Самиот прием на претставниците од македонските здруженија од Бугарија кај претседателот Пендаровски испраќа порака за нивна поддршка, но и преземање обврска од претседателот да ги застапува нивните права пред меѓународните институции. Неспроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија е пресилен сигнал дека се загрозени човековите права на Македонците што живеат таму. Обврските што ги дава меѓународното право не можат да бидат ограничени со ниту еден национален устав, ниту со билатерален договор, велат правните експерти

ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ОД БУГАРИЈА НА ПРИЕМ КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ

Долгоочекуваната средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски со претставниците на македонските организации од Бугарија се случи според најавите, во петокот на 28 јануари, напладне, практично зад затворени врати, во претседателскиот кабинет. Никој од осумчлената делегација што го претставуваше македонското малцинство во Бугарија не излезе со изјава пред македонските новинари да сподели детали од средбата, туку тие веднаш заминаа да се вратат во Бугарија. Од кабинетот на претседателот Пендаровски беше испратено соопштение дека ги примил претставниците на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија.
– Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање толеранција и градење граѓанско општество. Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата, претседателот Пендаровски информира дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде што ќе има разговори со претседателот Румен Радев.
Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија е насочена кон развивање добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година – е наведено во соопштението од кабинетот на претседателот.
Ова е прва посета на претставниците од македонските здруженија во Бугарија кај еден македонски претседател, а се случува во политички момент на уште едно рестартирање на македонско-бугарските односи, наводно во интерес на одблокирање на почетокот на македонските преговори за членство во ЕУ, на кои Бугарија има ставено вето од 2020 година. Како еден од условите на бугарската страна за повлекување на ветото е внесување на Бугарите во македонскиот устав, како дел од конститутивните народи на државата, но притоа тие категорично одбиваат да разговараат на реципрочна основа, за признавање на македонското малцинство во Бугарија, па дури ни за спроведување на 16-те пресуди од Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија.
Веднаш по посетата на претседателот Стево Пендаровски, претседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојко Стојков, оценува дека реализацијата на самата посета е симболично позитивен чин.

– Јас не бев дел од делегацијата кај претседателот Пендаровски и немав можност веднаш по средбата да се слушнам со тие што беа дел од посетата, за да имам информации за што се разговарало. Сепак и самата средба е повеќе еден симболично позитивен чин, но ако нема почеток на нешто ново како резултат на разговорите, тоа може да остане само празна симболика – вели Стојко Стојков.
Во ставовите што од претставници на македонските власти се пласираат по средбите со бугарските официјални претставници, доминира наративот дека уставното уредување на Бугарија е пречка за признавање на македонското малцинство таму и секој интерес за заштита на нивните права од страна на Македонија се смета за мешање во внатрешните работи на соседната земја. Средбата на претседателот Пендаровски со претставниците на македонското малцинство од Бугарија, на некој начин испраќа поинаква порака.
– Самиот прием на претставниците од македонските здруженија од Бугарија кај претседателот Пендаровски испраќа порака за нивна поддршка, но и преземање обврска од претседателот да ги застапува нивните права пред меѓународните институции. Впрочем како носител на јавна функција, според меѓународното право, тој има обврска да ги застапува и да ги штити сите оние на кои им се загрозени човековите права. Самото неспроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија е пресилен сигнал дека се загрозени човековите права на Македонците што живеат таму. Обврските што ги дава меѓународното право не можат да бидат ограничени со ниту еден национален устав, ниту со билатерален договор – вели адвокатот Тони Менкиновски, застапник на некои македонски здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права.