Несомнено е дека условите во кои креираме како уметници и културни работници ги ставаат во прекаријатна позиција нашите иницијативи и принудени сме кон разни компромиси, вели Мирчевска
Ивана Мирчевска, визуелна уметница
Ивана Мирчевска е визуелна уметница. Своите додипломски студии ги завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а своите магистерски студии ги завршува на академијата за ликовни уметности „Брера“ во Милано, Италија. Во галеријата „Ко-ра“ неодамна беше поставена нејзината хибридна амбиентална инсталација „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“. Инспирирана од географските и интимните координати во кои се наоѓа, „Медиум пукнатина“ е хибридна инсталација, која гледа на Водно и неговата околина како жив организам составен од туѓи слики, мисли и звуци.
Мирчевска има изложувано на Биеналето на млади уметници, МСУ, Скопје, Биеналето на млади уметници, УЛУС, Белград, во Италија, Колорадо, Хрватска, Шпанија, Италија…
Од какви внатрешни светови беше составена вашата хибридна инсталација?
„Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ е повеќемесечен уметничко-истражувачки проект, кој беше презентиран во форма на хибридна инсталација во просторот во големиот салон во галеријата „Ко-ра“. Проектот црпи од моите постојни интереси, кои ги опфаќаат прашањата за пристрасноста на перцепцијата, просторната ориентација и афективните и тактилни нијанси на припаѓањето. Оттаму, проектот тематски и медиумски се врзува со материјалната, семиотската и визуелната конфигурација на планината Водно и неговата околина. Односно испреплетува референтен систем од постојни имагинариуми на локални хтонски божества, организми и простор на хибридни ископувања и рефлектира врз природо-културните и просторно- временските поврзувања во овој трансформиран пејзаж.
Необичен наслов за проект во чиј центар е сместено Водно…
„Пукнатината“ во насловот е метафора, која има двојна вредност. Од една страна е визуелната трага на нагризување на планината и приграбување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување. Од друга страна, пак, пукнатината е медиум што води кон согледување на местата каде што се испреплетуваме со другите форми на живот, во кој пејзажот, неговите жители и нашите тела се во постојано трансформирање и сообразување. Токму од таа медијација произлегува „алтернативниот сет на потпори“, кои во суштина се истражувања во икoнографските, медиумските, тактилните и звучните остварувања во конкретниот пејзаж. „Потпори“ во оваа инсталација се сликите во движење, 3Д-анимациите, текстот, скулптуралните и цртачки објекти, звучниот пејзаж и самиот простор на галеријата.
Како почнавте да експериментирате со уметноста?
Мојата уметничка и академска формација е во рамките на сликарството. Преку сликарството успеав да ја согледам важноста на визуелното поле и да препознаам како сликите се активни агенти што произлегуваат и посредуваат во тоа како ние размислуваме, дејствуваме и се ориентираме. Во изминативе неколку години моите истражувачки интереси произлегуваат од спојот помеѓу технологиите на визуализација и просторната конфигурација на погледот и телото. Следствено на тоа, мојот процес вклучува сликотворење, преземање слики и дискурзивно посредување помеѓу сликите и светогледите. Овие прашања и интереси често повикуваат на интердисциплинарен пристап и успеваат да се сместат во медиумите засновани на време, како што се сликите во движење, звукот, инсталацијата меѓу другото.
Неодамна ја изработив мојата прва уметничка книга „Под агол од 45 степени (At an angle of 45 degrees)“ во соработка со „Приватен принт“. Концептот на книгата произлегува од мојот уметнички ангажман со сликите во движење и се стреми кон нивното „преведување“ во поинаквата временост, која ја предлага самиот медиум на книга. За потребите на ова истражување одлучив да се фокусирам кон материјалната функцијата на екранот како средство во практиките на ориентација, заштита и маскирање.
Во вашите дела користите микс од неколку медиуми, уметности, техники за да допрете до публиката. Колку визуелната реалност што ја создавате помага во пренесувањето на вашите пораки?
Реалноста со која се занимавам произлегува од културните пристрасности и потенцијали на погледот, jа вклучува ранливоста на телото и гледа кон можноста за дејствување и грижа. Пораките што се обидувам да ги пренесам се информирани од различна литература и простори на знаење (како уметничката теорија и студиите на визуелните култури и медиуми, феминистичките епистемологии и теоријата на афект). Во мојата уметничка практика често користам различни методологии, меѓу кои и есеистичкиот пристап како рамка што врзува различни материјали и субјективитети од сегашноста и минатото, манифестирани како слики, алтер ега, документи, површини или мемории.
На пример, во „Таа“ (2018/2019), видеоесеј што годинава беше изложен на Биеналето на млади уметници во Музејот на современата уметност во Скопје, употребувам архивски материјали направени од страна на членови на моето семејство за време на нивните патувања во САД и во Мексико во 1980-тите. Преку нив ги истражувам аспектите на привилегија и родовите културни репрезентации што произлегуваат од туристичкиот начин на гледање материјализиран во снимките. Пораката што ја пренесува делото не е линеарна и еднозначна, туку е сместена во наративната дистанцата помеѓу Таа, која е протагонистот во есејот, и жената што континуирано се појавува во документарниот материјал.
Магистриравте во Милано. Каква подлога стекнавте таму?
Мојот втор циклус на студии го завршив на Академијата за убави уметности „Брера“ во Милано, на отсекот сликарство. Во процесот на студиите, освен тренингот во специфичната дисциплина, програмата ми понуди мултидисциплинарна подготовка, која се повикува на теории, знаења, практики и стилови што го зафаќаат просторот на современата уметност. Преку ваквата содржина и продлабочување во материјалните, теоретските и технолошките алатки и апарати на уметноста, успеав да развијам интерпретативни вештини, како и критички промислувања за реалноста и за современата слика.
Во процесот на студирањето особено го продлабочив мојот интерес кон сликите во движење и започнав да го истражувам визуелниот есеј како форма на уметничко изразување, кој денес е основата на интердисциплинарниот метод на мојата уметничка практика. Дополнително, во текот на мојот студиски престој во Милано успеав да склопам неколку уметнички излагања и соработки: PHROOM – платформата за современа фотографија и видеоуметност, Fuori Visioni – фестивалот за современа уметност, Via Farini – простор за експериментирање во уметноста и други колеги, уметници и куратори со кои сѐ уште соработувам.
Колку визуелната уметност се почитува кај нас?
Недостигот од континуирана и соодветна институционална поддршка во културата и уметноста се одразува на тоа каква уметничка содржина се продуцира и во која мера се продуцира. Несомнено е дека условите во кои креираме како уметници и културни работници ги ставаат во прекаријатна позиција нашите иницијативи и сме принудени кон разни компромиси. Меѓутоа, сметам дека свесноста токму за овие услови нѐ доведува како поединци кон генерирање хибридни практики, како и здружување во независни колективи, чии креативни и социјално ангажирани иницијативи влијаат во проширувањето на просторот на уметноста и со тоа континуирано градење публика.
На што е фокусирана периодов вашата креативна енергија?
Во моментов сум во процес на планирање соработки со колеги од Скопје и од Милано. Голем дел од мојата уметничка практика е посветен на градење простор на колективност преку неформални иницијативи и проекти. Работата со други колеги овозможува да се испробуваат повремени, реални, неопходни заедништва надвор од институционалните мрежи на уметноста и културата.
Исто така, тековно ја работам адаптацијата на „Медиум пукнатина: алтернативен сет на потпори за искачување“ во аудиовизуелен формат.