Ако Македонија не одговори соодветно на „добрососедските“ невистини, извртувањата на фактите, ретуширањето на историјата, негирањето на македонскиот јазик и нација, тогаш и перцепцијата меѓу европските граѓани ќе стане многу поблиска до агресивниот бугарски агитпроп-настап. Од тие причини е и потребата од мобилизација на сите расположливи капацитети што ги има земјава, културни, научни, спортски, економски и секакви други, со единствена цел да се промовираат Македонија и нејзиниот народ, идентитет, јазик, историја и култура од македонски агол, наспроти сета искривоколчена пропаганда што ѝ се наметнува на Европа
Кога дипломатијата не дава резултати,
треба да се мобилизираат и други промотивни алатки
Долги години Македонија е под сериозен притисок, кој има цел целосно обезличување на македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик, историја и култура, а се чини дека последните неколку години овој притисок се претвора во отворен пропаганден напад врз сè што претставува македонизам.
Досегашните искуства покажаа дека дипломатската активност не е доволна сама по себе да ги објасни и одбрани македонските позиции пред меѓународниот фактор, така што повеќе од потребно е ангажирање и на сите неполитички расположливи сили што со своето знаење и бекграунд можат да помогнат во промовирањето на македонскиот наратив.
Тоа е исклучително важно во време кога Бугарија се обидува на секој начин на меѓународен план, особено пред Европската Унија, да ја пласира тезата за бугарското потекло на Македонците, на нивниот јазик, на нивната историја и култура, присвојувајќи ги буквално главните постулати врз кои се градат една држава и нација, истовремено опструирајќи ја нејзината европска иднина.
Земјата се промовира и без дипломатија
Можноста за светска промоција преку поинакви алатки од дипломатските ја препознаваат многу земји, особено соседните, кои ги користат сите човечки капацитети што се меѓународно етаблирани да ја шират приказната за нивната земја во светски рамки. Соседна Србија за сопствена промоција го користи светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ, но истовремено поканува и одликува светски познати ѕвезди од светот на филмот, музиката, културата, науката, со единствена цел и тие да се вклучат во позитивна кампања во полза на земјата, чиј имиџ по војните на територијата на поранешна Југославија беше сериозно нарушен.
– Сега сум на почеток на еден нов живот и ми се допаѓа овој почеток. Би сакал тој почеток да биде во Србија, ако ме сакате, се разбира – истакна неодамна актерот Џони Деп, кој беше одликуван со златен медал за заслуги на Република Србија.
Слична промоција прави и Хрватска, преку спортот со фудбалери што играат во врвни европски клубови, со иноватори од типот на Мате Римац, кој е творец на најбрзиот електричен автомобил во светот, но и со посети на светскиот џетсет во хрватските популарни летувалишта. Во користењето на вакви промотивни алатки не заостануваат ниту Словенија, Албанија, Косово, а особено Грција, која по потпишувањето на Преспанската спогодба е во континуирана промотивна кампања на македонизмот и Македонија низ сите светски медиуми како единствено грчко наследство.
Колку и да се гледа на овие работи само како на маркетинг и промоција за туристички цели, сепак повеќе од јасно е дека станува збор за сериозно осмислена пропаганда, која има цел суптилно да креира одредена перцепција кај меѓународната јавност за постоење само на една вистина, на оној што масовно ја презентира.
Токму таква алатка употребува и Бугарија, која, покрај дипломатските, ги користи сите други можности, културни, спортски, научни, да ја промовира пред јавноста во ЕУ бугарската теза за бугарското потекло на македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура. Ако земјава не одговори соодветно и продолжи да молчи на ваквите пропагандни провокации, тогаш и перцепцијата меѓу европските граѓани за она што е вистина ќе стане многу поблиска до бугарската, отколку до македонската.
Од тие причини е и потребата од мобилизација на сите расположливи капацитети што ги има земјава, режисери, музичари, спортисти, научници, бизнисмени, кои и досега ја промовираа Македонија секаде низ светот, ширејќи ја македонската вистина, но се чини дека сега оваа кампања треба уште повеќе да се засили. Дополнително, земјава, покрај домашните амбасадори, треба да наоѓа начини како да ги анимира и светски познатите личности, по примерот на Србија и Хрватска, да ги поканува да доаѓаат тука и да се запознаваат со јазикот, народот, културата, историјата, гастрономијата и сите особености на овој простор, а потоа за импресиите и впечатоците да говорат во секоја можна пригода.
Секој наш граѓанин е дипломат и амбасадор во промоција на македонската вистина
Имајќи превид дека Македонија се наоѓа во исклучително деликатна ситуација, кога е условена да се откаже од идентитетот, јазикот и историјата ако сака да ги започне преговорите со ЕУ, тогаш повеќе од јасно е дека секој граѓанин на оваа држава треба да стане еден вид дипломат и амбасадор, кој постојано насекаде ќе ја соопштува вистината за Македонија, кога вистинската дипломатија не го прави тоа.
– Нашите интелектуалци и истакнати поединци, уметници, спортисти и досега ја ширеа македонската вистина, барем оние што го имаат тоа патриотско чувство во себе, секогаш ја ставаа Македонија во прв план, и тоа се гледаше и на нивните настапи, каде што со гордост ја претставуваат својата земја. Сметам дека ние пропуштаме многу големи шанси за пласирање на таа македонска идеја на оние големи меѓународни настани и саеми, како винските саеми, потоа оние за мебел, при промоцијата на културниот туризам, едноставно недостига добра промоција за нашата земја да почне да се доживува како атракција што би станала попрепознатлива за меѓународната јавност – вели Викторија Кафеџиска, универзитетска професорка по комуникологија.
Според неа, Македонија не треба да ги користи само истакнатите етаблирани поединци од разни сфери, како еден Симон Трпчевски, Милчо Манчевски или некој друг, туку секој граѓанин кога излегува надвор од државата треба да биде нејзин промотор и еден вид амбасадор.
– Генерално, треба да се искористат не само поединци, како истакнатите личности, сметам дека тоа треба да го прави секој од нас што на кој било начин излегува надвор и нешто промовира, треба да го искористи моментот и да ја промовира својата земја. Тука ние имаме голем недостиг, едноставно не успеваме да си ја продадеме нашата приказна надвор – смета Кафеџиска.
За неа примерот на Србија со привлекувањето странски познати личности е добар начин Србите да ја промовираат земјата надвор, но го поставува прашањето колку од тие познати личности би биле заинтересирани за Македонија.
– Треба да се привлечат и странски познати личности, но тука секогаш постојат некакви интереси. Би било убаво и ние на тој план да ги искористиме секоја можност и пригода за промовирање, бидејќи тоа е во наш интерес, но повторно останува прашањето колку од тие светски имиња се заинтересирани за Македонија. Сигурна сум дека голем дел од нив не ни знае за нас, па затоа се наметнува потребата од сериозна медиумска кампања, ангажирање светски медиуми, телевизиски, печатени – констатира Кафеџиска.
Без добра логистика, ќе нема кој да ја слушне македонската вистина
Како добар познавач на начините како може да се прави промоција и да се пласира одредена приказна во јавноста, професорката по комуникологија смета дека, без оглед на реакциите и негативниот став кај народот, сепак државата мора да одвои средства за да води кампања преку која ќе ја наметне сопствената вистина, во спротивно нејзиниот глас нема да се слушне и ќе биде потиснувана од оние што настапуваат поагресивно.
– Што и да направи државата, тоа треба да биде промовирано и да се дознае ако сакаме да ја шириме македонската приказна. Мора да се сфати дека бесплатна реклама никаде не постои и ако сакаме да ја шириме нашата вистина, македонската, ќе мора нешто и да се плати. Без пари, приказна тешко се продава. Не е Македонија ниту прва ниту последна што го прави тоа и тоа е единствениот начин, бидејќи ние како мала држава нема со што да ја продадеме нашата вистина на светскиот пазар. Треба да се искористат сите медиумски канали, но мислам дека кај нас нема расположение за такво нешто и се мисли дека се тоа залудно фрлени пари – истакнува Кафеџиска.
Таа смета дека поединци и интелектуалци продолжуваат да ја шират македонската вистина секаде во светот, но дека државата е таа што треба да направи една голема пиар-кампања што ќе ја продаде надвор како македонска приказна.
– Без медиуми тешко ќе нè препознаат надвор и едноставно е невозможно масовно ширење на македонската приказна – заклучува професорката Кафеџиска.