Точно пред две години некаде во ова време, кај нас пристигна веста дека некаде во далечен Вухан во НР Кина се појавилa некоја масовна грипна инфекција, за по еден месец да пристигне во Европа и преку Италија и кај нас, за на 11 март да биде прогласена и пандемија.
Поминавме речиси две тешки години од многу аспекти, здравствени, економски, политички, психолошки…, со еден збор општествено комплексни. Скоро цел свет влезе во економска рецесија, во некои држави и со двоцифрена негативна стапка на економски раст. Ретко видена економска рецесија истовремено во двете страни, како на страна на понудата така и на страна на побарувачката. Многумина економисти со право ја сметаат како најспецифична, а можеби и најдлабока рецесија по големата светска рецесија од 1929-1933!
Ковид-19 статистиките на глобално ниво (види Worldometer), по скоро две години, покажуваат дека 285 милиони луѓе биле инфицирани (нормално само тие што се идентификувале), а починале околу 5,4 милиони (ако се сите од таа дијагноза). Има аналитичари што на овие бројки велат дека и не се толку страшни здравствените последици во однос на светската тревога! Како релативна статистика можеби и не се страшни бројките, но луѓето не се релативни бројки туку секој поединец е екстремно вреден за себе и своите најблиски. Еден наш колега (професор) од универзитетот „Оксфорд“ се реферираше на здравствени статистики на В. Британија од пред еден месец, според кои, во В. Британија смртноста од обичен грип во претходната 2019 година дури била и поголема од смртноста од ковид-19 во 2020 год.!
Додека 2020 година од економски аспект помина со голем економски пад и со истовремен голем раст на јавните долгови, кои во блиска иднина дури може да предизвикаат и некоја следна глобална, овој пат долговна криза, оваа тековна година (2021) од економски аспект беше година на економско заздравување. Најголемите светски економии, како САД и Кина, забележуваат високи стапки на економски раст, кои толку многу притиснаа врз побарувачка, проследена и со редуцирана испорака, која дојде како шок на страна на понудата, предизвика и значително покачување на цените, посебно на стратегиските и берзанските производи.
И во регионот на Западен Балкан, во текот на оваа година, се забележаа повисоки стапки на раст од просечните, но сѐ уште не толку доволно за да ги неутрализираат минатогодишните негативни стапки. Највисока стапка на раст се очекува да се реализира во Р Косово (над 9,5) проследено од Црна Гора, Србија и Албанија.
Кај нас, барем според економските статистики од првите тримесечја во годината, се очекува стапката на раст да биде над 3,5 отсто или приближно до проектираната (4,1 проценти). Годината ќе ја завршиме скоро со идеална реализација на буџетот, барем во приходната страна, поточно според фискалните статистики за првите 11 месеци, реализацијата на јавните приходи од даноци и придонеси е 92 отсто, со што, заедно со декември, најверојатно ќе надмине 100 проценти. Трговскиот биланс, извозот и увозот се држат во добра кондиција (мошне рамномерно пораснале), салдото на платниот биланс е релативно ниско (повеќе потпомогнато од трансферите на дијаспората), девизните резерви растечки, бруто-стапката на инвестиции исто така е на релативно добра висина (над 35 отсто), кредитирањето и депозитната база (со над 8 проценти) се добри, стабилноста и профитабилноста на банкарскиот сектор исто така се во одлична состојба.
Загрижувачки се состојбите со висината на јавниот долг, инфлацијата со значајно зголемување на цените на основните прехранбени производи и посебно цените на енергентите, кои најмногу ги погодуваат социјално загрозените семејства и тие со потпросечни приходи, кои на жалост го претставуваат најголемиот број на населението и семејствата. Негативните влијанија на енергетската криза врз компаниите засега се драматични и ќе зависат од тоа колку ќе потрае таа и како истите трошоци ќе се прелеваат врз крајните цени, а со голема сигурност тоа нема да биде помалку од 10 отсто! Покрај сето ова, растечката преференција за мигрирање на младите во Западна Европа, па дури и во прекуокеанските земји сѐ повеќе преставува закана и структурален проблем на македонската економија.
Во миг на промена на години, најважно е кои се очекувањата во новата година отколку кои беа предизвиците во минато.
На глобален план има најразлични погледи, но според неодамнешните проекции на ЏП Морган (JP Morgan), најголем проблем преставува растечката побарувачка во однос на лимитирана понуда од глобалните „играчи“ (пред сѐ Кина и САД). Растот на расположивиот доход сѐ повеќе се очекува да врши притисок врз ограничената понуда, а последично на тоа е предизвикот од верижното снабдување и раст на цените на енергентите, храната и недвижностите. Сите овие трендови нема да нѐ заобиколуваат и нас како регион и земја со отворена економија.
Според мене, покрај другите стандардни предизвици поврзани со структурните реформи, неефикасното и независно судство и неефикасната јавна администрација, неуспешната борба против корупцијата, превисоката неформална економија и спречените интегративни процеси, од социоекономски аспект најважни приоритети, покрај здравствените, би требало да бидат енергетската криза, инфлацијата, а посебно цените на основните и елементарни производи, како и трендот на миграција на младите, кој станува сѐ поголем проблем и кој, на жалост, освен декларативно поинаку не се третира.
Последните две-три години, сѐ повеќе го нагласувам проблемот со асиметрија на пазарот на трудот – со вишок на понуда на профили без соодветни компетенции, посветеност за продуктивност и стабилно позиционирање на работни места имаме структурален недостиг од специфични профили, но и огромна флуктуација со преференција за миграција. Овој асиметричен геп сѐ повеќе ќе се прошири поради што многу сериозно треба да се зафатиме со реформи на средното, па и високото образование.
Здравствената и енергетската криза се добри можности за да ја научиме пропуштената лекција, која три декади никако да ја научиме – со децении запоставени инвестиции во образованието, здравството, енергетиката, екологијата и инфраструктурата (гасоводна, патна и железничка). Се плашам дека елитите никогаш нема да ги научат овие лекции, кои бараат долгорочни зафати, а тие се заинтересирани само за краткорочни (политички) ефекти.
Како заклучок, накратко преку образованието и здравството, потребни се инвестиции во човекови ресурси или човеков капитал. Без промена на начинот на размислување, на индивидуалната и општествената свест (како суперструктура), надградена со наведената инфраструктура, нема да имаме никаква перспектива ниту како поединци, а најмалку како држава и општество.