На денешен ден во 1945 година
Во училишните клупи на оваа образовна установа се школувале и идни академици, меѓу кои Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Владо Камбовски, Ѓорѓи Филиповски… Училишните денови таму ги поминале и многу народните херои
Шести февруари 1945 година е првиот учебен ден на македонски јазик што се одржал во битолската Гимназија, и тоа е првото средно училиште во тогаш ослободената Република каде почна да се одржува настава на македонски јазик.
Ова е училиште од чиишто клупи излегоа мноштво борци и ги положија сопствените животи за слободата, а ние горди на нив, и денес со пиетет ги спомнуваме. Македонскиот јазик е наша единствена определба, патоказ за нашето себепрепознавање вчера, денес и утре, потврдува и сегашната генерација наставници и ученици во средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола.
Во предвечерието на 6 февруари 1945 година, во старата зграда на Гимназијата, во горниот дел на градот (ден-денес нашироко позната како Горната гимназија), по ослободувањето и со одлука на Поверенството за просвета, објектот го напуштаат партизани учесници во народноослободителната војна, и се создаваат услови за реализација на гимназиско образование на мајчин, македонски јазик.
На 1 јануари 1945 година бил одржан првиот наставнички совет со кој претседавал тогашниот директор Орде Печијаре, а откако учесниците, наставниците зеле заклетва за верна служба донеле одлука Гимназијата да биде отворена на 5 февруари, а следниот ден, на 6 февруари да почне редовна настава на македонски јазик.
Според зачувана документација во Гимназијата, пред директорот Орде Печијаре, сите наставници дале заклетва за верност во службата, а во согласност со писмото на поверенството, се одлучиле Гимназијата да се вика „Гоце Делчев“. За паралелките, вкупно 13 со 572 ученици, било одлучено да бидат мешани, односно заедно да учат женски и машки ученици, пишува МИА.
На свеченото отворање прв зборувал првиот директор на Гимназијата, Орде Печијаре.
Тој објавил: Гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз! Потоа претставници на партизанските одреди и народната власт зборуваа за значењето, задачите и улогата на Гимназијата во ослободената татковина. На големиот, историски настан во Битола, првпат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонски народни песни, ги растреперија срцата на присутните. Првата учебна година заврши на 20 јуни 1945 година.
Гимназиско образование во објект со темели од 1892 година
Денешната гимназија „Јосип Броз Тито“ е во објект чии темели датираат од 1892 година, зграда која во тоа време му припаѓала на богатиот битолски бег Сали-паша. Во гимназијата се образовале ученици од целиот Битолски вилает. Учениците кои не биле од градот, престојувале во интернат кој бил во рамките на самото училиште.
По ослободувањето, отворањето на Гимназијата има големо значење не само во тоа што со наставно-образовниот процес младите се подготвувале за одење во виши и високи школи, и со тоа задоволување на потребите од високообразовен кадар во стопанството, туку и создавање кадар за општествените дејности и посебно учители. Во учебната 1951/1952 година, со Решение на Републичкиот совет за просвета, Гимназијата е поделена на Нижа гимназија и го добива името „Никола Карев“, и на Виша гимназија, која го задржала дотогашното име „Гоце Делчев“ сè до 16 декември 1952 година кога Советот за просвета, наука и култура – Битола одлучува Гимназијата да се преименува во „Јосип Броз Тито“. Така е и денес.
Битолчани велат дека објектот е гнездо на талентирани и успешни ученици, кои благодарение на солидната основа стекната во гимназискиот наставен процес, во понатамошниот живот и професионална кариера се потврдиле како истакнати граѓани.
Угледот и успесите на Гимназијата и гимназијалците се потврдени со бројни награди, признанија и одликувања, меѓу кои Орден за заслуга за народ со златна ѕвезда во 1976 година, а истата година Гимназијата ја добива и наградата „Климент Охридски“ за посебни остварувања во воспитно-образовната дејност од посебно значење во СР Македонија. Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во два наврати го добива највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“. Во витрините на гимназијата има недоброј пехари, медали и дипломи за успесите на учениците постигнати на национално и интернационално ниво.
Меѓународна размена и меѓународни проекти
Негувањето на меѓународната соработка е континуирано, и како што велат од гимназијата, со овие активности се јакнат знаењата и вештините на учениците и наставниците од различни наставни предмети, а со меѓународната размена се отвораат видиците на учениците, се зајакнува космополитскиот дух, дружењето на младите и интернационализацијата на училиштето.
Првата меѓународна размена гимназијалците ја почнуваат со Средното стручно училиште „Жан Мармоз“ од градот Вир, од областа Нормадија во Република Франција. Идејата за размена произлезе од професорите по историја од двете училишта, кои ја развија идејата да се вклучат во теренски истражувања на Македонскиот фронт од Првата светска војна во околината на Битола и учениците од двете училишта.
По иницијатива на Општина Битола и збратимениот француски град Епинал, возобновени се врските со тамошната Гимназија „Клод Желе“, а по подолга соработка меѓу професорите по историја од битолската Гимназија и Колеџот „Свети Михаил“ од Фрибург, Швајцарија, во 2013 година е потпишан договор за размена на ученици, запознавање и јакнење на европските вредности. Горната гимназија соработува и со гимназијата „Беит Хинух“ од Ерусалим во Израел, со училиша од францускиот град Кутонс, а пред почетокот на пандемијата, во соработка со младинската организација од Кохав Јаир од Израел, битолчани учествуваа во проектот „Патот кон помирувањето“.
Нов лик на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола
Гимназијалците второто полугодие, како и во првото, продолжија со онлајн настава заради најголемиот реконструктивен зафат што се одвива во Гимназијата. Условите за учење и работа во училиштето коренито се менуваат и наскоро учениците повторно ќе бидат во својата Гимназија.
Со реконструкцијата се заменети дрвените прозорци со нови автентични дрвени прозорци соодветни на архитектонската вредност на објектот. Обновена е електричната инсталација, со што е зголемена безбедноста, а осветлувањето е со штедливи светилки, економично и рационално. Во Гимназијата целосно се санирани подовите, ѕидовите, ходниците и училниците. Кабинетите се опремени со компјутери и телевизори, процесот на дигитализација на образованието може непречено да се одвива, пренесува МИА.
За годишнината, за 6 февруари 1945-та, денот кога беше одржан првиот час на македонски јазик во Битола и земјава, и оваа година гордо се зборува затоа што тоа е неизбришлив датум, длабоко врежан во поновата историја на македонскиот народ.