Хрватска
Порастот на финансискиот имот на граѓаните во приморскиот дел на Хрватска, што остваруваат приходи од туризмот ја зголемува разликата во богатството со нивните сограѓани од континенталниот дел на земјата. Еден од индикаторите за економската нееднаквост на хрватските граѓани е висината на поединечните заштеди. На ниво на Хрватска, депозитите на граѓаните пер капита изнесуваат 57.555 куни, или 7.650 евра. Од континенталниот дел, градот Загреб и Загрепската жупанија се меѓу првите десет според висината на заштедите по жител. Другите седум жупании се од приморјето, чии жители остваруваат значителни приходи од туризмот и угостителството.
Најбогати се граѓаните од Истарската жупанија, а секој нејзин жител има депозит од 11.332 евра. Во Загреб просечната заштеда е околу 11 илјади евра. Следуваат четирите приморски жупании: Приморско-горанската, Дубровничко-неретванската, Задарската, Сплитско-далматинската, со депозити на жител од 10.500 до 7.444 евра.
Граѓаните во сите „туристички“ жупании во банките чувале 12,7 милијарди евра, или 41 отсто од вкупните депозити од околу 31 милијарда евра. Градот Загреб учествува со 28 отсто од заштедите, а на другиот дел од Хрватска му остануваат 31 отсто од вкупните депозити, пишува „Јутарњи лист“.