ФИЛМ+ИНТЕРВЈУ+МИЛАН МАРИЌ

Филмот „Тома“, во режија на Драган Бјелогрлиќ, во регионот на поранешна Југославија веќе два месеца ги урива рекордите на гледаност. Повеќе од 800 илјади гледачи е резултат што ретко се гледа, а ликот на легендарниот пејач го отелотвори младиот актер Милан Мариќ

Наш специјален известувач
Вук Перовиќ

Милан Мариќ

Тома Здравковиќ беше пејач кој ја обележи претпоследната деценија на минатиот век, во една земја која веќе не постои. Сепак, неговите песни го преживеаја тестот на времето, па и денеска, оние кои ја сакаат кафеаната, лесно можат да ги слушнат во изведба на подобри и полоши кафеански бендови.

Режисерот и актер, Драган Бјелогрлиќ, долго го подготвувал филмот за Тома Здравковиќ. Но, на крајот, мораше да биде снимен за време на пандемијата и да го чека своето право време за во киносалите. Бидејќи, „Тома“ е филм кој е работен за во киносала. Премиерно беше прикажан на затворањето на годинешниот Сараевски филмски фестивал, а потоа публиката го чекаше својот момент. „Тома“ за краток период успеа да се приближи до, веројатно порано, незамисливиот број од милион гледачи. Денеска тоа изгледа многу блиску.

„Ова е навистина изненадување за сите нас“, изјави за ФИЛМ+, Милан Мариќ, актерот кој го игра познатиот пејач. „Никој не знаеше што ќе се случи, дали филмот воопшто ќе дојде во кината. Не ни размислувавме за тоа, имајќи во предвид каква беше годината. Но, тоа е првенствено знак дека сме направиле нешто добро.“

Со перика и маска Милан Мариќ заличи на Тома Здравковиќ

„Што, всушност, било најтешко? Од една страна, да одбереш по кој пат да тргнеш и да направиш филм за човекот што, на овој или оној начин, живее и денес иако веќе 30 години е мртов. Од друга страна, сите ние, ја слушале таа музика или не, ја сакале таа музика или не, имаме некој однос кон него и кон целата таа генерација на естрадата. Но, факт е дека тие песни за некого се страшно значајни, луѓето се емотивно врзани за нив, затоа што и самите негови текстови се многу конкретни и емотивни. И тогаш, се создава некаков притисок. Не мора нужно тоа да биде притисок однадвор, туку и нашето чувство на одговорност. Тука и самиот на себе си наметнуваш притисок, бидејќи чувствуваш дека ова што сега го работиме е прилично незгодно“, објаснува Мариќ за тоа со колку голема одговорност се носела целата екипа во текот на создавањето на овој филм.

Со Тамара Драгичевиќ

„Меѓутоа, она што е прекрасно во врска со филмот, е дека целата екипа, на чело со Драган, со спортски жаргон кажано, се фати со сето тоа, излеговме на терен и го оставивме срцето. И навистина беше така, бидејќи овој филм од сите нас бараше на посебен начин да излеземе од зоната на комфорот и да зачекориме на помалку познат терен, на кој никој не се чувствуваше сигурно. Првенствено, поради условите во кои се снимаше. Постојано беше присутна заканата за вирусот, за мерките кои мораа да се почитуваат, не знаеш дали утре ќе започне сетот или некој може да се разболи. Па, потоа, не знаеш дали овој филм, кој беше правен со идеја да биде емотивен, ќе успее да ја донесе и емоцијата, а не само тагата. Тоа бараше емотивен тек, кој не треба да се прекине. Тогаш донесовме одлука на овој начин да го правиме нашиот Тома, да правиме споменик, не само за него, туку за цела таа генерација, за сите луѓе кои се сеќаваат на тоа време, на таа земја, и секако на емоцијата, емпатијата, на нешто што се наоѓа во сите нас, покрај целиот тој контекст. Тоа беше идејата, за сега кога ги гледаме резултатите да видиме дека сме направиле нешто неверојатно убаво“, задоволен е Мариќ.

И навистина, „Тома“ е филм кој со публиката комуницира најмногу преку емоциите. Голем број луѓе од киносалите излегуваат расплакани. Да се постигне тоа не беше лесно, бидејќи тој пристап носи безброј предизвици. „Тоа е како со финтите. Ако се трудиш да биде смешно, ретко кога ќе биде смешно“, зборува Мариќ.
„Така е и со емоциите. Не можеш да наметнеш емоција. Гледам дека сега луѓето зборуваат за тоа, дека филмот е така осмислен да ги тера луѓето да го доживеат емотивно. Не беше така, филмот не беше така правен да тера на плачење, иако бевме свесни дека ако работиме на оваа приказна, таа мора да биде проникната со емоции. Емоцијата не е само тага. На крајот на краиштата, ние само бегаме од неа. Тоа е некоја чудна игра на самите со себе. Така го правевме и ние, и тука многу работи се одвиваа интуитивно. Сето тоа бараше и од нас да се отвориме малку емотивно, да ја пуштиме тежината да излезе. Мораше и нас малку да не боли, да не загребе приказната.“ Голема помош во тој пристап имале од страна на режисерот, Драган Бјелогрлиќ.

„Беше добро, бидејќи Драган нè пушташе, нѝ даваше простор сами да видиме каде ‘стомакот’ ќе не одведе. Па, ако тоа отиде во погрешен правец… Но, имавме можност да истражуваме, да ја пуштиме интуицијата или што и да е, да ѝ дозволиме на емоцијата да нè води“, се присетува на снимањето Милан Мариќ, додавајќи дека, всушност, било многу важно тоа што режисер е токму Бјелогрлиќ, со оглед на тоа што односот со режисерот секогаш е многу специфичен.

„Незгодно е кога треба да играте историска личност или некого кој до неодамна бил жив или и понатаму е жив. Морате да земете нешто од тој корпус на имитација, иако не мислам дека е правилно да се базира целата улога на имитација. Го гледав малку Тома, и тука многу ми помогнаа, од една страна Драган, кој ми рече дека многу работам со градите, да пробам да ги спуштам рамењата и да ја опуштам главата, да пуштам да ме повлече телото долу, во себе и така да влезам во кадарот. И така и беше. Од друга страна, Жељко Јоксимовиќ ми отвори еден поинаков пристап кон Тома. Кога отидов кај него првпат, веднаш му беше јасно кои се моите пејачки способности, но ми обрна внимание на микрофонот, бидејќи кај Тома тоа е доста специфично. Ми објасни дека Тома не го држел така микрофонот, туку се однесувал како да држи нешто многу осетливо во рака. Кај Тома како цела концентрација да беше во тој микрофон, како да е нешто многу кршливо и ако направиш нешто незгодно ќе се скрши“, објаснува Мариќ.

Играше Мариќ и на филм и во тв сериите вистински личности. Некои од нив покојни, како рускиот писател Сергеј Довлатов или Тома Здравковиќ, но и оние кои се живи, како политичарот Чедомир Јовановиќ, чија улога ја толкуваше во наградуваната серија „Фамилија“. Како да се играат таквите карактери? „Тоа не би требало да се претвори во натпревар на имитатори, што исто не мислам дека е лесно. Напротив, тоа е посебна вештина. Но, ќе беше погрешно ако тргнев по тој пат. Според мене, поважно е да видиш од каде доаѓаат тие некои карактеристики кај таа личност и на тој начин да ги ‘убедиш’ луѓето дека ти си тој. Кај Чедомир, на пример, тој има препознатлив тик или начин на зборување. Во тие детали можеш да потсетуваш со имитација. Сметам дека треба да се направи некој добар баланс, да одбереш што ќе земеш, но да го најдеш и она другото по што таа личност била препознаена, да го донесеш ‘одвнатре’“.
Милан Мариќ има интересен филмски пат. Дебитираше во 2018 година во филмот „Довлатов“ на Алексеј Герман јуниор, кој беше премиерно прикажан на Берлинскиот филмски фестивал во главната програма. Една година подоцна беше дел од програмата за промоција на млади таленти, „Шутинг старс“, на Берлинале. Играше во повеќе серии, како: „Државен службеник“ и „Фамилија“, но на главна улога во некој српски филм чекаше сè до 2021 година.

„Сега ми е малку полесно, но тоа е мојот пат. Влијаев на него со изборот на работи што сакав да ги правам, и со пристапот кој е мој. И тоа е она на кое сум најмногу горд, што се обидов да изградам некаков мој пат. Не е дека измислувам топла вода, далеку од тоа, туку тоа е пат кој ме направи мирен. Но, тука секогаш има опција, јас не сум роден на сцена, ниту во кадар. Можам да работам и нешто друго во животот. Ако веќе живеам за ова, ако уживам во тоа што го работам, ако чувствувам огромна енергија, страст кога ќе помислам на мојата работа, тогаш нека биде тоа мојот пат. Но, на тој пат не сакам никого да загрозувам, никому да му подметнувам. Тоа не ми паѓа на памет, така одбирам сам и тоа е најдобро. Дали може да биде погрешен, секако може, но на крајот, никој друг не ми влијаел и не можам никого да обвинувам за тоа. Тоа се мои одлуки, јас сум мислел дека така треба и навечер кога ќе легнам ќе си кажам, тоа е тоа. Тоа е салдото“, вели на крајот Милан Мариќ.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.