Крипторударите ги преместија своите крипторудници во земји богати со обновлива енергија од ветрот и сонцето, како на пример во Шведска и во Норвешка. Во ноември минатата година беше забележано зголемување на количеството на обновлива енергија посветена на криптовалутите. Шведските регулатори, повикувајќи се на процени на Универзитетот во Кембриџ, велат дека ископувањето на една единица биткоин троши исто количество енергија како и возењето електрично возило со средна големина од 1,8 милион километри. Според светските истражувања, копањето криптовалути троши 0,6 отсто од светската потрошувачка на енергија, а според податоците од индексот за потрошувачка на електрична енергија на Кембриџ биткоин, секоја година троши повеќе електрична енергија од Норвешка
Потрагата по виртуелните валути наметнува сѐ поголем енергетски проблем во услови на зголемена енергетска криза
Копањето на виртуелните валути станува сѐ поголем проблем за земјите во услови на зголемена енергетска криза. Експанзијата на овој, според многу критериуми, сомнителен бизнис принуди некои од земјите што располагаат со големи и обновливи извори на енергија да го ограничат, па дури и да го забранат копањето криптовалути, што дополнително ги оптоварува националните енергетски системи. Слични трендови на зголемена потрошувачка на струја во домаќинствата се забележуваат и во Македонија. Како што нѐ информираа од Регулаторната комисија, од 2020 година е забележан значителен пораст на потрошувачка на струја во домаќинствата, што може да се поврзе и со зголемениот интерес за рударење кај македонските граѓани.
Ерик Теден, потпретседател на Европската управа за хартии од вредност и пазари, изјави за „Фајненшл тајмс“ дека ископувањето биткоин стана национален проблем во неговата земја Шведска и дека криптовалутите претставуваат ризик за постигнување на целите од Парискиот договор за климатски промени. Најголемите финансиски регулатори на Европската Унија го ажурираа повикот за забрана на клучните форми на ископување биткоини, предупредувајќи на зголемување на уделот на обновливата енергија посветена на ископувањето криптовалути.
Кога Кина неодамна ги забрани криптовалутите, тамошните рудари ги преместија своите крипторудници во земји богати со обновлива енергија од ветрот и сонцето, како Шведска и Норвешка. Во ноември минатата година беше забележано зголемување на количеството на обновлива енергија посветена на криптовалутите. Шведските регулатори, повикувајќи се на процени на Универзитетот во Кембриџ, велат дека ископувањето на една единица биткоин троши исто количество енергија како и возењето електрично возило со средна големина од 1,8 милион километри. Според светските истражувања, копањето криптовалути троши 0,6 отсто од светската потрошувачка на енергија, а според податоците од индексот за потрошувачка на електрична енергија на Кембриџ биткоин, секоја година троши повеќе електрична енергија од Норвешка.
Ова ја наметна и потребата од поголема контрола во потрошувачката на енергија кај корисниците во Македонија, кои, покрај задоволување на секојдневните потреби, се користи и за нелегално „производство“ на криптовалути.
– Ние како регулаторно тело немаме надлежности во делот на тоа како се троши електричната енергија. Тоа е надлежност на дистрибутерите со електрична енергија. Секој потрошувач е должен да пријави колкава моќност му е потребна. Доколку, на пример, некое домаќинство, покрај редовните потреби, струјата ја користи и за други цели од кои остварува одредени приходи и профит, тогаш тоа треба да плаќа по повисока односно индустриска тарифа. Во случај да нема одвоени броила, тогаш не можеме да знаеме како се троши струјата. Контролата за тоа е во надлежност на дистрибутерот – ни изјави Марко Беслимовски, претседател на РКЕ.
Беслимовски појаснува дека што се однесува до можноста на забрана за копање криптовалути во нашата земја, надлежноста за тоа е во другите институции, како што е Министерството за економија, или на пример Народната банка на Македонија, кои треба да го регулираат овој вид трговија на виртуелни валути.
Во текот на вчерашниот ден побаравме одговор и од ЕВН, но не успеавме да стапиме во контакт со надлежните лица за информирање во компанијата. Темата за криптовалутите во Македонија доби медиумски публицитет по обелоденувањето на приказната за наводно рударење криптовалути во еден од објектите на Градскиот трговски центар во Скопје. Од ЕВН тогаш информираа дека ваквата апаратура троши многу електрична енергија и сериозно ја оптоварува мрежата, а нагласија дека потрошувачката особено скокнала минатата пролет.
– Едно домаќинство, ако има потреба од одредена потрошувачка, доколку инсталира компјутери што копаат криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка – информираа од ЕВН.
Според податоците од компанијата, појавата е најзастапена во Скопје, Тетово, Арачиново, како и во Чаир, Ченто и Шутка. Не се мали случаите и на диви приклучувања кон електричната мрежа. Целта е да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра. М.Ј.