Ширењето на новиот сој на коронавирусот ќе го забави темпото на закрепнување на авионската индустрија, но, според челниците на водечките авиокомпании, не се очекува да се намали целокупната заработувачка од билети за време на зимската туристичка сезона, пренесува Самир Хашми за „Би-би-си“
Прогнози на водечките авиопревозници за зимската туристичка сезона
За луѓето што патуваат на меѓународно ниво, ширењето на новата варијанта на ковид-19 воведува нови правила за тестирање, затворање на границите и брзо повторно воведување карантински мерки. Празничниот период околу Божиќ и Нова година е клучен за индустријата, бидејќи носи огромни приходи од летовите со кои се превезуваат милиони патници низ светот за празниците.
Нема зима за заливските авиокомпании
Веднаш по појавата на варијантата омикрон, Тим Кларк, претседателот на авиокомпанијата „Емирати“, во својата изјава за „Ројтерс“ првично изрази поголема загриженост дека големиот удар по екот на летовите во декември ќе предизвика „значителни нарушувања“ во глобалната авионска индустрија. Но Кларк вели дека авиокомпанијата сега може да го „компензира тој недостиг“ поради силната побарувачка на други летови, на пример за Австралија, за делови од Европа и за Велика Британија. Авиокомпаниите со седиште во Обединетите Арапски Емирати велат дека, и покрај омикрон, летовите до земјата функционираат со полн капацитет. Главниот извршен директор на „Етихад ервејс“, Тони Даглас, не очекува дека новиот сој на коронавирусот ќе има „големо влијание“ врз закрепнувањето на глобалната авиокомпанија како што имаа претходните варијанти, како делта. Шефот на „Катар ервејс“, Акбар Ал Бејкер, рече дека се надева дека новата варијанта на коронавирус „ќе има ограничено севкупно влијание“ врз закрепнувањето на индустријата.
Загриженост во некои региони во светот?
Додека шефовите на авиокомпаниите од Блискиот Исток не се вознемирени од ширењето на омикрон, кај директорите во другите региони постои загриженост. Освен патните ограничувања, како нов голем предизвик се јавуваат новите правила за тестирање, со соопштувањето повеќе детали за новата варијанта. Водечките европски авиокомпании, како „Бритиш ервејс“, „Рајанер“ и „Изиџет“, се спротивставија на воведувањето нови правила за тестирање за вакцинирани патници донесени од Владата на Велика Британија и побараа итна финансиска поддршка за одржување на секторот во теков на оваа последна криза.
По 18-месечен пад, европските превозници почнаа да забележуваат пораст во меѓународниот воздушен сообраќај во текот на изминатата летна сезона. Зголемувањето на фреквентноста на воздушниот сообраќај делумно беше резултат од повисоките стапки на вакцинација и на олеснувањето на патните ограничувања.
Оркун Алтинташ, директор за одбрана и воздухопловство во консултантската фирма „Фрост и Саливен“, вели дека е премногу рано да се процени целосниот обем на влијанието на омикрон. Но тој очекува неодамнешните случувања да го уназадат закрепнувањето на секторот во блиска иднина. Претходно, во декември, „Фич рејтингс“ ја измени својата перспектива за глобалниот воздушен сообраќај за 2021 година, намалувајќи ја на нешто повеќе од 50 отсто од нивото во 2019 година, наспроти претходната прогноза за пад од 35 отсто. Оттаму исто така ја намалија својата перспектива за 2022 и 2023 година, врз основа на тоа дека „дополнителните бранови на инфекции и политичките одговори може да доведат до ограничувања на патувањата и застој или привремен пад на сообраќајот“.
ИАТА предупредува
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) во меѓувреме предупреди дека наметнувањето забрани за патување од страна на различни влади, против советите на СЗО, може да го загрози закрепнувањето на секторот. ИАТА посочи значително подобрување на домашните и меѓународните патувања во последните месеци пред откривањето на најновата варијанта.
Но, и покрај построгите правила за патување, експертите велат дека не го гледаат истото ниво на откажувања на новите резервации, како што се случи претходно со воведувањето на рестрикциите.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска