Државниот пазарен инспекторат ќе проверува дали трговците се држат до цените кои важеле на 1 декември. Оттаму апелираат граѓаните да пријавуваат кај нив, доколку забележат непочитување на мерката за замрзнување на цените
Трговците што ќе ја прекршат одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните прехрамбени производи ќе бидат казнети од 800 до 10.000 евра.
Цените на лебот, шеќерот, брашното од тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и од 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата нема да се менуваат до крајот на јануари.
Овие производи ќе се продаваат по цени што ги имале до 1 декември годинава, со исклучок на цените на привремените попусти што важеле дотогаш. Замрзнувањето на цените ќе важи во трговија на мало и во трговија на големо. Оваа недела, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, се очекуваат податоци од Државниот завод за статистика за тоа колку граѓаните плаќале за основните прехранбени продукти на 1 декември. Така ќе се добие слика што конкретно ќе значи замрзнувањето на цените за секој производ.
Од Владата велат дека одлуката за замрзнување на цените важи со нејзино излегување во „Службен весник“, кое се очекува во текот на денов.
Државниот пазарен инспекторат ќе проверува дали трговците се држат до цените од почетокот на месецот. Оттаму апелираат граѓаните да пријавуваат кај нив, доколку забележат непочитување на оваа мерка. Контролата ќе ја прават инспекторите врз основа на евиденција која трговците се задолжени да ја водат за цените.
Одлуката за определување на највисоки цени за основните прехрамбени производи, како што истакна Бектеши, може да биде продолжена и по 31 јануари следната година, ако и натаму тоа го бара состојбата на пазарот.
Македонија не е прва земја во регионот што ги замрзна цените на основните прехрамбени производи. Во Србија од 1 декември, па следните 60 дена се замрзнати цените на млекото, шеќерот, брашното, сончогледовото масло и свинското месо.
Претходно истото го направиле и Црна Гора, а Хрватска пред еден месец ги замрзна и цените на горивата. Р.З.