Турција
Три лица се уапсени вчера во Истанбул во врска со убиството на Халил Фаљали, кој беше убиен пред два дена на Северен Кипар во заседа, додека со придружба го напуштал својот хотелски дом. За време на нападот загинал и неговиот возач Мурат Демирташ, а според медиумите, атентаторите го напуштиле островот со глисер, кој заминал за Турција веднаш штом се увериле дека нападот бил успешен.
Уапсените се идентификувани како Мустафа С., познат како лидер на криминална група, и двајца негови соработници. Осомничените се забележани како се симнуваат од глисер што пристигнал од Северен Кипар, по што се однесени во полициска станица во Истанбул на испрашување.
Инаку, Фаљали е убиен во класична криминална заседа, откако возило со вклучени трепкачи му го попречил патот на конвојот од три возила, во кој бил и тој. Имено, тој во последно време го засилил обезбедувањето и патувал со блиндирано возило, но овој пат во возилото биле неговата сопруга и трите деца, а Фаљали бил со друго возило кога наишле на заседа. Од препреченото возило на патот излегол човек, кој со прецизни истрели го убил најнапред возачот, а потоа и Фаљали, без да испука ниеден куршум кон другите луѓе или кон другите две возила. Веднаш потоа атентаторот исчезнал со молскавична брзина. Возачот починал на местото на злочинот, а Фаљали со 16 куршуми испукани од „калашников“ од непосредна близина, бил однесен во болница каде што и починал.
Вчера тој беше погребан во неговото село Кумјали. На погребот присуствувале највисоките претставници на Северен Кипар. Медиумите проценуваат дека неговото богатство било огромно затоа што бил познат како еден од најголемите газди на коцкањето, дрогата и перењето пари во регионот. Се наведува дека тој го поседувал целиот нелегален пазар за коцкање во Турција.