Кон крајот на годинава зачестија предупредувањата од разни дипломатски кругови за нови безбедносни ризици на Балканот. Од друга страна, ставот на експертите со кои се консултиравме е дека предупредувањата се во функција на подигање на тензијата пред крупните политички промени што стојат пред земјите од Западен Балкан…
Кој и какви зачини подготвува за балканскиот лонец?
Зголемена веројатност од појавување на
нови безбедносни жаришта?
Балканот, во пакет со предизвиците во поширокиот регион поврзани со руско-украинските тензии, повторно се најде во „црвената“ зона на картата за безбедносната (не)стабилност во Европа. Само неделава од двајца различни авторитети од западната воена надворешна политика беа испратени предупредувачки пораки за опасноста од појавување на нови безбедносни ризици во период кога се случуваат значајни внатрешнополитички прегрупирања во земјите од регионот.
Загрижувачко предупредување од врвот на НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека од неодамна се зголемени тензиите во Западен Балкан, вклучувајќи и во Косово и во Босна и Херцеговина, и дека Алијансата ќе продолжи да ги промовира безбедноста, стабилноста и соработката во регионот. По седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига, Столтенберг го повторил ставот дека Западен Балкан е важен регион за НАТО и ЕУ и дека сега се сведоци на загрижувачки случувања, кои се случуваат првенствено поради „реториката на поделба во Босна и Херцеговина и поради продолжување на тензиите меѓу Белград и Приштина.
– Ќе направиме сѐ што можеме за да спречиме сѐ што може да го поткопа, бидејќи ни требаат мултиетнички институции, државни институции, вклучувајќи ги и вооружените сили. Така ќе бидеме фокусирани и ќе продолжиме да работиме со БиХ – рече Столтенберг.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен беше уште подиректен, кој пред состанокот на Министерскиот совет на Организацијата на европската безбедност и соработка (ОЕБС), кој се одржува во Стокхолм, на Твитер напиша дека „лидерите во БиХ треба да отстапат од балансирањето на работ на војна и да изградат консензус за да се обезбеди подобра иднина за сите граѓани“.
Повеќето експерти во земјите од регионот дадоа свои ставови за „драматичната“ состојба за случувањата во БиХ, по неуспешните обиди за спроведување уставни реформи, како и за настаните што следуваа по заострувањето на односите меѓу Белград и Приштина околу непочитувањето на регистарските таблички на патничките возила низ косовската територија.
Ако предупредувањата се неосновани, се предизвикува спротивен ефект
Ваквите изјави поврзани со безбедноста во регионот, како што ни изјави македонскиот професор за безбедност Златко Димовски, дефинитивно влијаат на граѓаните. Како што објаснува тој, ефектот на пласирањето вакви информации, како таа што се однесуваше за „трагање по илегална група што шета низ Скопје“, е ширење страв и зголемување на недовербата кај секој граѓанин во институциите што се задолжени за безбедноста во државата.
– Информациите за нови безбедносни закани се „добредојдени“ за безбедносните служби, за подобро да се подготват за евентуалните напади. Но ако тие се покажат како невистинити, тогаш се предизвикува спротивен ефект. Сѐ што ни се пласира како наводна закана, нѐ дефокусира од актуелните политички случувања во регионот. Намерата е да се прикаже таква состојба дека нема излез и дека мора да се прифати сѐ што ни се нуди како решение во други области. Моето мислење е дека секоја земја се наоѓа во безбедносен ризик и секоја земја работи на сопствена одбрана од ваквите предизвици и закани. Реално гледано, има одреден степен за безбедносно дестабилизирање на регионот, но не се до тој степен изразени да бидат и реално остварливи. Има многу причини зошто тоа се прави во овој момент, но секако дека тие дејствуваат на намалување на довербата на граѓаните во институциите, а со тоа се дава шанса да размислуваат за обезбедување услови за подобра лична безбедност – вели Димовски.
Во Македонија веќе подолго време внатрешната стабилност на земјата и безбедносната состојба е поврзана со успехот или неуспехот за почеток на преговорите и нејзиното членство во Европската Унија.