Околу сто македонски државјани има во Украина во моментов, а Министерството за надворешни работи има неколку планови за различни активности и за различни сценарија кои би можело да се одвиваат во наредниот период во таа земја, рече министерот Бујар Османи денеска на брифинг за актуелните случлувања.
Има четири категории наши државјани во Украина – во првата категорија се амбасадорот и уште еден дипломат во нашата амбасада во Киев и нивните семејства. Бидејќи тие се суштествен персонал за нашата Амбасада и засега нема одлука таа да се затвори, рече Османи, дипломатите ќе останат во Украина додека не биде донесена поинаква одлука, но одлучено е нивните семејства да се вратат во Скопје на почетокот од нареднава седмица.
МНР е во договор со Бугарија и доколку се појави потреба за повлекување на двајцата дипломати, има целосно утврден аранжман како тоа ќе се организира.
Одлучено е засега во Украина да останат и околу 30 набљудувачи од Македонија во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ, кои се втората категорија наши државјани во мапирањето на МНР.
– Набљудувачката мисија на ОБСЕ е важна за следење на настаните во Украина и затоа засега се уште немаме одлука да ги повелечеме нашите набљудувачи, но сме во блиска координација со другите земји учеснички, со Секретаријатот на ОБСЕ во Виена и ќе одлучиме кога ќе процениме. Засега само САД имаат одлука да ги повчлечат своите набљудувачи во рамки на оваа мисија на ОБСЕ, но не и други земји – рече шефот на дипломатијата.
Во третата категроија се околу 40 наши државјани кои од различни причини се наоѓаат во Украија и 30-ина членови на нивните семејства, со тоа што членовите на семејствата повеќето се украински државјани.
– За нашите државјани ќе го повторам апелот од пред два дена – да ја искористат можноста за комерцијални летови за да ја напуштат државата и да се вратат во Северна Макеоднија. Јавниот повик до државјаните на Северна Македонија коишто се наоѓаат во Украина да ја напуштат земјата беше првиот од нашите планови – рече Османи, додавајќи дека дел од плановите почнуваат да се реализираат врз основа на блиска комуникација што МНР оваа недела ја имало со сојузниците.
– Разменувајќи информации, некако стана се поизвесно дека е можна ескалација односно руска инвазија во Украина и затоа почнаа да се реализираат дел од плановите коишто беа подготвени за различните сценарија. Не сакаме да внесеме незивесност и страв во однос на мерките што ги преземаме за Украина, целосно сме во координација со нашите сојузници, и во рамки на НАТО, и во ЕУ, и сето тоа го правиме врз основа на плановите и информациите што ги имаме – рече Османи, додавајќи дека МНР продолжува одблиску да ја следи состојбата и дека НАТО бара дипломатско решение за да се спречи деескалација на тензиите.