Синдикатите во Црна Гора се пред донесување одлука за одржување на првиот генерален штрајк на вработените што се противат на донесување на спорните измени во врска со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. На јавната расправа завршена минатата недела претставниците на Собранието на Сојузот на синдикати и главниот одбор на Унијата на слободни синдикати останаа на своите цврсти ставови дека ќе се бара граѓаните да се изјаснат на референдум за овој закон или, во спротивно, ќе организираат генерален штрајк. Неколку грански синдикати веќе ја најавија можноста за генерален штрајк доколку Владата на ЦГ го испрати во парламентот законот без да се прифатат нивните предлози, кои претходно беа отфрлени од работната група за подготвување на новите законски решенија, објави весникот „Вијести“.
Владата смета дека за одржувањето на пензискиот фонд се потребни построги услови за заминување во пензија. Затоа се предлага за полна пензија да се исполнат двата услова – 40 години стаж и 65 години живот. Доколку не се исполни ова, осигуреникот може да замине во пензија со 67 години живот и најмалку 15 години работен стаж, а порано доколку се стекне право на инвалидска пензија. Исто така, се предлага и намалување на бенефицираниот работен стаж, а се предлагаат и построги услови за стекнување семејна пензија. Сите овие мерки се бараа од Меѓународниот монетарен фонд.
Синдикатите предложиле четири услови, за кои велат дека нема да отстапат. Тоа се 40 години работен стаж или 65 години живот, основицата да се пресметува со 20 најдобри години од стажот, како и да се зголемат најниските пензии на 80 отсто од минималната заработка, односно на 55 отсто од просечната плата, кога старосната пензија се остварува врз основа на 40 години стаж.
Минималната старосна пензија сега изнесува 125 евра, а од синдикатите забележуваат дека на сегашниот минимален износ на заработувачка од 193 евра, минималната пензија би била 154 евра. Доколку се прифати предлогот за минимална плата да изнесува 250 евра, минималната пензија би била 200 евра.