Во изминатиот период, откога е почната пандемијата на ковид-19, драстично е зголемен бројот на бездомни лица во градот Скопје. За 50 отсто се зголеми бројот на бездомници што ги користат услугите во пунктот, каде што на постојните 100 бездомници пред пандемијата, стручна помош и поддршка побараа нови 50 бездомници
Во Скопје беспрекорно функционира пунктот за прием и помош на лица што немаат покрив над главата
Екстремно ниските температури што ја зафатија периодов земјава најтешко ги преживуваат оние граѓани што, за жал, немаат покрив над главата и кои времето го минуваат на отворено на екстремно ниските температури. Тоа се лица што се оставени сами на себе, кои немаат каде да се засолнат во овие денови, лица што се напуштени од роднините или, пак, воопшто немаат роднини. Во целата таа несреќа, сепак, не се сосема препуштени сами на себе. За нив веќе тринаесет години во континуитет функционира пунктот за бездомници при Црвениот крст во Момин Поток.
НА НЕДЕЛНО НИВО СЕ ОПСЛУЖУВААТ 150 БЕЗДОМНИЦИ
Пунктот за бездомници при Црвениот крст во Момин Поток, кој е отворен уште во 2008 година, тринаесетта година по ред успешно ги дава потребната помош и поддршка на една од најзагрозените категории на лица – бездомниците, за нивна успешна реинтеграција и ресоцијализација во здравите општествени текови.
Како што информираат од Црвениот крст, овој пункт е единствено место од овој тип во градот Скопје, кое на неделна основа услужува вкупно 150 бездомници, кои ги добиваат сите сервисни услуги што се нудат во овој пункт.
– Во пунктот за бездомници постои палета на сервисни услуги што ги добиваат бездомниците на дневна основа, како што се перење на валканата облека и земање нова испрана, бањање, добивање топол оброк и топли пијалаци, третман против вошливост и шугавост, медикаменти и преглед од страна на доктор, вадење на потребната лична документација, асистенции до институции од здравствен и социјален карактер, консултативен разговор со социјален работник и психолог – велат оттаму.
Во пунктот за бездомници во 2010 година е отворено привременото прифатилиште, кое се отвора при екстремно ниските температури, а се состои од машко и женско одделение, каде што и во едниот и во другиот дел можат да се згрижат по 16 бездомници, со што максималниот капацитет во стационарниот дел се 32 легла.
– При екстремно ниски температури, пунктот во Момин Поток е отворен 24 часа, во кои постојат дежурни мобилни тимови, кои во секое време се достапни при дојава на бездомник од совесни и хумани граѓани или при теренска обиколка на градот Скопје. Мобилните тимови на терен при екстремно ниски температури со патролно возило ги делат сите потребни нешта, како што се вреќи за спиење, ќебиња, топла облека, витамини, чевли, како и топла храна и топли пијалаци на бездомниците што ќе бидат детектирани на градските улици и ќе одбијат да се згрижат во стационарниот дел за преноќување – информираат оттаму.
БЕЗДОМНИЦИ НАЈЧЕСТО СЕ МАЖИ
Од Црвениот крст информираат дека бездомништвото како социопатолошка појава е менлива категорија. Според нивните информации, од демографските показатели може да се заклучи дека бездомниците најчесто се мажи (приближно 80 проценти), доминира возраста од 40 до 60 години, најголемиот дел бездомници се самци (отсуство на семејни релации), поголемиот дел од нив има завршено основно образование, професионално се пасивни лица (работат повремено и без договор), најчесто се занаетчии по занимање, како и лица кај кои постои адиктивна природа за консумирање опојни дроги, алкохол и зависност од хазардни игри.
– Хронолошки гледано, откога е отворен пунктот за бездомници, во 2008 година, вкупно со десет бездомни лица е почнато да се реализира стручна советодавна работа со оваа целна група. Економските, социјалните и политичките премрежиња што се случија во изминатите 13 години во државата извадија на површина голем број бездомници, лица што се најдоа во ситуација да не можат да ги задоволат своите егзистенцијални потреби – велат оттаму.
Како што информираат, поради горенаведените причини, сѐ повеќе лица барале помош во пунктот, за во 2012 година оваа бројка да се зголеми на 50 бездомни лица што ги користат услугите, а во 2017-та да порасне на 100 бездомни лица.
ПАНДЕМИЈАТА ГО ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА БЕЗДОМНИЦИ ЗА 50 ПРОЦЕНТИ
Поддршката за бездомните лица продолжи и со почетокот на пандемијата, па Црвениот крст преку постоење на мобилни тимови на терен дели заштитни маски, средства за дезинфекција, влажни марамчиња, медицински ракавици, како и печатени материјали со препораките од Светската здравствена организација.
– Во изминатиот период, откога е почната пандемијата на ковид-19, драстично е
зголемен бројот на бездомни лица во градот Скопје. За 50 отсто се зголеми бројот на бездомници што ги користат услугите во пунктот, каде што на постојните 100 бездомници пред пандемијата, стручна помош и поддршка побараа нови 50 бездомници. Оваа промена се должи на севкупното осиромашување на македонскиот граѓанин, со промени во неговиот работен статус (губење на работата) поради затворање на голем број компании и фирми, со што директно оваа промена влијаеше за влошување на физичкото и менталното здравје на поединецот. Вработените лица што дотогаш остваруваа месечни примања и беа здравствено осигурени, повеќе ги немаа овие привилегии. Поради оваа новонастаната ситуација, голем број лица побараа помош и поддршка во пунктот за бездомници. Лицата што дотогаш ги плаќаа своите кирии и рати за станбени кредити директно се најдоа во ситуација на безизлез. Поради постоењето на полициски час и затворањето на населението под карантин, во голема мера се зголеми семејното насилство, со што како нова поткатегорија се појавија жртви на семејно насилство што се избркани од своите домови и во изминатите три години единствената помош и поддршка ги најдоа во пунктот за бездомници – информираат од Црвениот крст.
Оттаму додаваат дека нераскинлив дел од работата и функционирањето на пунктот се и донациите од општествено одговорни компании и партнери, како и од хумани и совесни граѓани.
– Во изминатите 13 години поддржувачите на пунктот за бездомници ги препознаа тежината и сериозноста на овој социопатолошки проблем и во таа насока посветено и несебично го олеснуваат секојдневието на оваа целна група преку донација во храна, хигиена, облека, обувки, медикаменти, а уште понагласено во зимскиот период донирање топол оброк и топли пијалаци – потенцираат од Црвениот крст.
„Балкан инсајт“: Цеце Николова е херојот за 2021 година за Македонија
„Балкан инсајт“ ги избра хероите за 2021 година. Од Македонија, тоа е Цеце Николова.
Во 2021 година таа го привлече вниманието на јавноста со формирањето на невладината организација „За тебе“, со која им помага на младите луѓе што се без родителска грижа да застанат на свои нозе откако ќе им заврши периодот од животот во згрижувачките семејства.
– Сакам да им го понудам на младите луѓе што имаат потреба за вработување тренинг и курсеви и друг вид поддршка – она што јас го немав – истакна Николова.
Таа им помага на младите што стекнале полнолетство да застанат на свои нозе, бидејќи некогаш и таа била дел од згрижувачко семејство и ја немала потребната помош кога веќе зачекорила во светот на полнолетните.