Фото: Архива

Заклучоците на сите меѓународни организации се дека во Македонија на највисоко можно ниво, па дури и повеќе отколку во ЕУ, се почитуваат правата на сите малцински заедници. Наспроти тоа, во Бугарија континуирано и константно се прекршуваат првата на малцинствата, за што има голем број осуди и дури 17 пресуди на Судот за човекови права од Стразбур против Бугарија

ЧОВЕКОВИТЕ И МАЛЦИНСКИТЕ ПРАВА НИЗ ПРИЗМАТА НА НАЈВЛИЈАТЕЛНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ОРГАНИЗАЦИИ

И последниот годишен извештај на „Хјуман рајтс воч“, како и на другите релевантни меѓународни тела, покажува дека Македонија не е меѓу земјите што прекршуваат нечии права, туку, напротив, правата на малцинствата ги издига на многу повисоко ниво од она што е практика во светот.
Сето ова претходно е констатирано и во извештаите на Европската Унија, на Венецијанската комисија, на ОБСЕ, Советот на Европа и други тела, чиј генерален заклучок е дека во Македонија на највисоко ниво се почитуваат правата на сите малцински заедници.
Од друга страна, додека сите малцинства во земјава слободно можат да ја изразуваат својата волја и не се предмет на никаква дискриминација по каква било основа, македонското малцинство во Бугарија со децении се обидува да ги оствари минималните малцински права, но постојано наидува на пречки од бугарската држава, која во 21 век продолжува да негира постоење на какви било други етнички групи на нејзина територија.
Ако се направи само една компарација во односот кон малцинствата меѓу двете земји, втемелена врз факти, извештаи, резолуции и заклучоци, многу јасно ќе се увиди кој е тој што ги дискриминира малцинствата и му ги загрозува основните малцински права.
Прв и неоспорен факт, Бугарија е соочена со 17 пресуди од Судот за човекови права од Стразбур поради дискриминација на македонското малцинство, суд чија дејност е втемелена врз основа на Европската конвенција за човекови права и претставува коректив на почитувањето на човековите права на земјите-членки при Советот на Европа, каде што членуваат и Бугарија и Македонија. Од тие причини, дури и Советот на Европа се закани со исклучување на Бугарија од членство поради сериозни повреди на човековите права и основни слободи.

Венецијанската комисија излезе со мислење дека токму одредбите во бугарскиот устав се користат за да се спречат малцинските јазични, етнички или религиозни групи воопшто да се организираат. Венецијанската комисија со овој извештај само ја најавува потребата од менување на Уставот на Бугарија, при што се предупредуваат бугарските власти да ги земат предвид пресудите во полза на македонското малцинство.
И комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, пред извесно време констатира дека Бугарија одбива да ги регистрира Македонците во оваа земја.
Дури и Европскиот парламент забележа недостиг од демократски капацитет кај бугарските власти во насока на почитување на човековите права, а тоа беше преточено во резолуција, преку која се изразува длабоко жалење што развојот во Бугарија резултира со значително влошување на владеењето на правото, на демократијата и основните права.
Забелешки во врска со почитувањето на малцинските права во Бугарија стигнаа и од ОБСЕ, така што повеќе од јасно е дека сите тела за заштита на човековите и малцинските права редовно ја посочуваат во негативна конотација оваа земја во своите извештаи.
Од друга страна, Македонија во ниту еден извештај на кое било тело не е спомената дека прекршила нечии малцински права, туку, напротив, и ЕУ и Венецијанската комисија забележуваат дека земјава во повеќе наврати ги надминува и дополнително унапредува овие права. Оттука, се наметнува и дилемата за какво загрозување на малцинските права на наводните граѓани со бугарска самосвест во земјава говори Софија, кога ниту едно меѓународно тело не го регистрирало тоа.
– Бугарија има конкретни обврски според меѓународните стандарди во поглед на малцинските права што треба да ги исполни, па сега, за да побегне од тоа, прави замена на тези, односно бара Бугари во Македонија и тврди дека им се загрозени нивните права, а всушност меѓународната заедница им бара Македонци во Бугарија – вели Тони Менкиноски, адвокат, борец за човекови права и правен застапник на Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.
Според него, ситуацијата е повеќе од јасна со самиот факт што Македонците од Бугарија имаат добиено 17 пресуди за прекршување на нивните права од страна на бугарската држава.

– Овие прекршувања ги регистрира и Советот на Европа, како и Советот на министри – додава Менкиноски, притоа истакнувајќи дека Македонците ги остварија своите легитимни очекувања и права пред Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа преку своите институции ги легитимира и афирмира правата на Македонците, остана само обврската на Бугарија да ги имплементира, а таа засега одбегнува да го направи тоа.