Фалсификаторите на пари имаат омилени банкноти што сакаат да ги фалсификуваат. Според полициски извори, но и според податоците од Европската централна банка, најмногу се фалсификуваат банкноти од 20 и од 50 евра. Освен еврата, во земјава се фалсификуваат и пари во апоени од две илјади денари, за што Народната банка мораше да излезе со предупредување до граѓаните, но и со инструкции за тоа како да се заштитат и како да препознаат фалсификувана двеилјадарка
ТЕШКО СЕ ПРЕПОЗНАВААТ ФАЛСИФИКУВАНИТЕ БАНКНОТИ, ГРАЃАНИТЕ ДА БИДАТ ВНИМАТЕЛНИ
Како никогаш досега е забележано зголемено присуство на фалсификувани банкноти во земјава. Граѓаните се исплашени и не знаат што да очекуваат. Велат дека не знаат да ги распознаат, па се плашат дека доколку им паднат во раце, слободно ќе пазарат со нив, за што можат кривично да одговараат. Слично беше изминатите години и во Европа. Криминалците на големо ги наполнија џебовите со фалсификувани евра, а евидентно е и тоа што македонските граѓани се многу лесни за манипулирање кога се фалсификуваните пари во прашање.
ИНСТРУКЦИИ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ ФАЛСИФИКУВАНИ ПАРИ
На почетокот на месецов, Народната банка на Република Македонија предупреди дека е забележана појава на фалсификувани банкноти од две илјади денари. Бидејќи се тешко препознатливи, поради тоа што фалсификаторите одлично се усовршиле во овој бизнис, НБРМ дури и излезе со насоки за тоа како граѓаните да се заштитат, односно, како да препознаат кога во рацете имаат фалсификувани пари.
Конкретниот случај со двеилјадарка најлесно може да се забележи, бидејќи фалсификуваната е изработена на обична (комерцијална) двослојна хартија, која при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите. Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи, според кои, граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност.
Фалсификуваната банкнота може многу лесно да се препознае доколку се обрне внимание на основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, кој се наоѓа на горниот средиштен дел на предната страна на банкнотата. Овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен што симулира ефект на движење. Особено впечатлива е имитацијата на заштитниот конец, кој е вметнат помеѓу двата слоја хартијата со видливи засеци и со придвижување на банкнотата создава лажен впечаток на делумно менување на боите. Но доколку се набљудува малку повнимателно, јасно ќе се воочи дека е имитиран.
Исто така, фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание на водениот печат. Водениот печат кај овој тип фалсификат е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина.
– Доколку забележите фалсификувана банкнота, треба да се обратите до банките или до Министерството за внатрешни работи, коишто понатаму ќе постапат во согласност со своите надлежности – информираа неодамна од Народна банка.
СЀ ПОТЕШКО ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ФАЛСИФИКАТИТЕ
Македонија се чини дека има доста сериозен проблем со фалсификувани пари, бидејќи по ова прашање Министерството за внатрешни работи има полни раце работа.
Полициски соговорници брифираат дека измамниците во земјата и во регионот често фалсификуваат банкноти од 20 евра, но особено им се омилени оние од 50 евра, а тоа е речиси 90 проценти од сите фалсификати запленети во Македонија.
Тие велат дека дури и холограмот на предната страна на банкнотите на еврата веќе не е заштита од фалсификување. „Речиси секоја петта фалсификувана банкнота од 50 евра“ има холограм-имитација „добиена преку интернет“.
– Со неколку клика, во основа, секој преку темните канали на интернетот, на кинеските трговски платформи може да обезбеди вакви безбедносни обележја. Така евтините копии може да се „облагородат“ со помош на холограм-налепници – велат инспекторите.
Тие резимираат дека кога „готовината“ ќе се замени со дигиталната валута постепено во оптек ќе се решат многу проблеми, затоа што е подобро заштитена од фалсификување.
ГОРЛИВ ПРОБЛЕМ И ЗА ЕВРОПА
Според информациите на Европската централна банка, во текот на 2020 година, вкупно 460 илјади фалсификувани евра се повлечени од оптек низ цела Европа и низ светот.
Според оваа институција, најмногу лажни евра биле откриени во земјите од еврозоната и остатокот од ЕУ, а само 2,7 проценти во другите делови на светот.
– Дури 94,5 проценти од фалсификуваните банкноти се пронајдени во земјите од еврозоната, 2,8 проценти се пронајдени во земјите-членки на ЕУ надвор од еврозоната, додека 2,7 проценти се откриени во други делови на светот – соопшти Европската централна банка.
Според анализите, запленетата сума во 2020 година е за 17,7 проценти пониска од онаа претходната година и досега историски е најмалото количество фалсификати регистрирани во однос на бројот на банкнотите што се во оптек.
– Околу две третини од сите фалсификувани банкноти се во апоени од 20 и од 50 евра – информираат оттаму.