Кон изложбата „Сè што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност во Скопје

Рецензија

Изложбата „Сè што ни е заедничко“ како кураторски концепт што се повторува неколку години по ред, овој пат укажува на внимателно смислена интеракција на избраните проекти во просторот, дискурзивниот, но и физичкиот простор на музејот. Прикажувајќи една поширока интернационална ликовна диегеза, овој проект се обидува да ја извлече линијата на концептот „заедничко“, во мошне концизно ангажирана рамка. Сето ова одново го наметнува прашањето – дали може да се изгради „заедничкото“ или тоа е веќе присутно во поединечните ликовни предлози изработени од различни уметници во поголем временски распон. Градењето на заедничкиот простор е можеби најсложената структурална формација откако се знае за уметничката, на моменти и политичката, а особено социолошката смисла на овој генерички поим во образба. Но тука не станува збор за „организирано тело на луѓе“, туку за потрага по повисоки уметнички цели од потрагата по пообјективни вистини, за споделеност на заеднички вредности коишто во квинтесенцијална смисла се совпаѓаат, и за поставување на субјектот уметник и уметничкото творештво во функција други, повисоки заеднички идеи.
Инсталацијата „Нови сојузи“ (2016-2019) на Јонас Стаал ја покажува токму таа витална концепција на поимот заедничко, преиспитувајќи ги и изложувајќи ги есенцијалните состојби во политиките, глобалната економија, хуманитарните и еколошките кризи во Европа, како геостратегиски концепт на единството, во споменатиот контекст – артифициелно здружување. Потрагата по транснационален сојуз во овој проект, значи унија на неелитистички политики, коишто ќе ги понесат одговорноста и товарот на заедничката експлоатација на ресурсите, и во целост ќе ги отфрлат митските националистички и сепаратистички решенија.

Групата ОПА (Опсесивно посесивна агресија) во соработка со Софија Григориаду, преку проектот „Канцеларија на пропаганда“ (2021), видео, изложува едно подолго истражувана серија на јавни интервенции. Субверзивниот модел на ОПА и Григориаду содржи вирален потенцијал што рефлектира назад преку речиси истите механизми и оперативни тактики, како и пропагандата. Во атриумскиот простор на музејот, видеопроектот „Вечно тело“ (2013) на ОПА, низ фукоовска лексика ја буди историјата (и одложените реминисценции) во контекст на современото поимање на „дисциплина на телото“, општествено, системско, контролирано тело. Со овој уметнички гест, уметниците покажуваат потенцијал за преобразба на дадени и познати наративи низ ликовна преизведба на документарен материјал, засилен со аурални податоци, синхронизирани со временската димензија на делото како контекстуална мрежа на кодирани значења.
Видеоколажот „Љубов е пораката, пораката е смрт“ (2016) на Артур Џафа е изработен во една од неговите препознатливи уметнички изразни форми, составен од оригинални снимени материјали и пронајдени снимки со историска меморија. Џафа веќе подолг период инсистира на расветлување на прашањето околу насилството врз Афроамериканците, експлицитно покажувајќи ги најбруталните факти на репресија, кои опстојуваат на индивидуално и институционално ниво и денес. Наспроти силниот моментум на кршливост на оваа сѐ уште сепарирана етничка заедница, авторот демонстрира моќен израз на „црнечка извонредност“ како што тој ја нарекува, на обични граѓани култни личности од вековниот отпор кон угнетувањето.
Преку видеото „Овој лимон има вкус на јаболко“ (2011) на Хива К, авторот прикажува реален документиран настан на протест од 2011 година во Сулејманија, кој своевремено не бил медиумски пренесен. Концептот на Хива К е ретроспективно навраќање на местото на случувањата, местото помеѓу вистинските проблеми на заедницата и општествените несогласувања.

Инсталацијата „Заплеткани конци“ (2019) на Кристина Божурска демонстрира состојба на едно обновливо прашање во нашата современа и сѐ почеста тематизација на работничките права и експлоатација на работната сила од страна на капиталистичките гиганти. Одливките или калапите од рацете на жените работнички се распределени низ просторот во една линеарна низа изведена во јасно замислен партиципативен простор, која го привлекува окото на гледачот на читливост, одблизу и непосредно. На спротивната страна, инсталацијата „Исклесано во камен“ (2019), на истата уметница, се појавува како контрапункт на висечката предлошка, подредена во репетитивна шема на записи, кои повикуваат на комбинирано декодирање и слободна асоцијација.
Инсталациите „Територии“ (2004-2021) и „Уште еден проклет миг: патникот“ (2018) на Игор Тошевски и неговиот проглас на слободна територија го интерпретираат концептот институционална критика, истакнувајќи ги суштествените поими на уметноста и уметникувањето. Овој гест смело ја подвлекува концепцијата на политичкото и идентитетското тело на поединецот во определени институционални и институционализирани контексти, низ чија планарна форма – како хипотетичка територија, се преиспитува хипотетичкото движење.
Од изложените дела видовме дека низ различни медиумски форми и ангажирани одговори, заедничкото е концепт во движење, историско и формативно, чија репродукција во јавниот простор при секое идно споделување антиципира релациона отвореност. Оваа концепција се приближува до она што значи структурална трансформација на јавната сфера (Ј. Хабермас), каде што поимот заедничко како „јавно“ е достапно за сите и „обичните“. Оттука заедничкото на изложените уметнички прилози и кодирани пораки ја одразува можната интеграција во општествената структура, составена од различни авторитети меѓу кои и посакуваниот реципиент на уметноста.

Автор:Натали Рајчиновска Павлеска