Минималната плата во земјава од месец март се зголемува на 18.000 денари, по договорот постигнат меѓу синдикатите, работодавците и Владата. Со растот на минималецот ќе бидат опфатени околу 80 илјади вработени, а за да се постигне ова решение, државата ќе се вклучи со субвенции.
Министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско гостување посочи дека до крајот на мандатот минималецот ќе надмине 20 илјади денари. Тој посочи дека до крајот на годината, Владата ќе ја покрие разликата од тоа што се согласија стопанствениците до таа од 18 илјади што ја бараше синдикатот. Бектеши посочи оти со новиот закон, минималната плата не може да биде помала од 57 отсто од просечната, додавајќи дека со ова законско решение, со зголемување на просечната, автоматски ќе се зголеми и минималната плата.
Сепак, синдикалните претставници укажуваат дека платите во државата мора скалесто да растат, заедно со зголемувањето на минималната плата.
– Доколку нема скалесто зголемување на платите, во зависност од сложеноста на работата, а во однос на минималната плата, се крши законот. Ние им го предочивме тоа и на премиерот и на ресорните министри. Но засега, освен изјави дека ќе има скалесто зголемување, надлежните не прифатија за тоа конкретно да разговараме – вели Благоја Ралпковски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати. Тој потенцира дека Извршниот одбор на КСС донел одлука да се поднесе кривична пријава против непознат сторител затоа што во минатото не се почитувала оваа законска одредба, па кога се зголемувале минималните плати немало корекции на другите плати.