Голем дел од обемната студија „Старост“, Симон де Бовоар им посветува на описите и коментарите за стареењето кај познатите уметници. За стариот творец, како и за секое човечко суштество, наближувањето на смртта носи тешки искушенија. Бовоар открива како секој уметник одделно различно ја доживува староста и се соочува со сопственото заминување. Во повеќето анализирани судбини, остарениот уметник мачно ги поднесува неволјите на стареењето (Свифт, Микеланџело, Верди, Шатобријан…), но, според Бовоар, ги има и оние (Витмен, Лу Саломе, Реноар…) што во доцните години од својот живот ја задржуваат творечката радост.
Меѓу нив е Иго. Покрај сите животни премрежиња и семејни несреќи, тој, пишува Бовоар, и натаму се чувствувал неранливо, а неговата работна способност не опаѓала. „Пишуваше песни што спаѓаат меѓу неговите најдобри… Си играл со зборовите и сликите послободно отколку што тоа го правел кога било, никакво претерување не го плашело: Иго е авантурист“… „Неговиот внук раскажува: Ни зборуваше за крајот, кој го насетуваше, со толку спокојна ведрина, што никогаш не ни ја претстави смртта како нешто ужасно“. Бовоар мисли дека стариот Иго бил во согласност со самиот себе, зашто „таа средба на моќната старост со славата ја посакуваше од почетокот“.
Во една друга своја хроника, „Церемонија на збогувањето, разговори со Сартр“, истата авторка, инаку во интензивна контроверзна животна врска (од 1929-та, кога таа има 21 година, до неговата смрт) со Сартр, непосредно, но безмилосно ги опишува последните години на неговиот живот.
Човекот со трибунски силна волја и интерес за дејствување, Сартр, со старечкото опаѓање на телесната снага, со губитокот на видот (се наметнува паралелата со Борхес, кој сопственото слепило го вклопи во многу пристојна и творечки витална старост), според сведоштвото на Бовоар, постепено се пасивизира, станува отсутен, рамнодушен. За разлика од описот на дедо си во „Зборови“, кого, вели Бовоар, Сартр „…го поистоветуваше со ликот на моќниот и мудар патријарх, секогаш задоволен со себеси…“, писателот бил поразен од староста. Можеби и затоа што, за разлика од дедо му, кој „уживаше во величественото здравје“, Сартр се соочуваше со големи здравствени проблеми, сѐ повеќе стануваше жртва на стареењето на своето тело.
Соочени со безмилосното стареење, со истрошеноста на сопственото тело, некои од писателите трибуни може да се запрашаат: „А за што да пишувам понатаму?“. Ова, секако, не важи за витални трибуни како Иго, но оние болешливите како Сартр, веројатно, при завршетокот на својот земен живот, го преиспитуваат својот влог во големите проекти на своето некогашно јас. „Иднината решава дали минатото е живо или мртво“, го цитира Бовоар францускиот трибун, писател и филозоф, иако во последните години на животот тој го губеше ентузијазмот што претходно го држеше во напната креативна и ментална форма. По студентската пролет во 1968., се трудеше да ја заокружи, користејќи амфетамин како неопходна поткрепа, опсежната биографија на Флобер, „Семејниот идиот“, но не успеа да ја доврши.
Неговиот погреб, како и оној на Иго, со педесетина илјади посетители, беше уште еден доказ на омиленоста што ја уживаше меѓу почитувачите. Се создаде голема турканица, поради која еден од присутните падна во отворениот гроб пред Сартр да биде погребан.
(продолжува)