Фото: Игор Бансколиев

Бугарија и Грција се натпреваруваат меѓу себе за патролирање и контрола на воздушниот простор над Македонија. Дали со упорните настојувања за контролата на македонското небо соседните држави исполнуваат некои свои скриени претензии и желби за контрола и на нашата копнена територија? Дотолку повеќе што токму Бугарија и Грција постојано давале и даваат одредени сигнали и изјави со кои се негираат македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, историја, традиција итн. Но, истовремено, токму изминативе години и претходно имаше случаи и на отворено изразена територијална претензија од страна на соседите кон територијата на Македонија

СОСЕДИТЕ ВО НАТПРЕВАР ЗА ПРЕВЛАСТ И КОНТРОЛА ОД ВОЗДУХ ИЛИ И НА ЗЕМЈА

Нашите соседи како да се натпреваруваат кој да го надлетува и контролира македонското небо со своите борбени авиони. Деновиве Бугарија го обнови својот предлог за заштита на воздушниот простор над Македонија, иако од 2019 година досега оваа улога за патролирање и контрола на нашиот воздушен простор ја спроведува Грција.
Минатата недела министерката за надворешни работи на источниот сосед Теодора Генчовска го повтори долгогодишниот став на Софија дека Бугарија е подготвена операцијата „Ер полисинг“ во рамките на НАТО да ја врши над Македонија.
Веста доаѓа во време на тензии поради трупањето на НАТО и руски војници во близината на границата со Украина и во период кога Алијансата на бугарска територија испраќа модерни борбени авиони да ѝ помогнат на Софија поуспешно да го контролира своето небо, поради застареност на бугарските борбени авиони. Воената команда на НАТО неодамна соопшти дека наскоро во Бугарија ќе пристигнат борбени авиони од Шпанија, Холандија и од Британија, како поддршка на мисијата за надгледување и контрола на воздушниот простор на Алијансата над регионот на Црно Море.
Во светло на актуелните случувања во домашната јавност е актуелно прашањето дали преку упорните настојувања за контролата на нашето небо, некои од соседните држави индиректно исполнуваат некои свои скриени претензии и желби за контрола и на нашата копнена територија. Дотолку повеќе што токму Бугарија и Грција постојно давале и даваат одредени сигнали и изјави со кои се негираат македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, историја, традиција итн.
Згора на тоа, изминативе години и претходно имаше случаи и на отворено изразена територијална претензија од страна на соседите кон територијата на Македонија, па дури и одредени изјави дека наводно Охрид бил бугарски или дека Бугарија ќе испратела еден свој воен полк и ќе ја решела состојбата во Македонија итн. Сите овие изјави и тези во кои се искажува отворена територијална претензија кон нашата земја, како и болните искуства од историјата и минатото, се доволен сигнал за претпазливост.

Во меѓувреме, воените и политичките аналитичари велат дека чинот на контролирањето на нашето небо е само остварување на стара и освојувачка желба за контрола и на македонското тло, која сега се повампирува.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во својата опсервација на темава констатира дека, несомнено, под превезот на воената соработка е можно во некои глави на националистите да се кријат мотиви на балкански империјализам кај нашите соседи.
– Она што, сепак, е побитно да се знае кон ваквата „подадена“ рака за „помош“ околу чувањето на нашето небо е што источниот сосед најпрво треба да се соочи со документираниот фашизам, со нешто што е непријатна вистина за Бугарија, но е неприкосновен факт, а дури потоа да говори за администрирање на Македонија во Втората светска војна и за административно надлетување над нашите глави во денешните времиња – вели Стефаноски.
Тој објаснува дека политиката и безбедноста се два поврзани лонца, кои готват иста каша, и треба над нив да се внимава еднакво за да не прекипат, а тоа во метафора значи да не се соочиме со негативните последици.
– Затоа треба да се биде внимателен кога во контекст на решавањето на спорот што денес го имаат Бугарија и Македонија се предлага некакво наше „предефинирање“ на историските факти, јазик и традиција – вели Стефаноски.
Тој подвлекува дека дополнително заштитата на небото на земјите што членуваат во НАТО од други држави е непобитен факт и истовремено тоа не значи и губење на суверенитетот, но никоја од сојузничките една кон друга не води компликуван уценувачки процес како што Бугарија води кон Македонија, а до пред некоја година тоа го правеше и Грција во однос на Македонија.
– Работите не може да се генерализираат дека се еднакво исти за сите земји-членки на НАТО каде што има „ер полисинг“, па токму во нашиот случај можеби е подобро надлетот над земјава да го вршат италијански или германски борбени авиони. Италија е земјата што практично го координира јужното крило на НАТО, а централната команда за Европа е стационирана во Германија. Па, на овој начин е можно да се избегне „балканизацијата“ над нашето небо, а со тоа и на дипломатски начин да се надминат балканските недоразбирања – заклучува Стефаноски.
Политичкиот аналитичар пак Синиша Пекевски додава дека амбициите за политичко и безбедносно освојување на македонската територија од Бугарија и од Грција воопшто не се ни кријат.

– Грците ни го избришаа нашето име, а Бугарите се обидуваат да го сторат тоа со јазикот и нацијата. Дополнително, кој ќе го контролира небото, практично значи само праќање порака до ривалите дека тој е сопственикот над Македонија. Со прелетувањето на воените авиони над Македонија му се праќа и порака секому во светот дека се „извојувала“ политичка битка и дека победникот е моќната држава што сега со авиони крстосува над туѓи неба. Политичката бенефиција е голема за Бугарија и за Грција и затоа тие настојуваат да го прават тоа дури и бесплатно, бидејќи на таков начин најдобро се хранат желбите на националистите во нивните земји – резимира Пекевски.

[email protected]