Во очекување на терминот за средба со претседателот на државата, претставниците на македoнското здружение од Бугарија велат дека сакаат да се сретнат со претседателот Пендаровски за да му ја кажат вистината. И експертите по меѓународно право се категорични дека македонската држава треба недвосмислено и гласно да ја манифестира својата поддршка за правата на претставниците на македонското малцинство во соседството, од позиција на неприкосновено важечките меѓународни документи за заштита на човековите права, каде што голем број држави, вклучувајќи ја и Македонија, се потписнички. Тие документи се дел од меѓународното право, кое е обврзувачко за целата меѓународна заедница, без разлика на некакви рестриктивни билатерални договори!

ОД ОМО „ИЛИНДЕН“ – ПИРИН СО ЈАСНА ПОРАКА ДО МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ

Позитивниот одговор на претседателот Стево Пендаровски на барањето за средба со претставниците на македoнското здружение од Бугарија, ОМО „Илинден“ – Пирин, и при неутврден термин и теми за разговор на средбата, предизвика интерес и навестување за нов развоен момент во актуелноста на македонско-бугарските односи. Дури и подоцнежната објава дека средбата се одложува поради состојбата со ковид-пандемијата, не ги стивна прашањата за пораката и на самиот факт дека е прифатено барањето за средба на претставниците на македонското малцинство во Бугарија од македонскиот претседател. Во децениската комплексност на македонско-бугарските односи, интензивно активирана со ветото на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, голем дел од суштината на проблемот е токму во односот и третирањето на прашањата за малцинствата.
Иако и со одредба од својот устав, но и со Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, Македонија на одреден начин се откажа од правото на државен интерес и грижа за Македонците што се малцинство во Бугарија (и воопшто во своето соседство) и се државјани на соседните земји, сепак врз основа на универзалните декларации и конвенции за човекови права, на кои е потписник, не може да биде спречена да реагира доколку е загрозено нечие човековото право, каде било. А македонските здруженија од Бугарија имаат добиено во своја корист 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, од кои 11 се на ОМО „Илинден“ – Пирин. Првата пресуда оваа организација ја добила во Стразбур во 2001 година. Ниту таа пресуда ниту другите 10 добиени пресуди, Република Бугарија ги нема спроведен до денес. Ниту другите пет пресуди што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човековите права од страна на бугарските власти, не се спроведени…
Наспроти одбивањето на бугарските власти да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да го признаат, т.е. да го регистрираат постоењето на македонското малцинство во својата земја, во текот на изминатата година, во низата историско-идентитетски услови и уцени за повлекување на нивното вето за македонските евроинтеграции, како бонус додадоа и барање за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав. Со текот на времето тоа барање доби приоритетно значење во изјавите, претежно на бугарскиот претседател Румен Радев.
Деновиве во прва посета на Македонија беше бугарскиот премиер Кирил Петков. Иако поводот е 30 години од признавањето на Бугарија на Македонија како независна држава, очекувањата од посетата на бугарскиот премиер се придвижување на преговорите за повлекување на бугарското вето за почеток на македонските преговори со ЕУ.

Во меѓувреме, во Македонија е разрешен од должност специјалниот претставник на Владата во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски, а во Софија, Националниот совет за безбедност на претседателот Радев уште подлабоко го ископа ровот со наметнати уцени и услови кон Македонија… Во таков контекст, најавената средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски со претставниците на македонското малцинство во Бугарија од ОМО „Илинден“ – Пирин, иако сѐ уште на ниво на хипотетичка можност, во дел од македонската јавност беше примена со голем интерес за темите што би биле предмет на разговор.
– Позитивниот одговор на претседателот Пендаровски на барањето за средба од претставниците на ОМО „Илинден“ – Пирин е добар потег, но во лош момент. Прашањето за македонското малцинство е со голем степен на чувствителност во македонско-бугарските односи, речиси отсекогаш, а особено по ветото на Бугарија за почетокот на македонските преговори за членство во ЕУ. Во услови кога се прават напори за изнаоѓање начин за повлекување на ветото, би било дипломатски непромислено да се случи средба на македонскиот претседател со претставниците на македонското малцинство од Бугарија. Но, секако, треба да се покаже интерес и поддршка од македонската држава за македонското малцинство, воопшто во регионалното соседство, преку формата за интерес за почитување на човековите права, кога веќе си ставивме ограничувања за грижа за малцинствата и во Уставот и со договорите. Како потписничка на конвенциите и декларациите за човековите права, Македонија има право да изрази загриженост и поддршка за секакво и сечие прекршување на универзалните права.

Во случајот со прекршувањето на универзалните права на Македонците во Бугарија, инволвирана е и самата ЕУ, со тоа што Бугарија не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија. Сепак, во интерес на сложениот процес на македонските евроинтеграции, треба внимателно и чувствително да се водат дипломатските потези, како и внимателно и мудро да се изнајде начин да им се изрази поддршка на претставниците на македонското малцинство, кои се борат за своите универзални човекови права – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.
Од ОМО „Илинден“ – Пирин, по одложувањето на средбата со претседателот Пендаровски, за што како причина е наведена состојбата со пандемијата на коронавирусот, не сакаа да коментираат во врска со целите на посетата, но сепак наведоа дека би разговарале за прашања што го засегаат македонското малцинство во Бугарија.
Во меѓувреме, од претставници на други македонски организации од Бугарија беа изразени очекувања во македонските медиуми дека средбата со претседателот Пендаровски ќе се случи набрзо по завршувањето на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје. Тие не кријат дека барањето за средба со Пендаровски е поттикнато од средбата на македонските граѓани, кои се сметаат за Бугари, со бугарскиот претседател Румен Радев, пред неколку месеци во Софија.
– Сакаме и ние Македонците во Бугарија да се сретнеме со претседателот Пендаровски и да му ја кажеме нашата вистина, но и да му пренесеме неколку пораки, а тоа е дека Македонија не треба да отстапува и да ги продава националните интереси во разговорите со бугарските власти – изјави Стојан Георгиев, почесен претседател на ОМО „Илинден“ – Пирин.

Тони Менкиноски, застапник на некои македонски здруженија од Бугарија во неколку случаи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, укажува дека македонската држава својата поддршка за правата на претставниците на македонското малцинство во соседството може да ја манифестира како потписничка на меѓународните документи за заштита на човековите права.
– Македонија си постави ограничувања во Уставот и со билатералните договори во однос на интересот и грижата за Македонците надвор од границите на државата. Но меѓународните документи што се однесуваат на човековите права, а на кои Македонија е потписник, содржат обврска да постапува според нив, во случаи кога некој пред нејзините институции изразува загрозеност на своите права регулирано со таквите документи. Всушност тие документи се дел од меѓународното право, кое е обврзувачко за целата меѓународна заедница, без разлика на некакви рестриктивни билатерални договори – вели адвокатот Тони Менкиновски.