Добри основи за оптимизам на ЕУ во 2022 година
Новиот сојуз меѓу Берлин, Париз и Рим внатре во ЕУ, како и новата влада во Германија, која е земја-мотор на економијата во еврозоната, би можело да му помогнат на Брисел да ги надмине старите проблеми од годината што измина. И дали тоа ќе создаде поголема веројатност конечно да се отклучат пристапните преговори за Македонија и за Албанија?
Иако е јасно дека уште некое време ќе мора да се живее со ковид-19, во Европа почнаа да се јавуваат нови политички констелации. Тие се сѐ повидливи по промената на власта во Германија во последниот месец на изминатата година. Тие ќе понудат шанси за иновативни решенија за долгогодишните проблеми во ЕУ. Но има и закани и предизвици и за ЕУ. Првата опасност да не тргне работата нанапред се евентуалните „поопасни мутации на коронавирусот што можат да ја уназадат економската обнова“. И втората опасност е „блокадата за ефикасно функционирање на европските институции во борбата за воспоставување на владеењето на правото и користењето на европските фондови“.
Меѓутоа, ниту едно од овие опасни сценарија не е извесно, а несомнено постојат добри основи за оптимизам во новата година.
Се појавува консензус, со цел да се избегне задушување на економската обнова
Реномираниот магазин „Политико“ пишува дека на Европа по две тешки години минати во пандемија ѝ претстои подобра година во однос на глобалните политики и закрепнувањето на економијата. По долгогодишните битки за злоупотребуваните фискални правила на ЕУ, сега се јавува консензус, со цел да се избегне задушување на економската обнова, а регулативите за буџетска дисциплина мора да се променат пред да се вратат во сила во 2023 година, оценуваат и дел од европските медиуми. И Северот и Југот на ЕУ се согласни дека јавните инвестиции ќе бидат од клучно значење за успехот на зелената и дигиталната трансформација на европската економија и дека застарените ограничувања на долговите и дефицитите не смеат да застанат на патот. Новата центристичко-левичарска коалиција во Германија исто сака да ги зголеми јавните инвестиции за да ги модернизира превозот, телекомуникациските и енергетските мрежи и да ги исполни целите во борбата против климатските промени. Дури и новата коалиција на холандскиот премиер Марк Руте е посветена на слични цели. Францускиот претседател Емануел Макрон во тој контекст неодамна се обврза дека ќе свика самит во март за да се разговара за постпандемискиот економски модел во Европа, на кој ќе се разгледуваат новите приоритети.
Сојуз меѓу Берлин, Париз и Рим
Во меѓувреме, ЕУ може да се надева на поцврсто француско-германско лидерство од мај натаму. Бриселските медиуми посочуваат дека Макрон има силни шанси да освои втор мандат на претстојните француски претседателски избори. Но дури и победата да ја однесе неговата противкандидатка од десниот центар, Валери Пекрес, сепак Франција ќе остане на проевропскиот курс. Трипартиската коалиција во Берлин, со тоа што членови на Зелената партија се во клучните ресори за надворешни работи, економија и заштита на животна средина, го направи продлабочувањето на ЕУ висок приоритет. Во исто време Рим ќе биде активен партнер заедно со Париз и со Берлин во поттикнувањето на европската економска и политичка интеграција. ЕУ исто така во новата година може да почне го поправа своето геополитичко кусогледо запоставување на Западен Балкан. По завршувањето на француските претседателски избори, има добри шанси конечно да се отклучат пристапните преговори за Македонија и за Албанија.
Европските лидери помалку попустливи за потезите на владите во Полска и во Унгарија
Од друга страна, новата германска влада јасно стави до знаење дека ќе биде помалку попустлива кога станува збор за потезите на владите во Полска и во Унгарија, во однос на нивното однесување со судството, слободата на медиумите и претпочитањето на националното пред европското право. Поцврстата поддршка од Берлин и од Париз треба да ја стави Европската комисија во силна позиција да ја искористи моќта да изврши притисок за усогласување со пресудите на Судот на правдата на ЕУ, со тоа што ќе продолжи да ги задржува средствата за Варшава и за Будимпешта наменети за економска обнова.
Стратегиска алијанса
Во 2022 година, според најавите, ЕУ и НАТО ќе ги обноват своите стратегиски доктрини. Унијата треба да ја усвои својата прва заедничка анализа за закани и да ја дефинира својата воена амбиција во Стратегискиот компас некаде во март. НАТО, од друга страна, треба да го обнови својот стратегиски концепт за првпат по една деценија на самитот во Мадрид во текот на летото. НАТО и натаму ќе биде столбот на безбедноста во Европа, и покрај прашањата во врска со долгорочната посветеност на САД. Меѓутоа, многу нови безбедносни предизвици сега бараат поширока европска алатка, како што се санкциите, градењето институции, развојната помош, сајбер-безбедноста и борбата со дезинформациите. Со најавената поддршка во Белата куќа за европската одбранбена интеграција, може да се очекува чекор напред оваа година во соработката меѓу НАТО и ЕУ, како и назначувањето на нов генерален секретар на Алијансата.
Вртење нова страница по брегзит?
Сепак, во новата година, на Брисел сѐ уште нема да му биде лесно во целосното нормализирање на односите со Лондон по брегзит. На британскиот премиер Борис Џонсон ќе му биде потребно решение за трговскиот проблем со Северна Ирска и со ЕУ создаден со протоколот што го договараше Дејвид Фрост, поранешниот главен преговарач за брегзит, во 2020 година меѓу ЕУ и Велика Британија. По една година барање нови пријатели низ светот по брегзит, Велика Британија може конечно да биде подготвена попрактично да се справи со своите најблиски соседи и најголемите трговски партнери во новата година, а тоа се земјите од ЕУ.