Библиска приказна за човек од земја со душа (4)
Во сиот овој развој на настаните постои и противнапад на православните, односно на православната цивилизација. Но што е православна цивилизација? Дали е тоа цивилизација во онаа смисла во која подразбира западната цивилизација? Не. Затоа што православието е наука, и тоа медицинска наука во согласност со денешните критериуми. Не е цивилизација. Православието не е политички или социјален систем, затоа што негова грижа е спасение на човекот. Православието се темели врз овие две вистини: „логосот стана тело“ и „во адот нема покајание“. Секако, во православието постојат претпоставки за создавање цивилизација. Православието не е ниту религија, како што постојат други религии, а тоа е она што го одвојува православието од нив. Тоа се антрополошкиот и терапевтскиот феномен. Православието е терапевтски метод, кој ја исцелува човековата личност. Вистинскиот лекар се грижи за исцелување на сите болни, без исклучок. Не прави селекција помеѓу луѓето за исцелување. Не го интересира нивниот социјален статус, образовното ниво, економска состојба, нивната религиска определба или морално однесување. Вистинскиот лекар гледа дали човекот што му доаѓа е болен или не. Доколку е болен, тогаш води грижи и се обидува да го исцели од болеста. Должен е да го исцели. Во православното предание имаме и нешто многу повеќе од ова. И токму во тоа се состои нашиот противнапад. Бог ги љуби не само светителите туку сите луѓе, без исклучок. Ги љуби сите грешници, па дури и самиот ѓавол. Бог сака сите да ги спаси, односно исцели. Сака, но не може да ги исцели сите, бидејќи не сакаат сите да се исцелат. Опитот на обожуваните луѓе, односно на оние што достигнале боговидение, го констатира фактот дека бог е љубов и дека сака да ги исцели сите луѓе и ги љуби сите еднакво. Меѓутоа, Бог не може да ги исцели сите, бидејќи не врши насилство врз човековата волја. Бог го почитува и го љуби човекот, но не може да го исцели насила.
Ги исцелува само оние што сакаат да се исцелат и кои бараат од него да ги исцели. Обично некој што има телесна и душевна болест, тој своеволно, а не принудно, оди на лекар за да се излечи. Така и во православниот терапевтски метод. Треба човек самиот, без принуда и притисок, слободно да пристапи во црквата кај соодветните луѓе, кои имаат просветление и опит и кои го поседуваат терапевтскиот метод на православното предание. На тие луѓе треба да им биде послушен за да го најде исцелувањето. Книгата ни дава нов видик на знаење за православниот црковен свет, за критичкото гледање на православието кон католицизмот на Запад. Човек откога ќе ја прочита книгата се става на лично преиспитување во духовноста и познавањето на библискиот божји човек создаден од Господ Бог. На почетокот од ракописот на текстот ги спомнав верата и молитвата. Имав чест да добијам на дар „Православен молитвеник“ од митрополитот Петар. Посветата е со желба: „На семејството Џикови, во знак на молитвено сеќавање, а со желба на духовно растење во верата наша православна, со божји благослов“, Митрополит Петар, Битола, 19.6.1997 година. Молитвеникот е испечатен во септември 1996 година.
Молитвеникот започнува со значењето на молитвата. Со неа го завршувам ракописот, со порака до православните верници христијани од молитвеникот.