Фото: Игор Бансколиев

Изборниот систем има значителен ефект врз репрезентативноста во парламентите и врз можноста за ефикасно владеење. Тоа има импакт и на политичката динамика и политичката култура, како и на целиот општествен контекст. Тоа се мошне важни фактори на влијание во општеството поврзани со изборниот систем, оценуваат експертите по компаративната анализа на изборните законодавства во земјите од регионот

ВО ОЧЕКУВАЊЕ ПАРЛАМЕНТАРНА РАСПРАВА ЗА РЕФОРМА НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Репрезентативен изборен систем што ќе овозможи ефикасно владеење би требало да биде краен резултат на најавените измени на изборното законодавство, укажуваат експертите во рамките на сите досегашни дебати на оваа тема. Но дали тоа, конечно, ќе се случи во Македонија, тешко е да се прогнозира, со оглед на искуствата со начинот на кој политичките партии ги дефинираа рамките за сите досегашни реформи во земјава.

– Ако Словенија може да има функционален систем, можеме да имаме и ние – смета професорката по уставно право и политички систем и актуелна пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, пак, оцени дека се потребни искреност и политичка зрелост за соочување со фактот дека треба да се изгради изборен систем што ќе биде одраз на демократијата.
– Не сум оптимист дека во овој момент ја имаме баш вистинската премиса за пошироко гледање во дискусијата за измени на изборниот модел. Сѐ уште постојат многу калкулации и кај големите, но и кај малите партии – кажа Калеска-Ванчева, потенцирајќи дека експертската јавност треба да го каже своето мислење, но и да се погледнат искуствата од соседството и другите земји што имаат општества слични на нашето.
Тоа се двете главни насоки на движење на очекувањата дека до наредните парламентарни избори би можело да има редефинирање на изборните правила. Иако за оваа тема веќе долго време само се дебатира, импулсот што неколкуте помали политички партии, на чело со Демократски сојуз на Павле Трајанов, овој пат ѝ го дадоа на иницијативата не е за потценување. Нивниот ултимативен план за спроведување на реформите од, како што ја нарекоа, првата фаза, доби и конкретен рок од три месеци, почнувајќи од моментот на формирањето на актуелната влада.

Реформите на изборните правила треба да се одвиваат во три фази

За потсетување, реформите на изборните правила, според ова, треба да се одвиваат во три фази. Во првата фаза треба да се донесат измените на Изборниот законик, со кои Македонија ќе биде една изборна единица и ќе нема изборен праг. Во втората фаза треба да се направат коренити реформи на изборните правила, со кои ќе се отстранат системските предности на четирите партии, особено во врска со медиумското претставување и финансирање на изборната кампања од буџетот на државата. Третата фаза подразбира уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90, како определба на Демократскиот сојуз за рационализација не само со намалување на бројот на пратеници туку и бројот на министерствата, многубројните агенции, регулаторни тела и сл.
За таа цел, од партијата очекуваат итно да започне парламентарната расправа за измените на Изборниот законик, кој веќе е во процедура.
– Демократскиот сојуз оценува дека е добро тоа што, покрај СДСМ, сега и ВМРО-ДПМНЕ се залага за демократизација на изборниот процес, за една изборна единица, како и за намалување на бројот на пратеници. Полека се гради консензус за реформа на изборниот процес во целина и очекуваме тоа да се случи со темелни промени на Изборниот законик, за да се обезбедат рамноправни услови и демократски правила за изборен натпревар на сите политички партии – прогнозираат оттаму.
Инаку, покрај веќе познатите барања на партиите и укажувања на експертите во земјава во однос на тоа како во иднина би требало да изгледа изборниот систем, свои видувања и препораки, темелени на компаративна анализа на изборните системи во регионот, дадоа и од Центарот за општествен дијалог и регионални иницијативи во рамките на проектот „Изборни системи на Западен Балкан: повеќе демократија, повеќе одговорност?“, поддржан од Европскиот фонд за Балкан.

Студија за потенцијалите и ефектите за подобрување на изборните системи

Целта на студијата беше да ги истражи ефектите и потенцијалите за подобрување на изборните системи во општествата со сличен контекст во регионот, при што препораките се: повеќе персонализација, односно воведување отворени листи и на обврската на кандидатите да живеат во изборните единици во кои се кандидираат, дефинирање правила за создавање коалиции, поттикнување на изборната партиципација преку рана социјализација на идните гласачи, поефикасно работење на изборната администрација, воведување сигурни механизми за гласање на далечина…
Изборните системи се анализирани врз основа на осум критериуми: влијанието врз изборната партиципација, претставувањето на жените, претставувањето на етничките малцинства, диспропорционалноста на изборните резултати, географската застапеност на избраните претставници, ефектите врз партискиот систем, како и врз двата критериума што се однесуваат на работењето на избраните парламенти, какви што се легислативната иницијатива и надзорната функција.
– Наодите укажуваат на тоа дека изборниот систем има значителен ефект, но дека и актуелната политичка динамика и политичката култура, како и целиот општествен контекст, се, исто така, мошне важни фактори на влијание. Забележано е, на пример, пресудното влијание на изборните механизми во претставувањето на малцинствата и на жените, кои се значително подобрени со воведувањето на квотите во изборните системи во регионот. Што се однесува до малцинствата, особено е интересен случајот на С Македонија, во која албанската заедница е претставена приближно еднакво на нејзината застапеност во општата популација, иако не постојат конкретни мерки за позитивна дискриминација врзано за малцинските листи, туку земјата е поделена во шест изборни единици и во едната од нив Албанците претставуваат апсолутно мнозинство, така што полесно доаѓаат до мандатите. Од друга страна, изборниот одзив зависи пред сѐ од актуелната политичка динамика. Забележано е дека партиципацијата се зголемува тогаш кога постои политички конфликт, особено на изборите на кои се очекува смена на долготрајните власти – се констатира, меѓу другото, во истражувањето.
Освен тоа, истражувачите посочија и на долгорочниот тренд на влегувањето на помалите партии без реална поддршка на гласачите во парламентите.
– Малите партии континуирано влегуваат во парламентите без поддршка од гласачите, односно со „шлепување“ на листите на поголемите партнери. Ова се случува дури и во системите со отворени листи, што е механизам кој во принцип би требало да го намали таквото однесување на политичките актери – се вели во студијата.
Истражувачите укажуваат и на феноменот на метрополизација, односно на презастапеноста на пратениците од главните градови.
– Тоа создава дополнителен проблем, бидејќи огромен дел локални заедници немаат „свои“ пратеници во парламентите, што, пак, е последица на политичката централизација на овие општества, каде што речиси сите партиски лидери и високите функционери се стационирани во главните градови и тие редовно ги добиваат клучните места на изборните листи, како и најголем пристап до медиумите и до финансирањето – е уште еден од заклучоците во студијата. Д.М.М.


Наместо за суштината, се дебатира за формата

Впечатокот дека постои одредено доближување на позициите на политичките партии во однос на дел од најавените измени во Изборниот законик, остана во сенка на обидите за докажувања кој, што и кога предложил и поддржал.
Па, така, премиерот Димитар Ковачевски тврди дека СДСМ е прва што го поддржала предлогот на помалите политички партии за една изборна единица и дека тоа, всушност, е нивна програмска определба.

– Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ. Тие се сега гласни по тоа прашање зашто не се занимаваат со ништо освен со барања за предвремени избори, а нив ќе ги има во 2024 година – изјави Ковачевски.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се изјасни за воведување една изборна единица и за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, но и дека за тоа до Собранието ќе достават сопствен предлог.
Инаку, во блокот партии на Албанците во земјава, засега, не се согласуваат со предлогот за една изборна единица. ДУИ смета дека треба да има три изборни единици, а Алијанса за Албанците бара осум, колку што има регионални економски зони.