Цените на струјата на големо се повеќе од четири пати поголеми од она што беа на почетокот на пандемијата на коронавирусот. Владите треба да преземат итни мерки за поддршка на домашните индустриски производители, кои поради тоа стануваат неконкурентни. Кризата не само што ја разоткри ранливоста во енергетското снабдување на Европа туку и вкоренетите културни и политички поделби околу нуклеарната индустрија и неуспехот да се создаде колективна визија
Европа, нуклеарната енергија и предизвиците на снабдување со енергија
Откако во 2011 година се случи катастрофата во Фукушима, Јапонија, тогашната германска канцеларка Ангела Меркел донесе една (повеќе) политичка одлука, а (многу помалку) визионерска. Таа беше на задоволство на антинуклеарното движење во нејзината држава, односно да се стават под клуч сите нуклеарни централи. Она што големите политичари ги прави такви е да имаат визија дека луѓето и државите што ги водат ќе предвидат дека надоаѓаат премрежиња, вклучувајќи и една од најлошите енергетски кризи во нејзината историја. По една деценија, најголемата економија на Стариот Континент, Германија, ги затвори речиси сите свои нуклеарни капацитети. Преостанатите реактори ќе бидат исклучени до крајот на 2022 година, што е во најлошо можно време!? Цените на струјата на големо се повеќе од четири пати поголеми од она што беа на почетокот на пандемијата на коронавирусот. Владите треба да преземат итни мерки за поддршка на домашните индустриски производители, кои се соочуваат со многу високи сметки. Кризата не само што ја разоткри ранливоста во енергетското снабдување на Европа туку и вкоренетите културни и политички поделби околу нуклеарната индустрија и неуспехот да се создаде колективна визија.
Нуклеарната енергија е клучна во постигнувањето на целите на нето нула емисии
За разлика од Германија, во други региони во светот се работи поинаку. И тој приод се толкува дека е во интерес на граѓаните, стопанството, одржливиот раст и сето тоа во согласност со принципите за заштита на животната средина. На пример, Кина работи со брзо темпо во развивањето на нуклеарната енергија за да го подобри квалитетот на воздухот. Според Светската нуклеарна асоцијација, бројот на кинески реактори се очекува најрано до средината на оваа деценија да го надмине оној на САД (кои се на прво место по бројот на нуклеарни централи). Русија продолжува да отвора нови нуклеарни постројки дома и уште 20 реактори се потврдени или планирани за изградба надвор од државата. Франција, која е најголемиот производител на нуклеарна енергија во Европа, планира атомска ренесанса. Велика Британија планира да ги замени старите постројки во потрагата за почисти и подоверливи извори на енергија. Холандија сака да додаде повеќе капацитети, Полска исто така сака да се вклучи во нуклеарниот клуб, а Финска наскоро ќе почне да произведува струја од првата нова нуклеарна централа во последните четири децении.
Германија, Белгија, Шпанија се уште „за“ затворање на нуклеарките
Белгија и Шпанија го следат примерот на Германија во затворање на нуклеарните централи, но во различни временски рамки. Австрија ја отфрли употребата на нуклеарни централи на референдум во 1978 година. Поборниците за нуклеарна енергија сметаат дека таа е клучна во постигнувањето на целите на нето нула емисии. Откако ќе се изградат, реакторите постојано снабдуваат струја со ниска емисија на јаглерод, за разлика од ветерната и соларната енергија. Противниците на нуклеарките како аргумент плус истакнуваат дека изградбата на нуклеарните постројки во најдобар случај трае десетина или повеќе години и висок е ризикот од надминување на рокот и буџетот. На пример, новата финска постројка „Олкилуото 3“ ќе биде пуштена во функција по 12 години одложување и со финансиско пречекорување од милијарди евра. А како аргумент е и отпадот што останува опасен 100.000 години. Од тие причини, членките на Европската Унија (ЕУ) сè уште се расправаат дали се одржливи нуклеарните централи.
Сè се сведува на политика
Граѓаните се исто така поделени. Анкетата што „Југов“ ја објави во декември минатата година откри дека Данците, Германците и Италијанците се далеку поскептични за нуклеарната енергија за разлика од Французите, Британците или Шпанците.
– Сè се сведува на политика. Сè што е политичко е предмет на дебати, но во реалноста луѓето имаат сосема поразлични перспективи – вели Винс Забиелски, кој 15 години бил нуклеарен инженер, а сега е партнер во њујоршката правна фирма „Пилсбури Винтроп Шо Питман“.
Оваа зима постои реален ризик од прекини на струја. Загриженоста за снабдување што владее во Европа ги доведе цените на гасот и на струјата на рекордно ниво, а порасна и инфлацијата. Исто така растат и тензиите со Русија поради кризата со Украина.
Проекти за нуклеарна енергија веќе се класифицираат како одржливи инвестиции
Според Тиери Бретон, комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Европа ќе треба да инвестира 500 милијарди евра во нуклеарна енергија во следните 30 години за да ја задоволи растечката побарувачка за струја и да ги постигне своите цели за намалување на јаглеродните емисии. Неговите коментари доаѓаат откако беа претставени планови да се дозволат одредени проекти за нуклеарна енергија да се класифицираат како одржливи инвестиции.
– Нуклеарната енергија е долгорочна инвестиција, а на инвеститорите им е потребна некаква гаранцијата дека ќе остварат профит – посочи Елина Брутшин од Меѓународниот институт за анализа на применети системи. Според неа, на технологијата ѝ е потребна политичка поддршка за да помогне во заштитата на инвеститорите.
Сепак, тоа засега изгледа дека е тешко остварливо. Експертска група ѝ порача на Европската комисија дека споменатата класификација (за поддршка на нуклеарни проекти), ризикува да ги зголеми емисиите на стакленички гасови и да ја наруши репутацијата на ЕУ за „еколошко финансирање“. Потоа, и Австрија се закани дека ќе ја тужи комисијата поради обидот да се класифицира атомската енергија како зелена! Државата претходно се обиде правно да реагира, кога Велика Британија сè уште беше дел од Унијата, за да се запре изградбата на постројката „Хинкли поинт Ц“ на „Електрисите де Франс СА“ (ЕДФ), во западна Англија. Таа исто така започна правен процес против новите проекти во соседна Унгарија поддржани од Русија.
Можно решение е да се градат мали модуларни реактори (СМР)
Аналитичарите обрнуваат внимание дека можеби коренот на проблемот е што државите што имаат историја со градење нуклеарни оружја ќе имаат поголеми шанси да го користат нуклеарното гориво за производство на струја. На пример, во Франција, претседателот Емануел Макрон е на пат да ја возобнови употребата на нуклеарната енергија, а Франција произведува околу две третини од својата енергија од нуклеарни реактори и е најголемиот извозник на струја во Европа. ЕДФ, најголемиот оператор на нуклеарни централи, бара од француската влада да поддржи изградба на шест нови големи реактори со проценета цена од околу 50 милијарди евра. Првиот од нив би започнал да произведува струја во 2035 година. Но дури и Франција наиде на пречки. Развојот на новите проекти беше ставен во мирување по повеќегодишни технички проблеми во проектот „Фламанвил 3“ во Нормандија. Постројката треба да биде завршена следната година.
Во Велика Британија, деловниот секретар Кваси Квартенг порача дека светската криза со цената на гасот ја истакнува потребата за поголемо домашно производство на чиста енергија. До 2024 година, пет од осумте британски постројки ќе бидат затворени, бидејќи се премногу стари. „Хинкли поинт Ц“ треба да биде завршена во 2026 година, а Владата ќе донесе конечна одлука за друга постројка пред следните парламентарни избори, кои се закажани за 2024 година.
Едно решение е да се градат мали модуларни реактори (СМР), кои се поевтини и побрзо се градат. САД предничат во напорите за дизајнирање помали нуклеарни системи со планови, кои исто така се во тек во Велика Британија и во Франција. Сепак и тие се соочија со доцнење. Дизајните на СМР постојат со децении, иако се соочуваат со истите предизвикувачки економски пресметки и безбедносни регулативи како и големите нуклеарни постројки. Како и секогаш, времето е проблем. Осбалдстон вели дека секакви инвестициски одлуки што сега се носат нема да се остварат дури до следната деценија и истакнува дека нуклеарната енергија не е одговор на актуелната енергетска криза.
Се менуваат ли ставовите во Европа, ќе добијат ли гасот и нуклеарните централи зелена етикета?
Комесарот за внатрешниот пазар на Унијата, Тиери Бретон, тврди дека размислувањата во ЕУ енергијата од нуклеарките и природниот гас да се означи како „зелен“ извор е важен чекор кон привлекување капитал. Како што сѐ почесто пишуваат европските медиуми, ЕУ се консултира со земјите-членки за овој предлог, каде што има внатрешни несогласувања за тоа дали овие извори на енергија навистина може да се квалификуваат како одржливи опции. Како што веќе спомнавме, Франција ја предводи одбраната на нуклеарната енергија, која е нејзин главен извор на енергија, наспроти силното противење од Германија, која е во процес на затворање на сите свои нуклеарни електроцентрали.
Медиумите пренесуваат дека Европската комисија „верува дека природниот гас и нуклеарната енергија можат да играат улога во олеснувањето на патот кон иднината, кој главно се заснова на обновливи извори на енергија“. Во предлогот се наведува и дека за нуклеарната енергија треба да се воведат соодветни мерки за управување и отстранување на радиоактивниот отпад. Се бара изградбата на нови нуклеарни централи да биде условена со издадени дозволи до 2045 година, додека работата за проширување на постојните електроцентрали треба да биде одобрена до 2040 година.
И Македонија може да се вклучи во „нуклеарна“ програма?
Иако Македонија не располага со доволно капацитети за нормално снабдување со електрична енергија, особено во кризни периоди, сепак експертите излезот го гледаат во можноста нашата земја да се вклучи во некој од проектите за нуклеарна енергија.
– Развојот на нуклеарната технологија никогаш не бил толку напреден како во денешницата, особено кон подобрување на безбедносниот аспект. Во последните пет години, САД развија таканаречени мали нуклеарни реактори, кои може лесно да се транспортираат и монтираат и за чие функционирање нудат помош во инсталација. Со нив може да се замени една термоцентрала, а доколку некаде е потребно поголемо количество енергија, може да се монтираат неколку такви реактори еден до друг или на различни локации. Дури и повеќе земји во светот веќе потпишуваат договори за нивна примена. САД бараат од ЕУ да ги означи нуклеарките како незагадувачки, бидејќи и отпадот од нив тие си го транспортираат назад и потоа повторно го користат за производство на енергија. Со нивното означување како зелени, нема да треба да се плаќа данок за испуштање јаглерод диоксид. Од друга страна, кај гасот, кој исто така важи за енергент што помалку загадува од јагленот, дополнително и кај комбинираните постројки, емисиите на јаглерод диоксид се уште помали. Затоа се бара и овој тип да влезе во зелените, за исто така да нема даноци за загадување на околината – објаснува професорот Константин Димитров.
Професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии објаснува оти за да се овозможи сигурно снабдување со електрична енергија со постигнување на целите на енергетската заедница за декарбонизација на енергетскиот сектор, нуклеарните енергетски производствени постројки со технологиите на обновливи извори на енергија се опциите за енергетскиот развој до 2050 година. Професорот посочува дека без разлика на застојот на градба на нуклеарни централи во последните 20 години во Европа и во Америка, источноазиските земји како Кореја, Кина и Индија континуирано градат нуклеарни централи и развојот на оваа технологија е непрекинат.
– Во последните години, покрај големите нуклеарни реактори, се развиваат и технологии на мали модуларни реактори (СМР), кои би биле реална опција за земји со помали финансиски можности и, секако, со мали електроенергетски системи како Македонија. Без разлика каква технологија на нуклеарна централа би се одбрала, подготовката за градба (избор на локација, подготовка на кадар, оформување нуклеарно регулациско тело, законска регулатива и др.) трае околу пет-десет години и бара големи финансиски средства. Затоа нуклеарната опција е реална за Македонија по 2030 година, при што се очекува интензивна градба на нуклеарни енергетски постројки во Европа и пошироко. Во тој период, по 2030 година, постојните термоцентрали на јаглен би биле затворени, така што гасните термоцентрали најпрво, а потоа нуклеарната опција, би биле алтернатива за покривање на базните потреби од енергија. Не смее да се заборави дека континуирано треба да продолжи градбата на другите технологии од обновлива природа, како големите и малите хидроцентрали, фотоволтаиците, ветерните централи и централите на биомаса, секако според локалните и метеоролошките состојби и во согласност со изграденоста на конвенционалните извори како термоцентралите – објаснува професорот Чаушевски.