ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид е едно од 250-те училишта од целиот свет што се закитија со престижната награда „скул оф екселенс“ (School of Excellence), во рамките на светски познатиот Проектот за климатски активности (Climate Action Project). Покрај ова училиште, беа наградени и уште три македонски основни училишта: „Крсте Мисирков“ и „Димитар Миладинов“ од Скопје, како и „Драга Стојановска“ од с. Ракотинци. Признанието го доделуваат Климатските шампиони на Картун нетворк и Проектот за климатски активности, со поддршка на ВВФ – светски познатата еколошка организација.
Целта на оваа иницијатива е да ја подигне свеста за климатските промени, со тоа што ќе ги инспирира децата, преку секојдневни активности, колективно да придонесат за зачувување на здравјето на нашата планета. Бесплатниот едукативен проект е лансиран од страна на непрофитната образовна организација со седиште во САД, во 2015 година.
Во рамките на проектот, годинава, беа вклучени 2.700.000 наставници и ученици од 146 земји, а преку најразличните активности, учениците се запознаа со климатската криза и беа поттикнати да понудат нивни автентични решенија за излез и истите тие да ги шират преку интернет. Покрај од инволвираните наставници и ученици, строгите критериуми бараа и целото училиште да биде посветено на климатското образование, што и се случи. Тимот составен од наставничките: Виолета Петковска, Наташа Неданоска, Силвана Крстеска, Татјана Лошкоска, Габриела Неделкоска, Јованка Анѓелкоска, Билјана Марковиќ Митков и Билјана Каланоска и нивните ученици, таканаречени екохерои, беа несебично поддржани од целото училиште и успеаја да бидат препознаени меѓу 13.000 училишта од целиот свет и да ја освојат престижната ознака.
Активностите се одвиваа во шест последователни недели, а секоја од наставничките ги спроведуваше во својот клас. Покрај учењето за дадената тема во реални ситуации, учениците имаа можност да развиваат и различни вештини, како истражување, размислување, изведување заклучоци, па понатаму презентирање на сознанијата со помош на најразновидни компјутерски алатки.
Сите активности и сознанија стекнати во претходниот период беа сумирани во рамките на четвртата недела, кога учениците изработуваа видеопрезентации во кои ги изразуваа своите идеи и сознанија, со цел да ја рашират пораката и да ги едуцираат врсниците, но и постарите за сериозноста на проблемот и можните решенија.
Овој проект е од големо значење и повеќе од потребен. Најважните промени ќе се направат преку едукација на учениците – пренесување информации во рамките на нивното семејство и нивната околина. Од таа причина, училиштето останува посветено на идна имплементација со големо задоволство, почит и пред сѐ обврска кон планетата Земја.