Оваа година, 2021, заминува, па затоа ќе се обидам, накусо, да ги сумирам настаните, коишто, според мене, ја обележаа годината. На глобално ниво, од повеќето предизвици, ќе се задржам на три: климатските промени, пандемијата од заразата со ковид-19 и геополитичкиот поредок. Во Македонија, повторно, од многубројните настани ќе набележам само три: 100 години од раѓањето на Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ, 30 години независна Македонија и 80 години од првата изведба на „Денес над Македонија“, чиј автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски, на пречекот на 1942 година, во Струга.
Во 2021 година, државите повторно покажаа дека неуспешно се соочуваат со климатските промени и наоѓаат решенија за проблемите што произлегуваат од нив. Екстремните временски услови доминираа во вестите во 2021 година, како, впрочем, и во поголемиот дел од изминатата деценија. Така, на пример, во 2021 година рекордна суша го погоди американскиот југозапад, екстремни поплави ги опустошија Белгија и западна Германија, епски пожари ја зафатија Грција, додека монсуните од крајот на сезоната ги опустошија Индија и Непал. На 26-та конференција на ОН за климатски промени, што се одржа во ноември 2021 г. во Глазгов, земјите ветија дека ќе преземат чекори за надминување на проблемите од климатските промени, вклучувајќи и со намалување на емисиите на метан. Но историски гледано се потврдува дека ветувањата не значат и исполнување и достигнување.
Потоа, на крајот на 2021 година се заокружуваат речиси две години од пандемијата и една година од почнатото закрепнување од неа. Надминувањето на последиците од пандемијата од заразата со ковид-19, тестирајќи ги ефикасноста на државата, социјалната кохезија и меѓународните односи, изнуди итни и сложени одлуки, особено во воспоставувањето рамнотежа меѓу државната моќ и правата на граѓаните, од една страна, и меѓу краткорочниот национален интерес и колективното глобално добро во производството и дистрибуцијата на вакцини, од друга страна. И оваа година полека заминува, а бројките се неумоливи: повеќе од пет милиони луѓе на планетата Земја и речиси 8.000 жители на Македонија починаа од ковид-19.
Во 2021 година, исто така, бевме сведоци на сѐ поприсутниот и посложен ривалитет меѓу големите сили, што прерасна во основен фактор за иднината на човештвото. Глобалната ерозија на демократските процеси и манипулациите со информациите дополнително внесуваат неизвесност во соочувањето со предизвиците поврзани со глобалната геополитика. Тие предизвици најдобро ќе се адресираат, според мене, ако големите сили вклучат различни перспективи во нивните меѓусебни гледишта, како што тоа го прави ЕУ во однос на Кина: „Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, преговарачки партнер со кој ЕУ треба да најде рамнотежа на интереси, економски конкурент во потрагата по технолошко лидерство и системски ривал промовирајќи алтернативни модели на владеење“.
Впрочем, 2021 е Година во чест на Блаже Конески, па затоа, ред е уште еднаш да се потсетиме на континуитетот на нашето духовно траење и на нашата опстојба во периодот од школата на Климент Охридски до школата на Блаже Конески, што претставуваат нераскинлив дел од нашето суштествување. Блаже Конески го заокружува процесот на стандардизацијата на македонскиот јазик, како дел од групата на словенските јазици, зачнат во 9 век, кога во употребата преовладувал старословенскиот јазик, а на кој потоа како референтен јазик во своето творештво го зел Партениј Зографски, кој во 1858 година, граматички прецизно ги опишал разликите меѓу тогашното бугарско наречје во Бугарија и Тракија и македонското наречје во Македонија, земајќи ја парадигмата на југозападните и централните народни говори, и Крсте Петков Мисирков, кој врз основа на историскиот континуитет на македонскиот јазик и современите комуникациски, културни и општествени околности, ја конципира македонската јазична преродба. За делото на Блаже Конески, академик Ќулавкова ќе рече: „Блаже Конески со своето дело ја пренесува пораката дека јазикот има стратегиски интерес за опстанокот на еден народ, за востановување една нација и една држава. Тој смета дека македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на соседите. Затоа, должност на македонскиот народ, но и на македонските државни институции е да им се спротивстават на пропагандите што ги негираат постоењето и идентитетот на македонскиот јазик и му ја одземаат стекнатата функција на главен и единствен државен јазик“.
Во 2021 година се навршија и 30 години од независна Македонија. По тој повод во МАНУ се одржа научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021 година“. Непристрасна анализа на поздравните обраќања на свечениот дел од научниот собир, како и нивниот прием и реакции кај дел од медиумите, укажуваат на два неспорни факта. Прво, и покрај различните рамки на наративниот дискурс и пристапот во обраќањата за дел од клучните прашања, сепак, несомнено е дека постои одреден степен на совпаѓање меѓу гледиштата на претседателот на МАНУ и на претседателите на Македонија, поранешните и сегашниот. Второ, реакцијата на провладините апологети беше Ad Hominem, или, со други зборови, тие не ги нападнаа аргументите во обраќањата, туку говорниците, што всушност е потврда дека аргументите не само што не се спорни туку се општоприфатени.
Ако треба да се издвои клучна порака од сите обраќања на Свечениот научен собир, но и од моите пишувања, анализи и слова, во последниве две години, тогаш таа се сведува на следната заедничка нишка: на Македонија ѝ е потребен нов фундаментален документ – „платформа“ (според зборовите на Црвенковски), „општествен договор“ (според зборовите на Иванов), или „широк, национален и државен консензус за развој“ (според зборовите на Пендаровски), при што документот треба да биде „поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција“ (Пендаровски). Но зафат од вакво значење не смее да се остави само на волјата на оние што имаат политичка моќ, туку е нужно не само да се направат консултации туку и да се вклучат академската и интелектуалната јавност.
Во 2021 година се навршуваат 80 години од првата изведба на македонската химна „Денес над Македонија“. За тоа Никола Кочоски ќе запише: „Бев поканет од мојот другар Јосиф Миса да присуствувам на новогодишната игранка во домот на Сотир Шута. Кога влегов во горните одаи на куќата пријатно бев изненаден од амбиентот во кој се пееше песната ‘Денес над Македонија’ за чие име дознав во текот на вечерта. На гитара свиреше и пееше Владо Малески. Песната ја пееше со восхит, а присутните со смиреност го следеа и потпевнуваа. За песната беа изречени многу убави зборови потенцирајќи дека во нејзината содржина е сета македонска историја и иднина. Таквата пријатна атмосфера овозможи и сериозен разговор кога за првпат бевме информирани за успесите во војната што се води против фашизмот, како и за првата вооружена акција на македонските борци со нападите во Прилеп и Куманово“.
Во пресрет на новата година, на читателите на „Нова Македонија“ од сè срце им посакувам среќна 2022 година и им пожелувам здравје, бериќет и среќа. На нашава разнебитена, подвоена, опустошена, понижена и траурна Македонија, ѝ посакувам просперитетна, демократска и достоинствена иднина. Но тоа нема да се случи ако не дојде до будење на колективниот ум, активирање на умните и мудрите луѓе на кои можеме да се потпреме и артикулација на визија, проследена со предлози за конкретни акции. Па затоа, да не чекаме утре, да го направиме тоа денес, во пресрет на новата година, како што тоа го направија нашите сограѓани пред 80 години во Струга, да се потсетиме на „Денес над Македонија“ во знак на протест поради сите оние предавници на македонскиот род, според кои „Македонците постојат од 1944-та, а Бугарите се постар народ“.
Според таткото на американскиот устав и американската демократија, Томас Џеферсон, кога неправдата ќе стане закон, отпорот е обврска. Во својот инаугуративен говор, Абрахам Линколн, во 1861 година, ќе рече: „Оваа земја со своите институции им припаѓа на луѓето што ја населуваат. Секогаш кога ќе се изморат од постојната влада, тие можат да го искористат своето уставно право да ја сменат, или своето револуционерно право да ја распарчат или соборат“. Потсетувајќи, според мое мислење, дека, сепак, времето на револуции е минато, ве повикувам, во 2022 година да направиме сѐ за да престане ова недемократско дивеење и лудило, со разумност, низ соодветните правни институционални рамки на едно демократско општество. Зошто? Затоа што „минатогодишните зборови му припаѓаат на минатогодишниот јазик, а зборовите за следната година чекаат друг глас. И, да се стави крај, значи да се направи почеток“ (Т. С. Елиот). Време е да ставиме крај на понижувачките политики и на недемократското дивеење, што се манифестираат преку распуштеното, разуздано и бесно однесување на политичарите, а да направиме почеток за просперитетна, демократска и достоинствена иднина на Македонија.
Во 2019 година предложив, во согласност со воспоставената практика при основањето на нам блиските академии САНУ и БАН, историјата на МАНУ да започне со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и кој ја означува, симболично, почетната точка во еволуцијата на македонската современа научна мисла. Време е, ако овој предлог се прифати, во 2022 година да се одбележи 120-годишнината од постоењето на МАНУ. Време е да се спротивставиме на сите обиди за демакедонизација на Македонија, оти ние не сме народ без корен, оти предците, од Свети Климент Охридски, преку Партениј Зографски, Крсте Петков Мисирков, до Блаже Конески, нивното творештвото, нивните песни обврзуваат. Или со зборовите на Блаже Конески: „Неук, си мислев: / па тие така / случајно се јавуваат. / А сега назад погледнувам, / гледам – / па тие ме обврзуваат!“ Но, да дополнам, и напред да погледнам, во 2022 година и во подалечна иднина, гледам, тие уште повеќе нас – Македонците и македонските државни институции – нѐ обврзуваат. Време е за просперитетна, демократска и достоинствена Македонија.