По интензивните врнежи од снег утрово, екипите задолжени за расчистување на снегот од коловозите и тротоарите постојано се на терен.
Градоначалникот Тони Коњановски, денеска изврши увид на состојбата со улиците во градот со цел иницирање на дополнителни активности, на местата каде тоа е потребно, имајќи ги предвид и ниските температури кои се очекуваат во текот на ноќта. Тој ги повика претставниците на зимската служба на организирано и координирано делување, согласно програмата која беше донесена, веднаш по неговото доаѓање, на првата седница на Советот на општина Битола, како и дополнително одржаните состаноци.
-Со цел ефикасно организирање и функционирање на зимската служба на подрачјето на општина Битола, Советот ја донесе Програмата за зимска служба за сезоната 2021/2022 година. Веднаш по донесувањето иницирав кооординативен состанок на кој побарав од сите задолжени субјекти, навремено и ефикасно дејствување на зимската служба. Денес, со првите врнежи екипите веќе работат на расчистување на улиците, а во претстојниот зимски период, очекувам уште поголема ангажираност од страна на сите задолжени субјекти – изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Механизацијата на јавните претпријатија, од утрово, работи на расчистување низ градските улици, така што нема задржување на поголеми наслаги од снег по улиците. Покрај расчистувањето, се врши и посипување со сол и ризла, а ќе бидат отворени и сливниците, со цел да се овозможи собирање на водата. Во селата Цапари и Маловишта, заради нивната местоположба веќе се интервенира со две возила, а механизацијата работи на расчистување и во селото Бистрица. По завршувањето на расчистувањето на улиците од прв приоритет, ќе се пристапи на расчистување на улиците од втор приоритет, како и дополнителна интервенција на патиштата до руралните места.
М.М.