ФИЛМ+СОЛУНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Солун се смета за упориште на оние кои го негираат коронавирусот, што се почувствува и на Меѓународниот филмски фестивал. Антиваксерите се појавија пред киносалата „Олимпион“, на свеченото затворање на фестивалот и извикуваа непристојни зборови кон сите што пристигнуваа на настанот, и тоа само затоа што носеа маски и приложуваа потврди за вакцинација
Наш специјален известувач
Пол Каценбергер
Организаторите на Филмскиот фестивал во Солун, кој се одржа од 4 до 14 ноември, не сакаат повеќе Ковид-19 во целост да го диктира начинот на кој го организираат нивниот традиционален фестивал. И покрај тешкотиите, тие го организираа 62. издание на двата начина, со физичко, иако намалено присуство и со достапност на интернет. Таа одлука беше охрабрувачка. И, за тоа, секако, треба да им се оддаде признание што првпат по две години, овој најзначаен грчки фестивал, се потруди да се одржи лице в лице, барем во еден дел. На крајот на краиштата, пандемијата повторно претставува нов предизвик за Грција, бидејќи земјата во моментов се смета за област со висок ризик.
Посебно, што овој втор град по големина во Грција, се смета за упориште на оние кои го негираат коронавирусот, што се почувствува, и тоа како, и на Меѓународниот филмски фестивал. Имено, антиваксерите се појавија пред киносалата „Олимпион“, на плоштадот „Аристотел“, на свеченото затворање на фестивалот, каде што требаше да започне церемонијата на доделување на наградите и извикуваа непристојни зборови кон сите што пристигнуваа на настанот и кон самиот персонал. И сето тоа само затоа што публиката и организаторите носеа маски и мораа да приложат потврда за вакцинација или доказ дека прележале Ковид-19 пред најмалку шест месеци.
Како и да е, но без овие мерки фестивалот ќе можеше да продолжи само како онлајн издание, кое го имаше и годинава, но паралелно со прикажувањето на филмовите на големото платно. Фактот што многу љубители на филмот го искористија ова, од една страна, природно беше добредојдено како дополнителна понуда, но од друга страна, симултаното одржување на настанот придонесе тој да го изгуби пулсирачкиот жагор што вообичаено го карактеризира.
Се разбира, дека имаше значително помалку луѓе кои беа присутни во киносалите отколку во времето пред короната. Како што рекоа од фестивалот, тоа е од страв, особено од страна на повозрасните гледачи кои се плашат дека можат да го фатат вирусот. Да се снајдат со сите овие тешкотии и да го вратат фестивалот, барем до некои граници, како легендарен настан кој постои повеќе од шест децении, бараше многу храброст од организаторите. А таа храброст ветува подобра иднина.
Во надеж дека утрешнината ќе биде подобра од она што може да го понуди денешнината, беше и тема на францускиот филм „Мекуш“ („Softie“) на Самуел Теис, драма за полнолетството која ја освои главната награда на фестивалот, „Златен Александар“. Тоа е приказна за 10-годишниот Џони (Алиоха Рајнерт), кој можеби има лице на ангел, но неговите животни околности се далеку од божествени. Живеејќи во стара висококатница во североисточниот француски регион Алзас-Лорен со неговата пијана и крајно неодговорна млада мајка Соња (Мелиса Олекса) и двајца браќа и сестри, тој се наоѓа себеси во ситуација да носи многу поголема одговорност од онаа што може да ја понесе.
Сепак, љубезниот нов учител, господин Адамски (Антоан Рајнарц) како да носи одредено ветување. Тој ќе ја препознае интелигенцијата и емоционалната топлина на Џони и ќе сака да му го покаже новиот свет на знаење и културна различност. „Во тежок свет потребна е вистинска храброст да се биде мек“ – е реченицата која толку добро се вклопува за да го опише духот на целиот фестивал.
Жирито предводено од холандскиот режисер и сценарист, Нанук Леополд, втората награда „Сребрен Александар“ ѝ ја додели на драмата „Клара Сола“ од Костарика, инаку дебитантски филм на Натали Алварез Месен, кој ја имаше својата премиера на престижниот „Кензен“ во Кан. Филмот импресионира, особено со актерската екипа, која е претежно составена од натуршчици. Четириесетгодишната девица Клара (спектакуларна: танчерката Венди Чинчила Араја) живее во оддалечено планинско село во Костарика. Таа ги поминува деновите сосем изолирана, со посебен однос кон природата, кон растенијата, животните, инсектите. Покрај тоа, таа верува дека има посебен однос со Господ.
Но, сексуалноста на Клара, која отсекогаш била потисната од нејзината мајка, наеднаш ќе биде предизвикана од привлечноста на новото момче на нејзината внука, Сантјаго (Даниел Кастанеда Ринкон). Охрабрена од себеоткривањето, Клара постепено ќе почне да се ослободува од улогата на „светица“, што и овозможува конечно да се излечи.
„Бронзениот Александар“, пак, отиде кај мексиканскиот филм „Кутијата“. Во оваа драма на режисерот Лоренцо Вигас, кој потекнува од Венецуела и кој во 2015 година освои „Златен лав“ во Венеција за филмот „Од далеку“, од тинејџерот Хацин (Хацин Наварет) се бара да ги земе посмртните останки на неговиот татко, кои беа најдени во јама во северно Мексико. Тие му се предадени во метална кутија. На враќање дома кај неговата баба, Хацин се среќава со човек по име Марио (Хернан Мендоза), кој го потсетува на неговиот починат татко. Убеден дека тоа навистина е неговиот татко, Хацин почнува да го следи.
Марио од почеток го отфрла, но потоа го прифаќа и му нуди работа. Заедно патувааат низ Чихуаха, барајќи работници за локалните текстилни фабрики. Бидејќи Хацин е добар во математика, читање и пишување, набрзо станува вреден работник за Марио. Но, постепено станува свесен дека неговиот ментор ги експлоатира работниците во фабриката. Меѓутоа, тој не се плаши од заплашувања и закани. Па сепак, Хацин ќе мора да одлучи колку далеку би одел за и понатаму да биде блиску до Марио. Себеоткривањето беше, всушност, главната тема на годинешната компетитивна програма во Солун.
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.