•  „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Кривогаштани

Николче Мискоски, кандидат за градоначалник на општината Кривогаштани, од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, беше одбран од страна на жителите на општината да седне на градоначалничкото место во следните четири години.
Тој истакна дека приоритет во следните четири години ќе му биде изградба на локален пат с. Славеј – с. Заполжани, изградба на улици во населените места во општината, изградба на мост на реката Црна во селото Бела Црква, како и изградба на локален пат Славеј – Боротино.
Тој исто така нагласи дека ќе работи на изработка на техничка документација и приклучок на експлоатациски бунар во селото Обршани, реконструкција на потисен цевковод од пумпната станица кај селото Славеј до Кривогаштани, како и изработка на техничка документација и изградба на доводен цевковод од приклучна шахта на регионалниот водовод Студенчица кај с. Бело Поле до бунарско поле во с. Славеј. Што се однесува до канализацискиот систем, Мискоски нагласи дека ќе работи на доградба на канализациска мрежа и изградба на пречистителна станица во с. Бела Црква и Воѓани, изградба на канализациска мрежа и пречистителна станица Обршани и доградба на канализациска мрежа с. Славеј.
Ниту спортот нема да одмине од приоритетите за реализација. Ќе се изгради спортска сала во с. Обршани и ќе се реконструира фудбалското игралиште во Кривогаштани.
Што се однесува до образованието, ќе се догради и реконструира училишната зграда во с. Врбјани, а ќе се промени покривната конструкција и ќе се изгради ЕЕ-фасада на училишната зграда во с. Бела Црква. Тој вети и промена на покривна конструкција и изградба на ЕЕ-фасада на училишната зграда во с. Крушеани и изградба на ЕЕ-фасада на уличната зграда во с. Боротино. Тој најави и реконструкција на старата училишна зграда во Кривогаштани, уредување на општинската конгресна сала, изградба на пристапен пат до манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, санација на пристапен пат до локалитетот Врбјанска Чука, како и санација на пристапен пат до локалитетот Петочница.
Советот на Општина Кривогаштани е составен од 11 члена, од кои шест се од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, а пет се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Како и во пошироката околина, така и во Кривогаштани се одгледуваат разни култури. Најзастапен е тутунот, а се одгледуваат и пченица, јачмен, овес, сончоглед, пченка, пипер, кромид, грав, компир и друго. Во Кривогаштани се наоѓа еден од најголемите сточни пазари во Македонија.


Василево

Жителите на општината Василево својата доверба за градоначалник му ја дадоа на Славе Андонов, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Како што истакна тој, главен проблем во сите населени места се канализациските системи, а токму тоа и ќе биде негов приоритет. Андонов нагласи и дека во првите сто дена ќе донесе одлука за субвенции за изведба на термофасади и субвенции за клима-уреди. Исто така ќе се фокусира и на реновирање на постојните повеќенаменски игралишта, а населените места Висока Маала и Дукатино конечно ќе добијат вода за пиење.
Советот на Општина Василево е составен од 14 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, осум советници од СДСМ и коалицијата и петмина советници од Левица.
Општината Василево е лоцирана во Струмичката Котлина. Според географската положба, живописната и плодородната Струмичка Котлина, во која се наоѓаат и населените места од општината Василево, го зафаќа најјугоисточниот дел од земјава, допирајќи на југ и на исток до државните граници со Грција и Бугарија. Котлината е заградена со планинските венци на Беласица, Огражден, Готен, Еленица и Плавуш, кои, всушност, ја дефинираат големата струмичка област.


Велес

Велешани својата доверба на неодамнешните локални избори за тоа кој ќе ја предводи општината во следните четири години му ја дадоа на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Марко Колев.
Како што истакна тој, има многубројни приоритети на кои во следните четири години ќе се фокусира, а ексклузивно за „Нова Македонија“ ги одбра најприоритетните, меѓу кои се изградбата на катна гаража и плоштад во централното градско подрачје и изградба на велосипедски парк околу Велес, како и реконструкција и санација на мостот кај Башино Село.
Советот во Општина Велес е составен од еден советник од ДУИ, 11 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, осум советници од СДСМ и коалицијата и тројца советници од Левица.
Велес е атрактивно туристичко место. Покрај езерото Младост, кое иако не е традиционална летна туристичка локација, сепак голем број граѓани топлите летни денови ги користат за да го посетат и да се разладат, Велес го посетуваат туристи од целиот свет поради античкиот град Стоби.
Велес е и една од лулките на македонската култура. Тој е град на голем број македонски преродбеници, револуционери, писатели и поети. Тој е град на првата библиотека, првата гимназија, првото музичко училиште, како и првиот музеј. Градот е карактеристичен по својата типична велешка и староградска архитектура. Велес е еден од индустриските центри на Македонија и значаен трговски, транспортен и економски центар.


Пласница

Општината Пласница на локалните избори го доби својот нов градоначалник од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Алија Јаоски беше изборот на жителите да седне на градоначалничкото место и да ја предводи општината во следните четири години.
Јаоски истакна дека почиста животна средина, поквалитетен живот за живеење, модерна општина и подобрување на квалитетот во образовниот систем и темелно преуредување на здравствениот систем се само дел од приоритетите на кои ќе се фокусира во следните четири години. Тој исто така нагласи дека приоритет ќе бидат сите работи што ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот.
Советот во Општината е составен од пет советници од ДУИ, двајца советници од СДСМ, еден од Демократската партија на Турците и еден од Партијата за движење на Турците.
Пласница се наоѓа во областа Долно Кичево. Сместена е на неколку километри од регионалниот пат Кичево – Македонски Брод. Од градот Македонски Брод, местото е оддалечено 11 километри, додека од градот Кичево е оддалечено 18 километри. Селото е ридско, на надморска височина од 660 метри.
Пласница е големо село, сместено во долината на малата Пласничка Река, која е десна притока на реката Треска. Северно од селото се наоѓа плодно поле околу Треска, додека на југ се наоѓа падината на планината Баба Сач, каде што се наоѓаат пасишта и шуми.