Во „Колибри“, во десет продолженија, ќе можете да ја прочитате серијата раскази насловени „Од детството на Блаже Конески“ на писателот и публицист Мишо Китаноски, кои, пред да бидат објавени во книга, први ќе ги објавиме на нашите страници. Во годината кога прославуваме 100 години од раѓањето на овој великан на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, ќе можете да се запознаете со детските години и растењето на Конески
ЕКСКЛУЗИВНО ВО „КОЛИБРИ“: СЕРИЈА РАСКАЗИ „ОД ДЕТСТВОТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ НА ПИСАТЕЛОТ МИШО КИТАНОСКИ (8)
Како што минувале годините, животот во Прилеп станувал сѐ потежок за семејството на Блаже. Малата плата што ја заработувал татко му Јордан ни оддалеку не можела да ги покрие трошоците на повеќечленото семејство. Затоа, излезот бил побаран во одгледувањето тутун…
При преселбата од Небрегово во Прилеп, Јордан, татко му на Блаже, купил и една поголема нива во околината на градот, на која уште еднаш, како сите прилепчани, семејството почнало да одгледува тутун, од што се добивале дополнителни средства, односно пари, од кои се покривале трошоците за живот.
Меѓутоа, неочекувано, Јордан една вечер пред сите рекол:
– Татко, обраќајќи му се на Коне, ја изгубив работата. Останав така и без работа и без плата…
Кога го слушнале ова другите во семејството, а меѓу нив и малиот Блаже, сите се загрижиле.
Што ќе правиме сега, изустила Дунавка, бабата на Блаже, а мајка му Зака, пак, со тажен глас, прашала:
– Од што ќе живееме…
Но Јордан, за да ја смири загриженоста, малку со повишен глас, сите да го слушнат, додал:
– Ништо не е изгубено, сигурно ќе се најде некаков излез. Ќе пробам да отворам дуќан…
По овие зборови сите отишле на спиење, уморни од целодневното нижење на тутунот, вознемирени и дури натажени. Само таткото Коне и синот Јордан останале да муабетат до долго во ноќта. Кога решиле да се повлечат на спиење, Коне на Јордан му кажал:
– Синко, штом си решил нека ти е со среќа, ама народот убаво рекол „за проба, пари не се земаат“. Знам дека е многу тешко сега, чаршијата опусти, народот нема пари за ништо, ама ти пробај. Ако оди – добро, ако не – клуч на врата… на дуќанот!…
Јордан уште веднаш нашол празен дуќан и отворил продавница за продавање на брашно. Но како што минувале деновите и месеците, така неговата загриженост постојано се зголемувала. Тој целосно се изменил, излегувал рано од дома, а се прибирал доцна во ноќта… Така, бдеејќи пред дуќанот и чекајќи – купувачи… А нив ги немало… Луѓето своите малку и последни пари ги чувале за лекување и нешто сосема малку да купат за дома… Имало денови кога ни еден човек не влегувал во дуќанот…
Блаже, пак, кога слушнал дека татко му Јордан ќе отвори дуќан, многу се израдувал, уверен дека ќе му помага секогаш.
И веднаш се замислил дека ќе биде добар чирак! Како што бил одличен ученик во нижата гимназија, така тој посакал да му биде уште од првиот ден и добар помошник на татка си. Затоа, Блаже едвај чекал да завршат часовите и со трчање си одел дома, веднаш седнувал да ги напише домашните задачи и да ги научи и лекциите за следниот ден, а потоа со трчање одел во продавницата на својот татко Јордан. А кога, пак, таткото ќе го видел синот Блаже како радосно трча, веднаш го пречекувал со насмевка и татковска топла прегратка. Но веднаш потоа радоста му спласнувала и се губела во тишината што царувала во празната чаршија и меѓу ретките отворени дуќани… Одвреме-навреме таткото Јордан ќе воздивнел, а потоа ќе шепнел:
– И овој ден не продадовме ни еден грам брашно!
Блаже само слушал и молчел, седнат на малото столче до татка си, а таа слика секој ден се повторувала сѐ иста… Купувачи немало… Така, една вечер, враќајќи се накај дома, Јордан на синот Блаже му рекол:
– Слушај сине, нема потреба и понатаму да го држиме дуќанот, зашто не продаваме брашно ни колку да ја плаќаме киријата!
И вечерта, Јордан му се обратил на својот татко Коне со зборовите:
– Ќе приберам сѐ што е мое во дуќанот и ќе му го вратам клучот на газдата… Доста беше, татко!
Коне, пак, онака смирено, гледајќи подеднакво во синот и внукот, додал:
– Доста беше, имаме пари уште само да ја намириме киријата… За другото ќе чекаме пари кога ќе го продадеме тутунот, што годинава убаво роди и има квалитет…
Блаже како и претходните така и оваа ноќ останал долго буден, размислувајќи за дуќанот и за татко му Јордан, но со мака што не се покажал и докажал дека и тој, иако мал по раст, може да помага во дуќанот. Да биде добро чираче…
А кога дошол денот да се ослободи дуќанот, Блаже со трчање дошол од училиштето, ја фрлил торбичката и како ветер истрчал во дворот, одејќи во дуќанот. Блаже уште од далеку забележал дека татко му е многу тажен, но сепак и овој пат двајцата се прегрнале и така долго прегрнати и стоеле… Блаже ги внел двете столчиња, а татко му Јордан ја заклучил вратата од празниот дуќан и држејќи го за рака минале низ празната чаршија. Тишината, пак, била најдобриот знак дека луѓето ги потрошиле и последните пари, а сиромаштијата чукала на многу врати… Кога двајцата во темнината влегле низ големата дрвена порта во својот двор, ги заплиснал мирис на подзасушениот тутун, нанижан и обесен да се суши, на ѕидовите од авлијата. Застанал таткото Јордан во средината на дворот и на синот Блаже му рекол:
– Ние не сме трговци, сине… Ама добро е што тутунот оваа година убаво роди, а е подобар и поквалитетен од другите години… И запомни, ние не ќе можеме да бидеме трговци, затоа ти продолжи да учиш како и досега… И верувај дека утре ќе ни биде подобро…
Таткото Јордан на синот Блаже му подари уште една насмевка, го прегрна и влегоа двајцата во одајата во која сенките на присутните се издолжувале на ѕидот… од мижуркавата светлост на ламбата…
За авторот
Мишо Китаноски е роден во Вевчани. Бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Ги објавил книгите: „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни), „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија. „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Последно негово објавено дело е збирката раскази „Прстен и парфем“.
Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици.
Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. Живее и пишува на релацијата Скопје – Вевчани и обратно.