Започнува со гадење во стомакот, грчеви, по што срцето почнува да чука, колената да се тресат и дланките се потат… Вака го опишуваат Стендаловиот синдром оние што го доживеале, а ова необично нарушување најчесто им се случува на посетителите на Фиренца, италијанскиот бисер во срцето на Тоскана. Во екстремни случаи, тоа вклучува епилептични напади и срцеви напади. Секоја година погодува барем еден посетител, а тој добива наплив на емоции кога ќе се соочи со огромниот број големи уметнички дела со кои се гордее овој град.
Разгледување на галеријата „Уфици“, средбата во живо со „Давид“ на Микеланџело, „Раѓање на Венера“ на Ботичели, „Благовештение“ на Леонардо да Винчи, „Медуза“ на Караваџо… Сето ова може да биде премногу за некои луѓе. А реакцијата има име и е препознаена како психичко нарушување: Стендалов синдром.
Стендаловиот синдром првпат го опишал францускиот писател Мари-Анри-Бел (1783 – 1842), познат под псевдонимот Стендал. Во 1817 година, тој ја забележал својата посета на Тоскана на следниов начин: „Бев во еден вид екстаза од самата идеја да бидам во Фиренца. Ме погоди жестоко чукање на срцето. Изворот на животот пресуши во мене, а јас чекорев во постојан страв да не паднам на земја“.
Синдромот официјално е клинички опишан како психијатриско нарушување во 1989 година од Грациела Магерини, психијатарка во болницата „Санта Марија Нуова“ во Фиренца. Испитувала 106 пациенти, од кои сите биле туристи што доживеале вртоглавица, забрзано чукање на срцето, халуцинации и слабост кога гледале скулптури и слики на мајстори како Микеланџело и Ботичели. Овој синдром се јавува од 10 до 20 пати годишно и ги погодува луѓето што се почувствителни, како и оние што можеби чекале цел живот и со нетрпение очекувале да ја посетат Тоскана. Некои завршуваат во болница, а чести се сцените на луѓе што почнуваат да плачат пред големите дела. Се чини дека „Раѓањето на Венера“ на Ботичели е посебен предизвикувач на синдромот. Пред тоа ремек-дело, барем еден човек имал епилептичен напад, а еден господин имал и срцев удар.
Италијанските медиуми целото нарушување го претставија како нешто романтично. Но лекарите предупредуваат дека не е. Тие предупредуваат дека можеби фасцинацијата со уметноста сама по себе не е нарушување, туку дека прелевањето на чувствата предизвикува некои реакции во телото за кои веќе имало предиспозиции, како што е слабото срце. Напоменуваат и дека вакво нешто можеби се случува и на други места со многу уметнички дела, но никој сè уште не го поврзал, забележал и регистрирал како нарушување.