не се во согласност со политиката што ја водат?“, праша Захарова.
Претходно германските медиуми објавија дека во Националниот архив на Велика Британија е пронајден документ од 1991 година, во кој западните земји наведуваат дека проширувањето на НАТО на Исток е неприфатливо.
Американците подготвуваат санкции
Паралелно со обидите за започнување дијалог, американската администрација подготвува првичен пакет санкции против Русија, што вклучува забрана на американските финансиски институции да обработуваат трансакции на големи руски банки, објавија западни медиуми, повикувајќи се на свои извори. Станува збор за прелиминарен пакет рестриктивни мерки, кои Вашингтон ќе ги применува само во случај на руски напад врз Украина. Според извештаите на западните медиуми, санкциите имаат цел да ѝ наштетат на руската економија преку нарушување на меѓубанкарските коресподентски односи, кои се во основата на глобалните парични текови.
Освен тоа, според изворите, САД имаат намера да стават на црна листа уште неколку руски поединци и компании. Ним ќе им биде забрането да тргуваат со Американци и ќе им бидат замрзнати средствата во САД.
САД постојано ѝ се закануваат на Русија со построги санкции. Тие вклучуваат блокирање на „Северен тек 2“, мерки против рударската индустрија, финансиските институции, државниот долг, исклучувањето од СВИФТ и ограничувања на рускиот лидер и неговото опкружување.
Изворите велат дека пакетот може да се промени до последен момент и не е јасно кои ќе бидат целите. Сепак, тие веруваат дека врвните руски финансиски институции, вклучувајќи ги и ВТБ банка, Сбербанк и Газпромбанк се можни цели.