Македонското христијанско срце повторно беше рането

Глаголење на христијанин од Македонија (3)

Моите родители Мичо и Елена, Македонци, по Граѓанската војна се протерани од регионот Македонија од Кралска Грција, во 1948 година. Тие како политички емигранти ќе се најдат во Полска – Источен комунистички блок. Роден сум во жетвар/јуни 1952 година, во Полска. Во југословенска федерална држава Македонија се враќаме во декември 1956 година.
На 24 тревен/април 1957 година станувам државјанин на федерална Македонија. Семејството со генерации ја негува православната христијанска вера.
Во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ чинот на моето крштевање го извршува митрополитот Горазд, владика на Европската епархија. Во свидетелството на Светото крштение, заведено под број на протоколот 146 , стр. 64, 1996 година, со датум 3 тревен/април 1996 година, и потпис митрополит Горазд за Европа, Македонска православна црква, „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Кум ми е Александар Прокопиев, школски другар од нашата гимназија „Орце Николов“ во Скопје. Проф. д-р Александар Прокопиев е писател и поет светски признаен за хаику-поезија. Татко му е Свето, кумановец, архитект од фамилијата на композиторот Трајко Прокопиев. Мајка му е Стевка, штипјанка, професорка по македонски јазик во нашата гимназија. Во храмот каде што сум крстен имаме посветено семејна икона „Св. отец Прохор Пчињски“, која се наоѓа од десната страна на олтарот.
Митрополитот Горазд (Богољуб Димитриевски) е роден во селото Стрезовце, Кумановско, на 21 гроздобер/септември 1936 година. Завршил богословија во манастирот „Раковица“ крај Белград и Богословски факултет во Белград (1964 година). Администрирал со Преспанско-пелагониската и други епархии. Во родното Стрезовце го изградил манастирот „Свети отец Прохор Пчињски“.

Берлин и Љубљана. 1996 година. На 16 тревен/април покана од Гојко Јаковлевски, претседател на црковниот одбор на црквата „Св. Климент Охридски“ во Берлин. Со протоѓаконот Цандовски, секретар на поглаварот г.г. Михаил, и со „благослов“ на поглаварот бевме во Берлин меѓу нашите Македонци за велигденските празници. Ги посетивме и Македонците во Хамбург. Протоѓаконот Цандовски вршеше богослужба за здравје и успех на Македонците во Германија. На 26 листопад/октомври, со протоѓаконот Цандовски се најдовме меѓу нашите Македонци во Љубљана, Порторож, Крањ, Пиран и други градови. Во тие денови со нас беше и амбасадорот проф. Д-р Димитар Мирчев, со дипломатска надлежност и пред Ватикан. Пред македонската јавност и пред нашите сонародници што ги посетив во странство ги промовирав моите книги: „Вистината за Прохор Пчињски“ (1990), „Прогонета“ (1991), „Македонија во комунистичкиот триаголник“ (1994) и „Воскресение“ (1995).
Во тревен/април 1999 година бев именуван за државен обвинител на Република Македонија, од пратениците на македонското собрание. Пред тоа бев судија од 1989 до 1999 година во нашиот правосуден систем односно суд. Во гроздобер/септември 1999 година со владина делегација бевме во посета најпрво во Торонто. Таму со наши Македонци од организацијата „Обединети Македонци“ се видовме и бевме на богослужба во велелепната црква „Св. Климент Охридски“. По неколку дена заминавме од Торонто во Детроит, Краун Поинт и Форт Вејн во САД. Домаќин ни беше митрополитот Кирил, надлежен архијереј на Американско-канадската епархија.

Денови на радост на христијанскиот македонски народ. Во престолниот град Охрид, деновите 9 и 10 листопад/октомври 1999, се избра поглавар во катедралната црква „Света Софија“. За архиепископ на Македонската православна црква е избран митрополитот Стефан. Драго ми е што лично присуствував на свечениот чин на хиротонисување на нашиот поглавар дедо Стефан.
Наредната, 2000 година ја отпечатив книгата „Св. Прохор Пчињски“. Рецензенти на книгата се поглаварот г.г. Стефан и Митрополитот г. Кирил.
Проф. д-р отец Јован Таковски во книгата направи препев на современ македонски јазик на житието на Св. Прохор Пчињски од XI и XVIII век.
Македонското општество и држава се соочи со граѓанска војна предизвикана со упад на албански екстремисти од Косово. Годината 2001 беше крвава година со човечки жртви, со рушење сакрални и други објекти. Македонското христијанско срце повторно беше рането, крвавеше во подножјето на Шар Планина. Такво нешто се случи во османлиско време, за што народот испеал песна: „Сардисале Лешочкиот манастир“.

Песната буквално гласи:
Сардисале, сардисале,
Лешочкиот манастир,
сардисале, сардисале,
арнаути слатинчани.
Сардисале, сардисале,
арнаути слатинчани.
Абре попе игумене
каде ти се комитите
абре попе игумене
каде ти се комитите.
Абре паша кузум паша,
јас комити не знаам,
а бре паша кузум паша
јас комити не знаам.
Се налутил турскиот паша,
го запалил манастирот

Екстремисти Албанци на т.н. ОНА го минираа и разурнаа манастирското светилиште соборниот храм „Св. Атанасиј“ во селото Лешок, Тетовско. Беше кренат во воздух македонскиот историски духовен и просветителски храм од XIV век.
Во дворното место на црквата беше разурнат гробот на игуменот Кирил Пејчиновиќ. Игуменот монах Пејчиновиќ, македонски просветител, преродбеник, деец и обновител на манастирот. Албанскиот национализам се покажа со лице на злосторнички фанатизам. Тоа злосторство се случи во раната зора на 21 житар/август 2001 година. За време на терористичкиот настан ми се јави тетовецот Будимир Апостолоски, уметнички копаничар. Отецот Стојко, старешина на манастирот, ги запозна за злоделата поглаварот Стефан и владиката Кирил. Со владиката Кирил утрото тргнавме кон манастирот, нѐ запреа од КФОР и ни рекоа дека манастирот е срушен од црнокошулаши Албанци и дека ако се доближиме, ќе бидеме цел. Ни кажаа веднаш да се вратиме во Скопје, а тие ја следат ситуацијата. Ние се вративме некаде откај бензинската „Петрол компани“. Владиката Кирил рече и го одржа зборот дека по година ќе го изгради манастирот уште поубав, отворен за верниците и добронамерните луѓе. На моја заложба, тие денови, за да не дојде до верска војна, меѓу христијаните и муслиманите наши сограѓани се одржа средба. Средбата беше во резиденцијата на поглаварот Стефан, со ефенди Јакуп Селимовски, Македонец муслиман, и со мене. Ефенди Селимовски имаше неподелен авторитет меѓу муслиманските верници во нашата држава и пошироко во регионот. Резиденцијата се наоѓа во дворот на старата црква „Свети Ѓорги“ под Кале, од левата страна на реката Вардар.

(продолжува)