Капацитетот на членството на ДПМ, творечки и интелектуален, е она што ги обезбедува иднината и развојот на асоцијацијата, велат од ДПМ
Друштвото на писателите на Македонија одбележува 75 години
Друштвото на писателите на Македонија на 13 февруари одбележува јубилејни 75 години постоење.
– Од денот кога групата македонски творци Блаже Конески (како претседател), Димитар Митрев (како секретар), Славко Јаневски (како член на управниот одбор) и Васил Иљоски, Ристо Крле, Иван Точко, Венко Марковски, Владо Малески, Ацо Шопов и Коле Чашуле (како членови) ја основале нашава писателска асоцијација има благородна мисија да ги негува и брани творечките импулси на креативците во доменот на јазикот и писмото, да ги унапредува и развива книжевните поетики, да го поместува дострелот на книжевно-уметничкиот израз. Писателското друштво минало низ многу премрежиња, низ турбуленции од различен вид, кризи и падови, низ кавги и помирувања, низ идеолошки и дневнополитички разидувања, транзиции, но, сепак асоцијацијата опстоила и опстанува и денес, првенствено имајќи ја пред себе идејата дека литературата е неопходна состојка на нашите животи и дека писателите и читателите се спрега што постојано треба да се негува, да се поттикнува и осовременува, да се професионализира и култивира – информираат од ДПМ.Низ изминатите седум и пол декади, бројот на писатели членови на ДПМ израснал и до околу шестотини имиња, кои со својот креативен влог врежале трага во македонскиот книжевен живот. Таа бројка во овој миг е заокружена на околу триста активни членови, од различни генерации и со различни стилски и жанровски профилации.
– Капацитетот на членството на ДПМ, творечки и интелектуален, е она што ги обезбедува иднината и развојот на асоцијацијата. Како и секоја година, во пресрет на нашиот празник, 13 февруари, овој пат јубилеен, се радуваме и на успесите на нашите колеги писатели чии книги објавени во текот на изминатата година беа прогласени за исклучително квалитетни остварувања од жири-комисиите и ги добија престижните традиционални книжевни награди на ДПМ – дополнуваат од ДПМ.
На годинешниов конкурс за најдобро прозно остварување за 2021 година, односно за наградата „Стале Попов“ пристигнаа 13 прозни дела, од кои една збирка раскази и 12 романи. По темеленото исчитување на пристигнатите дела од членовите на комисијата, наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување во 2021 година му припадна на Ивица Челиковиќ, за романот „Ден за одмазда“, во издание на издавачката куќа „Паблишер“.
Во Друштвото на писателите на Македонија пристигнаа 14 поетски збирки што конкурираа за наградата „Ацо Шопов“. Од нив, наградата за најдобра поетска книга во 2021 година му припадна на Санде Стојчевски, за стихозбирката „Великата лирска песна: песни за Неа“, во издание на издавачката куќа „Дијалог“.
– Санде Стојчевски со оваа книга уште еднаш покажа дека домот на поезијата не е само стандардниот кодифициран јазик туку и уникатното и архаично локално македонско наречје – пишува во образложението на комисијата.
Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка книга во 2021 година му припадна на Димитар Пандев, за делото „Времето на Конески“ („Панили“, Скопје).
– Книгата на Димитар Пандев претставува врвно остварување во доменот на критиката и есеистика, во кое на суптилен и убедлив начин авторот, со својот препознатлив стил на искажување, остварува успешна синтеза на сопствените повеќедецениски лингвистички, книжевно-историски и поетолошки толкувања на творештвото на корифејот на нашата наука и книжевност Блаже Конески – пишува во образложението на ДПМ.
Комисијата исто така сака да укаже дека пристигнатите дела на конкурсот се различни во својата жанровска припадност и дека сите одделно остваруваат високи естетски, есеистички и книжевно-критички вредности. Ова се однесува на книгите на Славе Ѓорѓо Димоски, „Пат покрај патот“, и на Трајче Кацаров, „Чекорење во осаменост“, како и на двете дела што, покрај наградената книга, влегоа во потесен избор за наградата, имено книгите на Сузана В. Спасовска, „Слободата на стихот: студија за македонскиот слободен стих“, и на Ана Мартиноска, „Книжевноста низ критичка визура“.
А наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади во 2021 година му припадна на Венко Андоновски, за романот за деца „Имаш пчела на носот: роман за њутајмер и олдтајмер тинејџери“ („Паблишер“ од Скопје).
Според образложението на жири-комисијата, романот „Имаш пчела на носот“ несомнено го збогатува фондот на македонската литература за млади со уште еден репрезентативен роман на македонската современа проза.