И покрај многубројните апели од страна на Европол и на Интерпол на светско ниво, кои преку надлежните се пренесуваат и во нашата држава, многумина граѓани и бизнисмени продолжија без доза претпазливост да купуваат и да се обидуваат да заработат на интернет. Токму тоа е доволна причина за оние што интернет-просторот им е поле за нелегална заработка и за криминални поведенија да ги унапредат своите криминални активности и да ги прошират своите активности, за да го зголемат својот „црн профит“ во сајбер-светот

САЈБЕР-КРИМИНАЛОТ ПРОДОЛЖУВА СО ЗАСИЛЕНО ТЕМПО

Откако пред две години започна целиот хаос предизвикан од пандемијата, целиот свет, вклучувајќи го и бизнис-секторот, се ориентира кон онлајн работа, како една од здравствените мерки за заштита, односно намалување на веројатноста од заразување од вирусот. Бизнис-секторот се ориентира кон онлајн работа, онлајн продажба, онлајн инвестиции, речиси исто како и физичките лица, кои целокупното живеење и работење го ориентираа онлајн. Тому тоа беше причина за криминалците да го ориентираат криминалот кон онлајн измами и сајбер-криминал, измамувајќи не само приватни лица туку и голем број правни лица и големи бизнис-сектори. И покрај многубројните апели од страна на Европол и на Интерпол на светско ниво, многумина граѓани и бизнисмени продолжија без доза претпазливост да купуваат и да се обидуваат да заработат на интернет, а токму тоа беше доволна причина за криминалците само да ја зацврстат својата позиција во сајбер-светот.

ОНЛАЈН ИНВЕСТИЦИСКА ИЗМАМА

Бугарските власти неодамна успеаја да разбијат онлајн инвестициска измама, со која преку лажни веб-страници и повикувачки центри во Бугарија криминалците целеле на жртви во Германија и во Грција.
Судските органи и органите за спроведување на законот во Бугарија, поддржани од Европол и од Европравда, уништија мрежа на онлајн инвестициски измамници вклучени во перење пари. На денот на акцијата на 26 јануари, полицајците од бугарската национална полиција (ГД Национална полиција) уапсија еден осомничен за измама на главно германски и грчки инвеститори од најмалку 10 милиони евра. Во текот на денот, во акцијата беа претресени вкупно 24 локации, додека полицајците испрашуваа 66 сведоци во Софија и во Бургас. Запленети се разновидна електронска опрема, финансиски информации и снимки.
Измамата била разоткриена откако биле поднесени поплаки од германски и од грчки инвеститори, кои ги загубиле сите депозити што ги инвестирале во онлајн измамата. Одговорната организирана криминална група формирала веб-страници и центри за повици што изгледале како легитимни, но всушност биле измамнички.
Според информациите, измамата ја вршеле два повикувачки центри. Додека дејствувале како финансиски консултанти, операторите што зборувале германски, грчки, англиски и шпански контактирале со потенцијалните инвеститори со ветувања за значителен профит. Како резултат на тоа, неколку стотици жртви направиле значителни инвестиции, но потоа ги загубиле сите свои пари.
Во 2019 година, бугарските власти започнаа истраги и Евроџаст формираше заеднички истражен тим (ЗИТ) меѓу Бугарија, Германија, Грција, Србија и Европол. По пет координативни состаноци со Европол и со Европравда, членовите на ЗИТ успеаја да ги идентификуваат двата лажни центри за повици во Бугарија. Бугарската полиција, поддржана од српските власти, на денот на акцијата ги растури двата повикувачки центри.
Во 2020 година, сличен начин на работа беше искористен во друг случај и координиран акциски ден доведе до разоткривање на два други центри за повици.

И МАКЕДОНИЈА ИМА ПРОБЛЕМ СО ИЗМАМНИЧКИ ШЕМИ И МРЕЖИ

Сајбер-криминалот зема голем замав во последните две години, а голем број правни субјекти останаа оштетени како резултат на ваквите измамнички мрежи исплетени од криминалните организации и во Македонија.
Во изминатиот период цел беа правни субјекти што се занимаваа со продажба на текстил, храна, но и медицински препарати, чии брендови, логоа и имиња беа злоупотребувани од страна на криминалците. Беа отворани нови веб-страници, официјални страници на социјалните мрежи каде што се продаваа наводни нивни производи со барање од купувачите парите да ги уплатат однапред. Откако ги добиваа парите, купувачите заработуваа „блок“, а производите никогаш не ги добиваа.
Ова беше проблем и во Македонија, каде што измамници бараа од Македонците да пишуваат смешни текстови на нивните наводно официјални страници, па извлекуваа наводен добитник, кој потоа во приватни пораки треба да им ги испрати личните податоци за да му уплатат одредена сума пари.
Оваа измамничка шема, која оперира и во Македонија, не само што го злоупотребуваше името на голем број македонски брендови и правни субјекти туку и го нарушуваше нивниот кредибилитет и им предизвика сериозна штета.
И тоа е само еден пример од многубројните случаи што изминатиот период искусија некаков сајбер-напад.
Имаше и случај во кој една македонска фирма беше измамена од лондонски криминалци, а многумина беа измамени со купување, наводни, антиковид-производи.

[email protected]