Фото: Игор Бансколиев

Во програмата на новоизбраната влада стои дека треба да има измени во Изборниот законик, но само со формулацијата „за да се внесат и препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, што е малку поразлично од она што го бараат помалите политички партии…

РОК ОД ПОМАЛИТЕ ПАРТИИ ДО ВЛАДАТА, ВО ВРСКА СО ИЗМЕНИТЕ ВО ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО

Пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција минатата недела ја условија нивната натамошна поддршка на новата влада, со барање во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Тие и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, побараа во најбрз рок да закаже пленарна седница, на која ќе се расправа за предлогот за измени на Изборниот законик, кој бил доставен пред 11 месеци.

Принципиелен став на помалите политички партии, изграден поодамна

– Повеќе пратеници на петти март 2021 година, до Собранието на Република Македонија доставивме предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот закон. Истиот тој е ставен на дневен ред на седницата закажана за 18.5.2021 година, (точка 58), но не е започната расправата. Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по предлогот. Со промените се предлага Република Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг – се вели во барањето, што, освен Трајанов, го потпишаа и Маја Морачанин од ДОМ, Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Љупчо Балкоски од ВМРО-НП и Бејџан Иљас од ДПТ.
– Поддршката за новата влада ќе биде условена. Инсистираме во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Ако во тој период не се донесат измените, тоа значи дека нашата поддршка нема да продолжи и со тоа ќе се предизвикаат предвремени парламентарни избори. Ова не е уцена, туку принципиелен став изграден поодамна, познат и промовиран во повеќе наврати – порача притоа Трајанов.
Џафери потоа не одговори дали има намера да ја свика седницата за измени на Изборниот законик, но од неговата партија, ДУИ, веднаш одговорија дека не прифаќаат уцени и дека за тоа е потребен консензус. Доскорешниот министер за правда, кој сега е вицепремиер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ од СДСМ, пак, изјави дека годинава би можело да има измени во Изборниот законик, но не со условувања.
Опозициското ВМРО-ДПМНЕ, по сето тоа, побара прво да се усогласат владините партнери и порача дека за нив е прифатлив секој предлог што ќе ги зголеми демократските стандарди во земјава.
Во програмата на новоизбраната влада стои дека треба да има измени во Изборниот законик, но само со формулацијата „за да се внесат и препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, што не е исто на она што го бараат помалите политички партии.
Деновиве нивната иницијатива ја поддржа и Бошњачкиот демократски сојуз (БДС). Според партијата, со постојниот изборен модел, политичките партии што ги застапуваат интересите на припадниците на другите народи што се наведени во преамбулата на Уставот, доколку не се дел на коалиција предводена од некоја поголема партија, практично не можат да имаат свои пратеници во Собранието.
– Предложениот изборен модел со една изборна единица со пропорционален модел без цензус, им овозможува на граѓаните, кои се припадници на другите народи наведени во преамбулата на Уставот, да можат непосредно да ги избираат своите пратеници во Собранието. Оттука, ја поддржуваме иницијативата на парламентарните партии ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ за промена на изборниот модел, односно пратениците во Собранието да се избираат во една изборна единица со пропорционален модел и без цензус – стои во партиското соопштение.

Испуштена шанса или промена на политичките приоритети?

Според некои аналитичари, помалите партнери во владината коалиција испуштија златна шанса на завчерашното гласање за доверба на новиот владин кабинет да им се авансира со цврсти гаранции барањето за реформи во изборното законодавство, истото тоа да се реализира во некаков разумен рок. Сега се наметнува и прашањето дали измените ќе се реализираат и во наредните три месеци, за колку што помалите коалициски политички партии во власта го одложија „ултиматумот“. Токму вака поставеното прашање доби дополнителни димензии по објавата на нова листа на приоритети на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, кој досега беше главен заговорник на измени во Изборниот законик, според кои, Македонија треба да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг. Тоа сега во приоритетите на ДС се најде на третата од петте наведeни позиции, зад реформите во правосудството и борбата против криминалот и корупцијата.
– Ако постои реална можност нештата да се сменат, тогаш постои и одговорност. Колку можноста е поголема, толку поголема е и одговорноста. Сега, за првпат во изминативе десет-петнаесет години, колку што се зборува за оваа тема, поради малиот број пратеници што ги имаат двете доминантни партии, помалите политички партии во владината коалиција станаа фактор и имаат можност да ја искористат шансата. Тоа не се нереални барања, имаат голема поддршка од јавноста и можат сега да се спроведат, особено поради тоа што ниту опозициското ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да го прифати таквото решение. Доколку по сето тоа, ништо не се направи, а помалите партии сепак останат во Владата, ќе се потврди тезата дека тие се само приврзок на власта и ќе го загубат кредибилитетот што, за разлика од СДСМ, го стекнаа на локалните избори. Освен тоа, проблем за нив ќе претставува и тоа што СДСМ, кое откога загуби на локалните избори и продолжува секојдневно да ја губи поддршката, може само да ги повлече надолу, така што сега им е моментот да ја ефектуираат својата тежина. Во спротивно, веќе на наредните парламентарни избори, за две години, тие нема да претставуваат никаков фактор на политичката сцена, но тоа е ситуација што ќе се разјасни веќе за неколку месеци – објаснува политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.