Фото: Маја Јаневска-Илиева

Досега се фатени неколку компании што не ги задоволувале законските норми за да вршат превоз на патници. Она што загрижува е проекцијата на познавачите на оваа проблематика, која им е изложена и на надлежните, а која вели дека „доколку толку многу превозници изминатиот период се фатени во непочитување на прописите за превоз, уште поголем е бројот на лица што со приватни возила и комбиња на нелегален начин вршат превоз на патници“!?

МЕЃУГРАДСКИ ПРЕВОЗ СО ВИСОК ПРОЦЕНТ НА НЕБЕЗБЕДНОСТ ЗА ПАТНИЦИТЕ

Скопје има голем и сериозен проблем не само со диви таксисти и превозници туку и со превозници што управуваат со неисправни и небезбедни возила. Доказ за тоа се неодамнешните контроли над превозниците, кои ги спроведува Град Скопје преку инспекторатот задолжен за тоа. Сите што патуваат во и од метрополата се соочуваат со наездата на т.н. диви превозници, каде што плаќаат билет, а билет и доказ воопшто не добиваат. Превозот вообичаено е по пониска цена од онаа редовно воспоставената на пазарот на превозници, па и патниците го кријат овој вид превоз, за да заштедат финансиски средства, не размислувајќи дека на тој начин го ризикуваат сопствениот живот, бидејќи токму овие превозници воопшто не се безбедни и сигурни.

ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР И КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Инспекторатот на Град Скопје веќе некое време реализира вонреден надзор на терен преку контроли на автобуси и комбиња што вршат превоз на патници.
Во рамките на контролите, многу фирми што се легално регистрирани да вршат превоз на патници добија казни. Во инспекциски надзор на три автобуси и две комбиња е утврдено дека комбе со име на една фирма вршело превоз на патници од и кон Скопје и екскурзии, без притоа да има лиценца за туристичка агенција и превоз на патници, како и за организирање екскурзии со туристички водич, од Министерството за економија, што е задолжително во согласност со Законот за туристичка дејност, а не поседувало ни дозвола од Министерството за транспорт и врски.
– Град Скопје континуирано спроведува теренски контроли, за законите што се пропишани за оваа дејност да бидат почитувани и имплементирани во секојдневното функционирање на фирмите што работат со јавен превоз, а со тоа и да се овозможат квалитетно и одговорно вршење на дејноста од страна на превозниците и заштита на безбедноста на граѓаните. До надлежните институции за постапување ќе бидат поднесени соодветни пријави – информираа градските власти.
Оттаму додаваат дека вонредните инспекциски контроли продолжуваат, а казни добија уште две фирми што не ги почитувале законските прописи за превоз на патници.

ЗА ПОЕВТИНА ЦЕНА ПАТНИЦИТЕ ПРЕФЕРИРААТ ДИВ МЕЃУГРАДСКИ ПРЕВОЗ?!

Досега се фатени неколку компании што не ги задоволувале законските норми за да вршат превоз на патници. Она што загрижува е фактот што доколку толку многу превозници што изминатиот период се фатени во непочитување на прописите за превоз, којзнае колкав е бројот на лица што со приватни возила и комбиња на нелегален начин вршат превоз на патници.
Граѓаните велат дека цела земја врие од диви превозници и дека на многумина тоа им одговара, бидејќи возат по поевтини цени, за разлика од оние што возат по пазарно утврдени цени.
– Граѓаните можат да избираат, да се возат со диви или легални превозници. Буквално врие од нив. Со приватни комбиња секојдневно се вози кон и од Тетово, Куманово, Гостивар, а има и такви што возат подолги релации. Како што Скопје врие од диви таксисти, кои буквално ги празнат џебовите на граѓаните, така и меѓуградскиот превоз е преполн со диви превозници. Возат дури и по повеќе од дваесет денари поевтини цени, што на денешнава ситуација, кога парите се и повеќе од потребни, на многумина им одговара да заштедат – вели Билјана Јовановска од Тетово.
Според неа, во сиромаштија никој не ги гледа стандардите. Во вакви услови, како што вели, сите гледаат да заштедат.
– Лиценци, законски норми и прописи, сето тоа паѓа во вода во овие услови, кога многумина работат за минимална плата, кога струјата, дрвата и пелетот се поскапени, кога горивото речиси секојдневно поскапува… едноставно такво време дојде, пари се сѐ повеќе потребни, а ги има сѐ помалку – вели таа.

[email protected]