Во Македонија неколку години функционира и Сојузен комитет на фриленсери или дигитални работници во кој членуваат околу три илјади лица. Некои од нив велат дека е потребна некаква стратегија за нивно поорганизирано дејствување и за тоа како подобро би биле вклучени во општиот развој на македонската економија

ФРИЛЕНСИНГОТ КАКО (НЕ)ИСКОРИСТЕН ПОТЕНЦИЈАЛ ВО ЕКОНОМИЈАТА

Брзиот развој на информатичката индустрија и функционирањето на глобалниот пазар создаде можности за младите и креативни лица, кои ја открија можноста за остварување приходи работејќи од својот дом. Овие лица дејствуваат преку интернет и платформите за фриленсери, каде што своите услуги можат да им ги понудат на работодавците од целиот свет. Приходите што се остваруваат на овој начин често ги надминуваат просечните плати во регионот. Во годината што измина, Македонија ја задржа доминантната позиција во земјите од регионот, кога станува збор за бројот на дигиталните работници. Според мерењата што го објави Центарот за истражување на јавни политики, нашата земја води по бројот на фриленсери, односно има 249 на сто илјади жители или 87 повеќе од второпласираната Србија. Нашиот северен сосед има 162 дигитални работници на 100.000 жители, кои работат како фриленсери или се вработени преку некој дигитален сервис.
Сепак, понудата на пазарот на трудот на овие работници во регионот, по силната експанзија во претходните години, бележи стагнација. Годинава, бројот на работниците од ИТ-секторот, кои своите услуги ги нудат слободно, претежно за странски компании, е намален. Популацијата на регистрирани дигитални работници е намалена за 2,15 отсто во однос на претходното февруарско мерење, се наведува на сајтот Гигметар. Овој веб-сајт ги следи трендовите во фриленсер-заедницата во Србија и во земјите во Југоисточна Европа: Унгарија, Романија, Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Кога станува збор за фриленсери од Македонија, тие најчесто работат во следниве области: дизајн, креирање веб-сајтови и апликации, корисничка поддршка, преведување, пишување, продажба и маркетинг, информатичка технологија, а застапени се и услугите за мобилни и софтверски решенија. Во оваа дејност може да се вклучат и креаторите на видеоигри. Според расположивите информации, најмал број има за програмирање или за развој на софтверски решенија.

– Започнав сама, со проектни платформи како Апворк, Фивер, Фриленсер и други платформи специјализирани за фриленсерство. Потоа добив неколку од тие понуди и за некои од тие клиенти моментално сè уште работам. Моите работни задачи се однесуваат во графички дизајн, веб-дизајн и програмирање, дигитален маркетинг, истото и го предавам. Оваа работа нуди слобода, нешто што луѓето денес го сакаат, а со добро портфолио може и добро да се заработи. Секако, доколку си добар во организација и знаеш како да си ги планираш проектите со рокови и до кога треба истите тие да бидат готови, секако да имате и време за вашиот приватен живот – вели Росана Стаменкова од Велес, која повеќе години работела како фриленсер.
Иако нудењето на информатичките услуги изгледа добро платена работа, сепак овде доаѓа до израз различната економска развиеност на земјите од регионот, што влијае и на формирањето на просечната плата. Релативно пониските плати може да се сметаат и како причина за поголемиот број дигитални работници што се регистрирани во нашата земја, во однос на другите земји од регионот и пошироко. Земја со најскапа работна сила и натаму е Хрватска (24,04 долари за еден час), додека најниска цена на трудот има Македонија со (16,05 долари за еден час). Во Србија просечната цена на еден работен час за вакви работници е 18,6 долари. Просечната вработеност, која се дефинира како процент на дигиталните работници мерен во однос на вкупната популација што во моментот на мерењето работеле на конкретни проекти, била 17,9 отсто. Најголем процент на ангажираност има во Србија (23,8 отсто), додека најмал број на работно активни во моментот на мерењето биле ангажирани во Албанија, со само 10,4 отсто.

Иако постојат добри можности за наше поголемо присуство на виртуелниот пазар, се добива впечаток дека овој „извоз“ на информатички услуги од Македонија се одвива стихијно. Засега, домашните информатички компании гледаат незаинтересирано за поголема соработка со фриленсерите, кои се препуштени на индивидуалната способност на поединците, без да постои една национална стратегија во смисла на искористување на потенцијалот што се нуди на глобалниот пазар за дигитални работници. Во изминатите години, Македонија и другите земји од регионот се обидоа да го регулираат ангажирањето на фриленсерите, но тоа повеќе се однесуваше на фискализацијата, односно преку оданочувањето на нивните приходи. За тоа каква е моменталната состојба на информатичкиот пазар на трудот одговор побаравме и од здруженијата на ИТ-компании во земјава, но оттаму ни изјавија дека немаат изградено став околу функционирањето на фриленсерите во земјава. Ова покажува дека меѓу македонските информатичари постои и голема конкуренција во придобивање на порачките од странските компании, што неповолно се одразува и на формирањето поповолна цена за своите услуги, што може да се види и низ податоците за цената на трудот што ја остваруваат фриленсерите од другите земји од нашето поблиско опкружување.
Во Македонија неколку години функционира и Сојузен комитет на фриленсери, во кој членуваат околу три илјади лица. Во разговор со еден нивен член се наметна потребата од изработка на некаква стратегија за поорганизирано дејствување и за тоа како тие подобро би биле вклучени во општиот развој на македонската економија.

– Засега, овој потенцијал е искористен во доволна мера, со оглед на тоа дека немаме закони, односно не се даваат опции за фриленсингот. Но, секако, може да биде и подобро и да бидеме поискористени, а со тоа и да се поттикне економскиот развој на Македонија. Фриленсерите може да дејствуваат поорганизирано, но не секој сака да работи со фриленсер, туку сака да работи со фирми и на некој начин да биде заштитен и сигурен за услугата што ја бара и која сака да се направи. Сѐ уште некои не веруваат на фриленсингот, но сепак е подобро од пред некоја година – ни изјави еден македонски фриленсер, кој сака да остане анонимен.
Како што ни изјави тој, сѐ е сведено на индивидуалниот пристап и дали некој сака да работи на овој начин и да не биде класично вработен. Компаниите засега се воздржани во однос на користењето услуги на фриленсерите, но затоа државата може да дејствува поорганизирано, во смисла на заштита на правата на оваа заедница, со одредување прифатливи даноци, како и во заштитата во наплатувањето на извршената услуга.