И покрај замрзнатите цени на одредени клучни производи на пазарите и по продавниците, забележлив е евидентен раст на цените на другите продукти, од нова година порасна и цената на струјата, парното, бензините… Кои фактори влијаат на растот на цените и кога евентуално може да очекуваме стабилизација на инфлаторната спирала

РЕЖИСКИТЕ ТРОШОЦИ И РАСТОТ НА ЦЕНИТЕ ГИ ИСЦРПУВААТ ГРАЃАНИТЕ

На пазарите и по продавниците има евидентен раст на цените на продуктите. Паралелно со тоа расте и цената на струјата, парното, бензините… Растот на сите овие вредности, кој продолжи и во новата година, е удар врз животниот стандард на граѓаните. Зголемувањето на сметките сѐ повеќе сериозно го троши семејниот буџет, а тоа го отсликува и официјалната пресметка што ја прават од Сојузот на синдикати на Македонија. Последната нивна потрошувачка кошничка, која ја правеле за октомври, покажува дека давачките на едно четиричлено семејство биле 34.500 денари пред да настапи поскапувањето на струјата и на парното. Ценовните шокови ги исцрпуваат граѓаните. Во јануари месечната сметка за режиски трошоци и храна ќе биде многу повисока. Според бизнис-секторот, во просек во државата за храна и за енергенти се трошат речиси 40 отсто, а 50 отсто од луѓето не можат да си дозволат да јадат месо или риба секој втор ден, а половина од населението користат меѓу 60-70 отсто од своите средства на храна. Порастот на цените на основните прехранбени производи дополнително ќе влијае на продлабочување на сиромаштијата.
Според најновиот извештај на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), светските цени на храната скокнаа за 28 отсто во 2021 година – највисоко ниво во изминатите десет години, а надежите за враќање на постабилните пазарни услови оваа година се мали.
– Одложената побарувачка, високите транспортни трошоци и високите цени за складирање, во комбинација со лошите временски услови, може да влијаат на растот на цените на прехранбените производи – велат од ФАО.
ФАО предупреди дека повисоките цени ги ставаат на ризик посиромашните луѓе во земјите зависни од увоз.
Според Благица Петрески, директорка на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, ценовните притисоци кај храната и, особено, енергијата ќе бидат присутни уште некое време, односно барем во дел од 2022 година.

– Тие критично зависат од балансирањето на понудата и побарувачката, делумно одредено од застоите во синџирите на снабдување, како и од состојбата со производството на струја на европскиот континент. Во моментот, не може да се направат особено прецизни процени кога овие притисоци би забележале значајна стабилизација или би исчезнале, но, сепак, преовладува тезата дека значаен дел од инфлацискиот шок е транзиторен – посочува Петрески.
Во таа смисла, како што споменува таа, властите мора да останат будни, тесно да го следат развојот на ситуацијата и соодветно да преземаат мерки.
– Во поглед на ценовните притисоци дома, поголем дел од преносниот ефект од растечката цена на електричната енергија го видовме во октомври-декември, бидејќи во тој период фирмите веќе набавуваа електрична енергија на отворен пазар, па дел од тој пораст веројатно веќе го вградија во цените на финалните производи, што граѓаните го видоа во маркетите и што поттикна замрзнување на цените на нивото од 1 декември 2021 – објаснува Петрески.
Таа вели дека е загрижувачки што порастот на цената на струјата за домаќинствата ќе направи понатамошен притисок на нивниот буџет, меѓутоа во тој сегмент нема да има преносни ефекти.
– Во моментов, клучно е да се заштитат најранливите слоеви од населението, преку проширување на износот и опфатот на додатокот за енергетска сиромаштија, како и преку законското усогласување на износите на социјална помош и минимална плата со порастот на цените, со цел животниот стандард да биде задржан – истакнува Петрески.
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека моменталната состојба со инфлацијата е резултат на повеќе фактори.

– Најпрвин пандемијата негативно влијаеше на производството и ги прекина нормалните синџири на снабдување, потоа во справувањето со проблемите со корона-кризата сите влади потрошија огромни средства за одржување на економијата, т.е. за нејзин помал пад и задржување на потрошувачката, која, за жал, не беше покриена со производство и услуги – потенцира Димитров.
Третиот фактор, како што додава тој, е енергетската криза, која е резултат на пребрзото напуштање на нуклеарната енергија и несигурноста во снабдувањето со обновливи извори, како што се ветерот и соларната енергија.
– Се разбира дека растот на цената на основните животни намирници ќе влијае на растот на сиромаштијата. Земјите што можат да емитираат пари, полесно ќе го поднесат ова, но земјите што не можат да го прават тоа, се соочија со поголемо задолжување, а тоа ќе предизвика идни поголеми трошоци за камата, кои ќе треба да се плаќаат од буџетот. А буџетот не е на премиерот или Министерството за финансии туку на сите граѓани, бидејки секој учествува во неговото полнење – нагласува Димитров.
Според него, токму поради комбинираните фактори што влијаат на растот на цените, не можеме да бидеме сигурни дека ова ќе биде само минлива епизода.

– Рамнотежата на пазарот ќе се воспостави само со поголемо производство и поголема понуда на стоки и на услуги. Затоа мораме нашата енергија да ја насочиме кон поголемо производство, особено во индустријата и земјоделството, кои, за жал, имаат негативни тенденции. Нарушените синџири на снабдување и зголемените цени на енергентите само ќе го одложат овој процес на подолго. Се разбира дека ова ќе влијае на зголемување на потрошувачката кошничка и во 2022 година. Очигледно е дека влегуваме во трка на зголемување на цените и платите. Во март ќе ја усогласиме висината на минималната плата со порастот на трошоците на живот и со порастот на просечната плата, ова автоматски ќе ги зголеми платите во државата, но дали во оваа трка ќе победат платите е многу тешко да се предвиди, затоа што инфлацијата е најбезболниот начин сите да ја платиме цената, без разлика кој колку учествувал во предизвикувањето на проблемот – смета Димитров.
Тој истакна дека во ваква состојба Владата мора да ги заштити најранливите делови од населението. Тоа се лицата со ниски примања и социјалните случаи.
– На долг рок, Владата не може од буџетот да ја субвенционира цената на струјата или парното греење, но има должност да ги заштити оние што имаат ниски примања – посочува Димитров.