Пред околу четириесет години, американските сојузници беа загрижени за тоа што ќе донесе повлекувањето на САД по настаните во Југоисточна Азија и на Блискиот Исток и дали тие ќе ги исполнат своите обврски кон другите партнери. Меѓутоа, Вашингтон не го напушти регионот тогаш, а нема ниту сега, пишува Марк Н. Кац за „Нешенел интерест“
Геополитички разврски на светската мапа
Во медиумите често можеше да се прочита или да се слушне дека позицијата на Америка на Блискиот Исток драстично се намалила, како и тамошното влијание. Но дали влијанието на Вашингтон на Блискиот Исток е навистина помало сега отколку што беше во минатото? Повлекувањето на САД од Авганистан и падот на тамошната влада, крајот на американските борбени операции во Ирак, малото присуство во Сирија и неподготвеноста да се донесат значајни политички промени таму, како и тешките односи со Турција, укажуваат на помало американско влијание во регионот отколку што постоеше во блиското минато.
Но периодот по терористичките напади од 11 септември, во кој САД воено интервенираа и формираа нови влади во Авганистан и во Ирак, а подоцна се надеваа и дека ќе поддржат позитивни промени во Либија и во Сирија, беше исклучителен период во кој САД имаа или се чинеше дека имаат многу поголемо влијание од сега. Меѓутоа, ако го споредиме американското влијание на Блискиот Исток сега со она што беше пред четириесет години, во екот на Студената војна во 1981 година, може да се заклучи дека е неверојатно слично. Во 2021 година, Америка во суштина ги има истите сојузници што ги имаше во 1981 година, и тоа Израел, Египет, Јордан, Саудиска Арабија и сите други арапски монархии од Персискиот Залив и Мароко. Иако сè уште е формално сојузник на Турција, односите на Вашингтон со Анкара сега се сложени, но така беше и во минатото.
Се разбира, споредувањето на позицијата на Америка денес со она што беше во 1981 година е донекаде непредвидливо. Ако го споредиме денешниот ден со 1976 година, наместо со 1981 година, Иран ќе беше на листата на сојузници на САД. Но ако го споредиме денешниот ден со1971 година, тогаш Египет немаше да биде на списокот на сојузници на Вашингтон, туку на Москва. Она што го покажува ова е дека ерата на Студената војна беше период во кој стекнувањето и губењето сојузници беа нормални.
Источните сили сакаат соработка со сите
Многумина од оние што го осудуваат губењето на американското влијание на Блискиот Исток укажуваат на порастот на руското влијание. Но, во споредба со минатото, враќањето на Русија не е толку големо. Во 1981 година, Советскиот Сојуз беше суперсила со доминантно влијание во Сирија, Ирак, Јужен Јемен, Либија и Авганистан. Исто така, имаше многу поблиски односи со Алжир и Северен Јемен отколку што имаа САД. Сега, наспроти тоа, Русија заедно со Иран има влијание во Сирија, а со Турција и другите држави во Либија, но има само ограничено влијание во Авганистан, Јемен и во Ирак.
Некои можеби ги гледаат врските што Москва и Пекинг ги развија со американските сојузници од Блискиот Исток како нешто за што Вашингтон треба да се грижи. Меѓутоа сега, и Русија и Кина сакаат да соработуваат со сите влади од Блискиот Исток, а не да ги ослабуваат. Се чини дека ниту Русија ниту Кина се обидува да ги натераат владите на Блискиот Исток да ги прекинат своите сојузи со САД и наместо тоа да се здружат со едната или со двете страни. Всушност, се чини дека ниту еден од големите американски ривали не сака да го замени Вашингтон како безбедносен гарант за американските сојузници од Блискиот Исток.
Позицијата на Турција
Дали Турција останува сојузник на САД, сепак, е прашање што се отвори, не само поради нејзината соработка со Москва, особено преку купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана „С-400“, наспроти силните приговори на Вашингтон. Но само затоа што сојузот на Турција со САД стана послаб, не значи дека таа станува руски сојузник. Турција, на крајот на краиштата, е во судир со Русија во Сирија, Либија, ерменско-азербејџанскиот регион, па дури и во Украина. Се чини дека Турција е заинтересирана да биде голема сила сама по себе. Ова е нешто што претставува предизвик не само за Вашингтон туку и за Москва и за нивните регионални сојузници.
Вашингтон ги има истите сојузници како во минатото
Визијата за САД како доминантна сила на Блискиот Исток, која се наметна веднаш по она што на почетокот дејствуваше како успешна интервенција на Америка во Авганистан, а потоа и во Ирак, сепак не траеше толку долго. Но Америка сè уште ги има истите сојузници на Блискиот Исток што ги имаше пред четириесет години. И сѐ додека тоа е така, Вашингтон може да остане голема сила на Блискиот Исток сѐ додека тој сака.
Сепак, некои блискоисточни сојузници на Америка укажуваат на падот на Владата во Кабул, Авганистан, и порастот на влијанието на околните држави во Ирак како на нешто што фрла сенка врз подготвеноста на САД да останат голема сила на Блискиот Исток. Но пред околу четириесет години, истите тие сојузници беа загрижени за тоа што ќе донесе повлекувањето на САД по настаните во Југоисточна Азија и на Блискиот Исток и дали тие ќе ги исполнат своите обврски кон другите партнери. Меѓутоа, Вашингтон не го напушти регионот тогаш, а нема ниту сега.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска