Уште неколку факти од историографијата како прилог кон бугарско-македонските односи
Петко Рачов Славејков, бугарски општественик, публицист, поет и политичар, лице од висока доверба на егзархот Јосиф I, во весникот „Македонија“, од јануари 1871 година, меѓу другото посочува дека Македонците инсистираат на своето македонско потекло, сметајќи се за наследници на старата и славна македонска држава на Филип II и Александар III, и оти „тие цели биле Македонци“. Токму бугарскиот општественик Славејков, пред 150 години потврдува дека Македонците инсистирале „македонското наречие“, како што вели тој, да биде јазик на литературата, на наставата, на учебниците и општо да стане официјален јазик. Во спорењето за јазикот, Македонците го сметале „македонското наречие поблиску до словенскиот јазик“, за разлика од бугарското, кое било „полно со татаризми“, пишува тој.
Во бугарската историографија од времето пред и по Цола Драгојчева има купишта фалсификати во однос на Македонија и македонскиот народ, а во тоа свој придонес има и бугарскиот академик д-р Христо Христов, како извртувач на вистината за Македонското, односно Кресненско востание. Имено, станува збор за тврдење дека печатот на началникот на штабот на Македонското востание е измислен, дека со неговото претставување на корица од книга, издадена во Скопје 1980 година, всушност се сакало да се сугерира оти востанието било „македонско“, а тој смета дека не е. Според д-р Владо Поповски, ваквото мислење на академик Христов, познат истражувач на македонската историја, во најмала рака е несфатливо, ако се знае дека постојат печат и оригинални документи што потврдуваат дека станува збор за автентично, македонско востание, со јасна цел „ослободување на Македонија“ и „создавање македонска држава“. Во тој контекст, според Поповски, несфатливо е како воопшто може да се тврди дека печатот на востанието е измислен, дека не постои, а токму во публикација на БАН, чиј член бил Христо Христов, објавен е податок дека постои печатот.
Печатот се чува во Музејот на Македонија!
„Во таа публикација, на страницата 47, а во врска со документот бр. 70, е потврдено дека началникот на штабот Димитар Поп Георгиев во писмото до џумајскиот Македонски комитет од 24 октомври 1878 година, покрај својот потпис, втиснал и печат со тркалезна форма, со натпис наоколу: ’На Македонското востание 1878’, а на средината, во три реда: ’Печат на Началникот на Штабот’. Неговиот опис е идентичен со печатот втиснат на корицата на книгата под наслов: ’Правилата-Уставот на Македонскиот востанички комитет во Кресненското востание’, издадена во Скопје во 1980 година. Со тој печат, началникот на штабот, Димитар Поп Георгиев, потпечатил 12 документи, односно свои писма испратени до џумајскиот Македонски комитет, во периодот од 24 до 28 октомври. Само два дена потоа, по последниов датум, било наредено Димитар Поп Георгиев да се уапси, а наредбата ја потпишал Мелетеј Софиски, претседател на Софискиот комитет ’Единство’. Печатот денес се чува во НУ Музеј на Македонија, Историски оддел – Скопје, под инвентарниот број 10.187. Дали негирањето на постоењето на тој печат било направено поради неподготвеноста да се признае реалноста или поради незнаење за неговото постоење во време на Македонското востание, податок објавен во публикација на БАН, не може да се утврди. Во секој случај, не било за очекување да се негира нешто за што имало спротивен податок во публикација на кредибилна институција, на која бил член и авторот на споменатата негација, академик Христо Христов. Во таа насока, тврдењето на споменатиот академик дека за време на Кресненско-разлошкото востание не можело да се говори за Македонци како за различна народност од Бугарите и дека таквиот приод прв го направил Крсте Мисирков на крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога ’Бугарите од Македонија’, како што пишува бугарскиот академик, ’биле претворени во Македонци’! И тоа тврдење, се разбира, не е точно. Спротивно, точно е тоа дека Македонците се издвојувале како посебна народност од Бугарите уште од шеесеттите години на 19 век, кога Крсте Петков Мисирков не бил ни роден. За тој сѐ помасовен процес среде Македонците од шеесеттите и седумдесеттите години посведочува не Мисирков, роден во 1874 година, туку Петко Рачов Славејков, бугарски општественик, публицист, поет и политичар, лице од висока доверба на Егзархот Јосиф I, роден во 1829 година. Тој што сака да се увери во тоа, па макар бил и академик, би требало да ја види, на пример, статијата на Славејков во весникот ’Македонија’ од јануари 1871 година, во која тој меѓу другото посочува дека Македонците инсистираат на своето македонско потекло, сметајќи се за наследници на старата и славна македонска држава на Филип II и Александар III, и оти ’тие цели биле Македонци’, при што никој не може да ги разубеди од тоа ’нивно големо откритие’. Токму Славејков, многу години пред Мисирков, потврдува дека Македонците инсистирале ’македонското наречие’, како што вели тој, да биде јазик на литературата, на наставата, на учебниците и општо да стане официјален јазик. Во спорењето за јазикот, Македонците го сметале ’македонското наречие’ за чисто словенско, ’поблиску до словенскиот јазик’, за разлика од бугарското, кое било ’полно со татаризми’. Освен статијата во весникот ’Македонија’, Славејков е автор и на две писма до егзархот во врска со унијатското движење во 1873 и 1874 година, објавени во списанието ’Векове’ во ноември 1878 година, кои, исто така, потврдуваат дека Македонците имале свој јасен приод кон македонскиот национален идентитет многу години пред појавувањето на познатите национални ставови на Мисирков. Секој што сака да се увери во континуитетот на македонската национална свест во 19 век би можел да го види и писмото на малешевските главатари и бегалци испратено до грофот Едмонд Фицморис, англиски генерален конзул во Солун, исто така од ноември 1878 година, како и драмата во два чина од Никола Н. Македонски, насловена ’Македонското востание или Коста Беровски Војвода’, објавена во Плевен во 1887 година, во која јасно е посочено каква народна свест имала генерацијата во времето на таканаречената Источна криза. Факт е дека Македонците во времето пред Источната криза, како и во нејзините рамки, се бореле како посебна народност, за своја македонска државност“, констатира проф. д-р Владо Поповски во своето истражување за борбата за создавање македонска државност во периодот на големата источна криза, која во случајот со Македонија се развлекла од 1876 до 1881 година.
На два документа објавени во Бугарија стои потписот на Македонскиот востанички комитeт!
Според д-р Владо Поповски, Македонското востание од 1878 година, кое досега, историски не сосема прецизно, најчесто се означувало како Кресненско востание, во документите со кои се прогласило и раководело, пред себе секогаш ја имало целта да создаде македонска автономија, а не да ги замени целите на сите напори и борби со нешто што ниту тогаш, ниту претходно, ниту пак потоа, претставувало цел на македонските ослободителни борби.
„Македонците никогаш не кренале востание заради единство со бугарскиот народ. Во врска со тоа, на македонскиот карактер на Македонското, односно Кресненското востание, многу директно укажува и програмскиот акт на Македонскиот востанички комитет под наслов ’Правила на македонскиот востанички комитет’, донесени, според бугарскиот патријарх Кирил, при крајот на декември 1878 година. Македонскиот востанички комитет озаконил два документа како Правила. Првиот документ, од декември 1878 година, гласи: ’Правила на македонскиот востанически комитет; Македонски востанически комитет узаконјава, 1878’. Насловот на вториот документ гласи: ’Македонски востанически комитет узаконјава, 1879’, а на грбот на вториот ракописен лист на документот стои: ’Правила на македонскиот востанически комитет во 1878-1879 г.’ Овој втор документ, донесен во февруари 1879 година, има 13 члена од дисциплинарна природа и се чувал кај Ана Станкова во Пловдив. Првиот документ од декември 1878 година е еден вид устав со 211 члена за ’воведување ред во земјата’ каде што дејствуваат востаниците, ’додека не се ослободи целата наша татковина Македонија’. Со еден збор, тој акт на Македонскиот востанички комитет од декември 1878 година претставува недвосмислен доказ за македонскиот карактер на Кресненското, односно Македонското востание насочено кон создавање македонска држава. А токму тој акт од страна на бугарските историски научни кругови, како и од други бугарски центри, беше прогласуван за фалсификат, антибугарски насочен, во кој се негирал бугарскиот карактер на ’Кресненско-разлошкото’ востание.
Во таквите научни кругови најрепрезенативно беше истапувањето на академик Христо Христов, познат истражувач на македонската проблематика, кој во бугарското списание ’Исторически преглед’ од 1980 година, под наслов ’По трагите на еден историско-документарен фалсификат’, ги изнесе тврдењата дека ’македонски востанички комитет не постои, а печатот, чиј отпечаток е претставен на корица на книга, објавена во Македонија, едноставно е измислен, дека во ниту едно историско истражување, ниту во еден документ, со исклучок на ’Правилата-Уставот…’, објавени во ’скопската публикација’, како што вели, не се зборувало за постоење на ’Македонски востанички комитет’ во деновите на Кресненско-разлошкото востание, и дека во оспорениот документ од ’скопската публикација’ Бугарите биле претворени во Македонци, потенцирајќи дека ’таквиот приод кон народноста на населението во Македонија во деновите на Кресненско-разлошкото востание е неоснован’.
Тој приод, според него, е создаден од првиот апостол на македонизмот Крсте Мисирков кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Бугарската историографија што ги споделува ставовите на академик Христов треба да знае дека на два документа што се објавени во Бугарија стои потписот на Македонскиот востанички комитeт – на тој од 20 февруари 1878 година и на Повикот од Македонскиот востанички комитет од 2 мај 1879 година, објавен на Малеш Планина. Правилата на Македонскиот комитет од 1878 година се Правилата што се објавени во Скопје во 1980 година и никој што не бил учесник во востанието не може да ги конструира и напише со таква структура и така подробно и прецизно во однос на вистинските настани, проблеми и динамика во востанието и околу него. Дека постоеле Македонски востанички комитет и негов печат за време на востанието зборува и фактот што тој се огласува трипати во текот на востанието со три востаничко-политички и нормативни регулативни акти, од кои два негови документи има објавено и во публикации во издание на БАН. Бугарската историографија оспорува само еден документ, кој самиот по себе може да остане непризнаен од неа, но тоа не може да го оправда спорењето на потписникот на тој документ, кога веќе се неоспорни два негови потписи на други два документа. Во врска со постоењето на Македонскиот востанички комитет информација дава и патријархот Кирил во својата книга ’Спротивата срешту Берлинскиа договор…’. Самиот бугарски патријарх, објавувајќи ги документите од 20 февруари до 2 мај 1879 година, потпишани од Македонскиот востанички комитет, недвосмислено го потврдил постоењето на Комитетот, спротивно од академик Христо Христов, кој оди дури и дотаму да тврди дека печатот на началникот на штабот на Македонското востание бил измислен, дека таков печат не постои, а на писмото до џумајскиот Македонски комитет од 14 октомври 1878 година, на пример, може да се види отпечатокот од печатот со тркалезна форма и со автентичниот текст дека станува збор за ’Печат на началникот на штабот’ на ’Македонското востание, 1878’. Денес тој печат се чува во Македонија, а неговата автентичност е потврдена и во публикација на институцијата чиј член бил и Христо Христов“, пишува проф. д-р Владо Поповски во својата анализата објавена токму во зборникот за ослободителните борби во Македонија, чиј издавач е Бугарската академија на науките!?
Автор: Блаже Миневски