Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на изборот на новиот владин состав, предводен од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, нашиот весник направи преглед за тоа кои македонски политичари продефилираа на премиерската функција и што е карактеристично за нивниот мандат

Кои беа македонски премиери во изминативе 30 години

Низ својата политичка историја изминативе 30 години, од осамостојувањето до денес, македонската влада беше предводена од десетина премиери, од кои некои се задржаа и по неколку мандати на функцијата, а некои имаа краток век на траење.
Прв македонски премиер е Никола Кљусев и тој е предводник на т.н. прва и експертска влада на Македонија. Кљусев како премиер на тогашната влада, по воведувањето на политичкиот плурализам, седнува на функцијата откога е избран од Собранието на Македонија на 20 март 1991 година.

За владата гласале 83 пратеници, 17 биле против, а тројца воздржани. Кљусев по вокација бил економист, универзитетски професор и член на МАНУ. Мандатот на Кљусев го обележуваат низа крупни политички настани, пред сѐ и преку формирањето на институциите на државата, армијата, воведувањето на денарот и етаблирањето на Македонија на меѓународната сцена.

На 4 септември 1992, откако СДСМ извојува победа на парламентарните избори, на чело на Владата застана Бранко Црвенковски. Тоа е првиот негов премиерски мандат, во кој наедно е и најмлад мандатар, со тогашни 29 години. Црвенковски ја води Владата до крајот на ноември 1998 година, односно вкупно околу шест години и три месеци. Тоа се бурни времиња на политичката сцена, кои се карактеризираат и со болна транзиција, но и со блокади и ембарга од Грција, кои потоа ќе станат континуитет.Овој македонски политичар во втор наврат станува премиер на изборите во 2002 година, неколку месеци по завршувањето на безбедносната криза во Македонија во 2001-та. Во вториот наврат на премиерската функција, Црвенковски раководи со Владата во времетраење од околу две години, од каде што се кандидира за претседател на Македонија и, по победата на изборите, претседателската функција ја извршува од 2004 до 2009 година.

Трет македонски премиер е Љубчо Георгиевски, кој по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 1998 година застанува на чело на Владата и ја предводи до 1 ноември 2002 година. Георгиевски, кој се образовал на Филолошкиот факултет, мандатот го поминува во исклучително тензичен и тежок период, во кој се случуваат воениот конфликт и бегалската криза во соседно Косово.

На премиерското столче во Македонија седна и банкарот Хари Костов, кој започнува да управува со Владата на 2 јуни 2004 година, како независен кандидат, но во време на владеење на СДСМ. Костов на премиерската функција е неполни шест месеци, а на 15 ноември истата година си заминува од оваа позиција.

По изборите во 2002 година, СДСМ од своите редови делегира уште еден премиер, односно универзитетскиот професор по Римско право Владо Бучковски. Тој ја предводи Владата од 12 декември 2004 година до 26 август 2006 година.

По изборната победа во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта во државата и на чело на Владата застанува Никола Груевски. Овој македонски политичар и економист по вокација, во серија на неколку редовни и предвремени изборни циклуси остана најдолго на премиерската функција, или околу десет години. Во мандатот на Груевски имаше и неколку големи политички кризи, за чие надминување посредуваше меѓународната заедница. Во тоа време беа и Шарената револуција, објавувањето на таканаречените бомби и договорот за формирање пржинска влада пред секои избори.

На 1 јуни 2017 година, Зоран Заев го започна првиот премиерски мандат, кој траеше две години и седум месеци, сѐ до предвремените парламентарни избори. Во вториот мандат, Заев е премиер една година и четири месеци, сѐ до моментот додека не поднесе оставка по поразот на неговата партија СДСМ, што се случи на локалните избори лани. Во перидот на Заев, Македонија го потпиша Преспанскиот договор со Грција, кој донесе и промена на името на државата, а беше постигнат и Договорот за добрососедство со Бугарија. Овие два договора предизвикуваат мноштво реакции и контроверзии и ден-денес. За време на мандатот на Заев како премиер, Македонија стана и полноправна членка на НАТО.

Новиот македонски премиер се очекува да биде Димитар Ковачевски, кој на средината од месецов или најдоцна до 17 јануари се очекува да ја формира новата македонска влада. Ковачевски е економист и поранешен професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Пред да започне да се занимава со политика, тој бил предавач на додипломски, постдипломски и докторски студии и автор на голем број научни трудови од областа на економијата и менаџментот. Пред Ковачевски сега стојат голем број предизвици на домашен и меѓународен план, а како ќе се справи со нив, ќе покаже времето.


И технички премиери седеа на Илинденска

Домашната политичка сцена ги памети и примерите кога Владата била предводена и од т.н. технички премиери и од лидери на преодна влада. Последен ваков случај е со актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е правник и одреден дел од својата кариера пред политиката минал во адвокатска канцеларија. На 3 јануари 2020 година на чело на техничката влада застанува Спасовски и ја предводи 241 ден, односно сѐ додека по изборите повторно на премиерското столче не се врати Зоран Заев. Пред Спасовски, оваа функција беше раководена од социологот Емил Димитриев, кој управуваше со техничката влада од 18 јануари 2016 година, по оставката на премиерот Груевски како дел од договорот постигнат во Пржино. Димитриев како технички премиер ја водеше Владата вкупно една година и 134 дена, односно до 1 јуни 2017 година.
Во меѓувреме, за обележување е и податокот дека во оваа група технички или преодни премиери влегува и единствена жена Радмила Шеќеринска, која во два наврата беше на чело на таканаречена преодна влада, како вршител на должноста.
Оваа македонска политичарка, која дипломирала на Електротехничкиот факултет, првиот мандат на вршител на должност на преодна влада го започна на 12 мај 2004 и остана на функцијата до 2 јуни истата година. Вториот мандат ѝ беше од 18 ноември 2004 до 17 декември 2004 година.

[email protected]