Како се почитуваат малцинските права на Македонците во Србија, Албанија, Бугарија и во Грција, како наши соседни држави. Споредбата што ја направи нашиот весник открива изненадувачки показатели дека токму Бугарија и Грција, како членки на ЕУ, се оние што не ги почитуваат, односно ги прекршуваат човековите и малцинските права во споредба со другите наши соседи што не се дел од Унијата
Малцинските права на Македонците во соседните држави
Доколку се направи споредба помеѓу соседите на Македонија во однос на почитувањето на малцинските права на Македонците кај четирите земји-соседи на Македонија, тогаш се констатира дека всушност земјите-членки на Европската Унија се оние што не ги почитуваат, односно ги прекршуваат човековите и малцинските права на своите сограѓани од македонскиот етникум. Имено, Бугарија и Грција одбиваат да ги регистрираат македонските здруженија што сакаат да ги негуваат македонската култура и јазик. Досега, Бугарија поради прекршувањето на човековите права има седумнаесет пресуди од судот во Стразбур. Слична е положбата и во Грција, која и понатаму одбива да ги регистрира македонските здруженија, како што беше примерот со друштвото „Крсте Петков Мисирков“ од Воден, кое беше регистрирано, а потоа неговата регистрација беше повлечена од грчкото министерство за култура, под изговор дека друштвото имало проблеми со грчкото судство.
Од друга страна, состојбата во Србија и во Албанија е поинаква. Иако двете држави не се членки на Европската Унија, македонското малцинство ги ужива малцинските права.
Малцинските права на Македонците во Србија
Во Србија постојат 23 малцински заедници, кои се финансирани од буџетот на српската држава. Македонците имаат Национален совет како институција оформена и финансирана од српскиот буџет. Македонците имаат три политички партии што се легални и регистрирани во АПР. Македонското малцинство исто така има над педесет регистрирани здруженија во АПР.
– Јас живеам во Србија и сум Македонец со српско државјанство – граѓанин на Србија. Покрај сите овие малцински права, имаме и права загарантирани со Уставот, па, така, секаде каде што сме над 15 отсто имаме воведено двојазичност. Покрај овие права, имаме и права што ги црпиме од покраината Војводина. Во Војводина сме еден од официјалните народи што се внесени во војводинскиот устав. И покрај сите овие права што им се дадени на малцинските заедници, Србија нема проблем со сепаратизам и сите се лојални граѓани на Србија – вели Душан Јаневски.
Малцинските права на Македонците во Албанија
Македонското национално малцинство во Република Албанија е признаено од албанската држава, има своја општина во Пустец, како и образовен систем на македонски јазик во областа Мала Преспа. Македонците во Албанија имаат и своја редакција на мајчиниот македонски јазик на албанската државна телевизија. Повеќе македонски здруженија се регистрирани, а меѓу нив и македонското друштво „Илинден – Тирана“. „Илинден“ е формирано од страна на граѓани со македонско потекло што живеат во Тирана, а неговата цел е заштита на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Основни задачи на македонското друштво „Илинден – Тирана“ се: заштита на малцинските права на македонското национално малцинство во Албанија; организирање фолклорни фестивали во Голо Брдо, Мала Преспа и Гора; активности за запознавање и промоција на културните вредности на македонското национално малцинство во Албанија; организирање курсеви по македонски јазик; заштита на мајчиниот македонски јазик, народните носии и обичаи – вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден – Тирана“.
Како политички субјект на македонското малцинство во Албанија дејствува партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), предводена од Васил Стерјовски, првиот Македонец во историјата на албанското собрание што од парламентарната говорница се обрати до Македонците во Албанија на мајчиниот македонски јазик.
Македонците во Албанија имаат и повеќе гласила на македонски јазик. Меѓу нив е и македонскиот весник „Илинден“, кој за првпат излезе од печат во февруари 2011 година, во Тирана. Весникот се дистрибуира во албанските областите каде што претежно живеат Македонци: Голо Брдо, Гора, Мала Преспа и Врбник, како и во поголемите градови во кои живее македонското население – Тирана, Драч, Елбасан, Поградец, Корча, Билишта и Кукс.
Македонскиот весник „Илинден“ е гласот на животот, културните и верските обичаи на македонското малцинство во Албанија – вели Никола Ѓурѓај.
Малцинските права на Македонците во Бугарија и во Грција
За разлика од Србија и Албанија, почитувањето на малцинските права на Македонците во Бугарија и во Грција е сосема друга приказна, односно во овие две земји-членки на ЕУ воопшто не се почитуваат ниту признаат правата на Македонците. И покрај многубројните апели на меѓународната заедница, како и многуте пресуди на Меѓународниот суд за правдата во Стразбур, Бугарија се оглушува на сето тоа и одбива да ги признае легитимните права на многубројната македонска заедница во Бугарија.
Бугарската држава не ги признава малцинските права, ниту една етничка заедница, вклучувајќи ги и Македонците, Турците, Ромите и сите други, кои немаат право да регистрираат здруженија или организации за политичко дејствување. Партијата на Турците е регистрирана како граѓанска, спротивно од тоа ОМО Илинден – Пирин се залага за заштитата на националните права на Македонците во Бугарија – вели Тони Менкиноски.
И претставникот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков, потврдува дека во Бугарија воопшто не се почитуваат правата на македонското малцинство.
– Македонците во Бугарија немаат никакви индивидуални малцински права. Нивното постоење се негира. Самоопределбата Македонец се третира како антибугарска и како национално предавство. Македонците се објект на постојан и несанкциониран говор на омраза. Не можат да регистрираат свои организации и по голем број пресуди во Стразбур – вели Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин.
МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА БАРА ПРИЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ
ВО БУГАРИЈА И ВО ГРЦИЈА
Редица влијателни меѓународни тела и организации имаат донесено низа важни документи со кои се повикуваат Бугарија и Грција да ги признаат Македонците што живеат таму.
Меѓу нив е и Европската слободна алијанса (ЕФА), која усвои декларација во која ја повикува Европската Унија да ги охрабри Бугарија и Грција да ги поддржат самоопределувањето и културниот идентитет на своите граѓани од македонско потекло. Според ЕФА, Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство, лојални се на државите во кои живеат и се силно мотивирани нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ги нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик. Со оглед на долгорочните антимакедонски политики на Бугарија и на Грција, од 19 век наваму, Европската слободна алијанса повикува: Бугарија и Грција да најдат решение за македонското прашање и да ја признаат својата одговорност кон македонското малцинство на нивна територија и со тоа да почнат да водат европска политика за малцинствата и да им го дадат на Македонците целокупното право предвидено со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и други релевантни стандардни документи за малцинствата.